Зафирчев, македонскиот Онегин

Фотографии: Данчо Стефков, фотоархива на Театар „Џинот“, Велес

Фотографии: Данчо Стефков, фотоархива на Театар „Џинот“, Велес

Претставата „Евгениј Онегин“, која пред година и половина ја доживеа својата премиера во велешкиот театар, беше огромно освежување за репертоарот во Македонија. Главната улога во оваа претстава ја игра еден од најголемите таленти на современото македонско глумиште Васил Зафирчев. По многуте изведби и значителната временска дистанција од премиерата, Зафирчев во интервју зборува за себе и за својот лик.

Да се игра улогата на Евгениј Онегин е голем предизвик. Како психолошки ја апсорбиравте информацијата дека треба да го сотворите овој лик?

Со предизвикувачка возбуда и занес од творечката провокација што ја нуди ликот, но и со вознемиреност од намерата да се театрализира грандиозноста на самото дело, чија постановка, всушност, претставуваше негова праизведба на македонската театарска сцена. Зашто, гледано и во светски рамки, „Евгениј Онегин“ почесто е поставуван во форма на балет и на опера, а поретко како драмска претстава, токму поради неговата комплексност. Во творечка, естетичка и продукциска смисла навистина е голем предизвик од роман во стих со временска рамка на дејствието од 8 години да создадете концизен и консеквентен театарски чин. Претстава што ќе трае не повеќе од два часа и која логички ќе ја следи основната линија на приказната и нејзините главни точки. А, притоа, активно ќе го задржи вниманието на публиката и ќе го задоволи нејзиниот хоризонт на емоционално и на естетско доживување.

Која е критичната точка во психолошкото и во сценското оформување на ликот на Онегин?

„Онегин е секој од нас, или сите ние сме Онегин, барем во еден точно одреден и зададен животен момент“

Онегин во својата драмска структура е прототип на антихерој врз основа на кој се напишани сите подоцнежни ликови во светската драматургија. Особен психо-емотивен хабитус со исклучително богата биографија, која самиот Пушкин ја разработува до детаљ. Човек со богат и интензивен внатрешен живот. Отсуство на емпатија, но и постојан немир, меланхолија и жал. Улога што бара посебен актерски пристап и третман, особено во психо-емотивните валери на внатрешните атмосфери и расположенија на ликот, но и во неговите говорни партитури. Во моето сценско промислување на Онегин критична точка е токму сознанието за пропуштената можност во љубовта и болката што неминовно доаѓа по неа. Таа најголема и најстрашна животна вистина.

Во претставата во неколку наврати видовме една современа варијанта на ликот. Возможно ли е негово осовременување или, пак, станува збор за едноставна универзалија?

Ликот на Онегин може да се гради само по принцип на внатрешна духовна вертикала. Токму затоа е и универзален во своето значење и толкување, без оглед на културната или естетичката одредница. Современиот контекст во претставата произлегува само од актуелноста на одредени состојби, процеси и појави евидентно присутни и тогаш, а и денес. Детерминантите на неговата потрага по себеси се вистината, од една страна, и лажниот морал и лицемерието на светот во кој живееме, од друга страна. Во средина е инфантилната природа на неговиот карактер во која се корените на сè она што подоцна го дефинира како човек и како маж, особено во поимањето на љубовта како најголем и најзначаен животен феномен. Тоа се, всушност, детерминанти на секоја една потрага по себеси. На секој човек секаде во светот. Стигањето до себеси, впрочем, е главната смисла на животот воопшто.

Со какви тешкотии се судривте додека во себе го креиравте ликот на Евгениј Онегин?

Со неминовна духовна криза и емоционален конфликт со себе. Судир со мојата лична природа во намерата докрај да го засакам, да го прифатам и со сопственото актерско промислување на сцената да го оправдам Онегин, во целата негова суштина како природа и како принцип на размислување, чувствување и дејствување.

Колку ви помогна биографијата на Пушкин во восприемањето и во креирањето на ликот?

Психолошкото и сценското оформување на Онегин не дозволува имагинативна и креативна слобода во биографијата на ликот, зашто таа е детаљно, прецизно и точно зададена од самиот Пушкин. Но, затоа, пак, бескрајна е слободата во изнаоѓањето на изразните средства и постапки за толкување на нејзините суштини и значења, како и нивната корелација со времето денес. Онегин е еден од ретките ликови што покрај прецизната драмска структура бара и прецизна драматургија на сите други сегменти од неговото сценско суштествување, какви што се просторот, костимот и реквизитот.

Дали можат да се најдат точки во кои Зафирчев и Онегин се поклопуваат?

Звезда Ангеловска: Македонка со руска душа - Интервју

Повеќе во естетичкиот, отколку во етичкиот профил на ликот. Повеќе во социолошкото и културолошкото воспитување отколку во природата и психо-емотивната зададеност. Но, најмногу во изградениот однос кон убавото и кон возвишеното.

Постои ли универзален Онегин, без разлика на времето и на местото?

Онегин е толку универзален во сопственото значење, што суштествува надвор од времето и од просторот, надвор од секаков обид за негова контекстуализација. Онегин е секој од нас, или сите ние сме Онегин, барем во еден точно одреден и зададен животен момент. Момент во кој забораваме дека не сме поголеми од животот. Животот е секогаш поголем од нас. Таа понизност кон неговата големина човек никогаш не треба да ја заборави. 

За претставата слушнавме и прочитавме единствено позитивни критики. Вие, како длабоко самокритичен актер, почувствувавте ли дека некаде не сте го дале својот максимум?

Како уметник не сакам да се занимавам со претпоставени или однапред зададени реперни точки за нагоре и повисоко, туку само со сензациите што одредени творечки процеси ги предизвикува навнатре и подлабоко. Само така се создава можност секој творечки процес да стане суштински и животно важен дел од личното и од творечкото созревање на еден уметник. Затоа, успешноста во остварувањето на улогите ја дефинирам само според силината на трагата што ја остава во мојот живот. А Онегин преврте цел еден живот во мене.

Што очекувавте и што добивте од оваа улога?

Не очекував ништо, а добив емоционална катарза, прочистување на духот и на телото од баластите на животот, редефинирање на основните принципи и начела во кои човек треба да верува и во име на кои вреди да се жртвува. Исклучителен творечки процес и уште поголемо сценско уживање, кое само ме донесе поблиску до себеси, до моето вистинско и најсуштинско „јас“.

Ќе продолжи ли да живее Онегин во Вас?

Секогаш, зашто, едноставно, ја делиме истата верба во истите животни вредности.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.