„Русија на Евровизија ќе ја претставам достоинствено“

Годинава Русија на Евровизија ќе ја претставува Дина Гарипова, која го доби прекарот „руска Адел“. Извор: Руслан Рошчупкин / РИА Новости.

Годинава Русија на Евровизија ќе ја претставува Дина Гарипова, која го доби прекарот „руска Адел“. Извор: Руслан Рошчупкин / РИА Новости.

Оваа година на Евровизија ќе се натпреваруваат учесници од 39 земји. Русија на изборот во Малме ќе ја претставува победничката на музичкото шоу на Првиот канал „Голос“ Дина Гарипова.

Вечерва на првото полуфинале Дина Гарипова, победничката на музичкото шоу на Првиот канал „Голос“, ќе излезе на сцената на „Малме арената“ со песната „What If“, која претставува убава и романтична балада. Песната специјално за Дина ја напишаа два шведски автора – Габриел Аларес и Јоаким Бјорнберг , во соработка со Русинот Леонид Гуткин, поранешен басист и флејтист на арт-рок-групата „Автограф“, која беше популарна во Русија во осумдесеттите години од минатиот век. Наспроти стартот на првото финале, Дина Гарипова ни одговори на неколку прашања. 

На Евровизија секогаш има многу официјални случувања, настани, навивачи... Не ви го одвлекува ли таа атмосфера вниманието од подготовките за полуфиналето? 

Атмосферата во Малме е прекрасна! Се чувствувам како некоја хероина од книга од детството. Интересно ми е сè што се случува – и средбите со учесниците што веќе ги знам и новите средби. Многу ми е интересно и тоа како е организиран самиот избор, оти порано сум го гледала само на телевизија. 

На Евровизија се организираат и официјални забави на земјите-учеснички (пред полуфиналето Дина ги посети скандинавската и белоруската забава – заб. А. А.). Како решавате на која забава ќе одите – ги одбирате оние што ви се најсимпатични? 


Ние се стремевме настапот да го направиме колку што е можно поубав, без да го оптоваруваме. 

Дина Гарипова

Ние одиме на сите забави на кои сме поканети. Секако, ако тоа ни го дозволува времето, зашто распоредот во Малме е прилично исполнет. Мислам дека, за жал, нема да успееме да направиме руска забава... 

Се здруживте ли веќе со некој од соперниците? 

Пред сè не би сакала никого да наречам соперник. Ние, во прв ред, сме колеги: сите си ја сакаме својата работа и тоа нè обединува. Веќе се запознав со учесници од повеќе земји: од Шведска, од Украина, Белорусија, Данска, Холандија, Белгија, Ирска, Молдавија... Можеби заборавив некого да споменам?! Како го минуваме слободното време? Шетаме низ Малме, оти е многу убав град. 

Веќе на пробите во Малме во вашата песна „What If“ се случија измени, а и Вие го сменивте вашиот темен фустан на светол, кој многу убаво Ви стои. Сега во вашата песна сè е со стил, сè е академско и убаво. Дали се стремевте токму кон ваков впечаток?

Темниот фустан беше наменет само за видеоспотот. Ви благодарам за комплиментот за мојот нов фустан, тој е не бел, туку корално бел. Ние на почетокот сакавме за настапот да направиме сè да биде во нежни тонови. Доколку нашиот настап кај вас остава токму таков впечаток, тогаш многу сум среќна за тоа! Ние се стремевме настапот да го направиме колку што е можно поубав, без да го оптоваруваме! А, згора на тоа сакавме да биде и светол, каква што беше замислата на нашиот шведски режисер Микаделика. Се надевам дека сè ќе биде како што треба! 

Верувате ли дека ќе победите? 

Се надевам дека ќе можам да настапам достоинствено! Имам огромна поддршка од мајка ми – кога е таа до мене, се чувствувам многу поспокојно. Многу сум ѝ благодарна и, секако, благодарна сум ви и Вам за поддршката и за вербата! Тоа ми дава сила!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња