Што ветува тринаесеттата година

Карикатура: Нијаз Карим.

Карикатура: Нијаз Карим.

Пред сто години, како и сега, светот бил цивилизиран, среќен и богат. До почетокот на светската војна, која однесе десетици милиони животи, останувала уште една и пол година.

Магијата на бројките не дејствува на секого, иако ако сакаме, споредувајќи ги историските епохи, кои се оддалечени една од друга со заокружени временски интервали, секогаш може да се најдат паралели. Особено кога станува збор за почеток не векот, период кога светот обично се наоѓа во несигурна состојба на транзиција. Оние што го фатиле СССР убаво помнат дека до периодот на „развиениот социјализам“1913 година  се сметаше како за појдовна точка, со цел да се покаже колку е далеку отидена земјата на чело со советската власт. Во седумдесеттите години од минатиот век споредбата веќе беше апсурдна, иако датумот се појави не случајно. 1913 година беше врвот на развојот на Руската империја, кој беше прекинат веќе следната година со Првата светска војна. По неа следуваа и други потреси, од кои сè уште не можеме да закрепнеме. Денес царскиот дом на Романови помпезно ја одбележува 300-годишнината од доаѓањето на престолот...

Всушност, оваа година не е работ на карпата само за Русија. На Балканот веќе активно се војува, сè уште локално, без директно вовлекување на големите држави, но се собира голем куп дрва и потребна е само искра.  

Сè уште младата Кинеска Република се тресе: политички убиства, преврати, востанија. Во Мексико за една година неколку пати е сменета власта. Во САД заклетва дава Вудро Вилсон, претседателот кој набргу ќе ја издигне Америка на глобалната арена, со донесувањето одлука да се вмеша во војната во Европа, а по неа ќе предложи воспоставување либерален светски поредок, кој во тој момент е непотребен ниту за светот, ниту, пак, за неговата земја. Во пресрет на неговата инаугурација во Вашингтон се одржуваат акциите на протест на суфражетките за еманципација, што претставува увертира на битките за рамноправност на ХХ век. Американската војска под команда на Џон Першинг крвнички го задушуваат востанието на Филипините, при што се убиени повеќе од 2000 луѓе. Во Париз се одржува Арапскиот конгрес, на кој учесниците – арапски националисти – ги разгледуваат перспективите на Отоманската империја, која почнува да се распаѓа. Махатма Ганди, идниот гробар на Британската империја, а во тоа време правник во Јужна Африка, започнува со активно учество во борбата за граѓански права, предводејќи го движењето на рударите со индиско потекло. 

Во ретроспектива многу од настаните се чинат како да се од Бога, но тогаш ретко кој можел да предвиди кон што води сето тоа. Стариот свет се обидува да не го забележува доаѓањето на катастрофата, иако облаците се згуснуваат уште од крајот на претходното столетие. И денес, на прагот на 2013 година, ги претчувствуваме идните промени, но како и секогаш, не можеме да кажеме кој од настаните ќе ја променат историјата.

2013 година предвидува продолжување на арапската обнова, која добива сè позастрашувачки форми.

Ако пред сто години бурето барут било на Балканот, тогаш сега тоа се наоѓа на Блискиот Исток. 

Продолжува горчливиот спор во Сирија, под директен удар се наоѓа Јордан, каде смената на власта е сè поизвесна, палестинскиот проблем преминува во друга фаза, кога прашањето за вистинска држава е всушност затворено. Египет се консолидира под начелото на „Браќа-муслимани“. Сè што се случува е со боите на конфронтацијата на свете гранки на исламот – сунитите и шиитите. И тука е очигледна паралелата со Балканот, каде националистичкото и национално-ослободителното движење секогаш било богато зачинето со религиозни мотиви. 

Во случајов, Блискиот Исток нема да стане детонатор на светска војна, како што беше случајот со Балканот пред сто години. Парадоксот е во тоа што при сета опасност од експлозија на ситуацијата на Блискиот Исток, основната линија на геополитичките тензии не лежи тука, ами во Источна Азија и во Тихоокеанскиот регион. Односите помеѓу САД и Кина, двете најголеми светски држави, кои се наоѓаат во состојба на чудна симбиоза – политичко, а постепено и воено соперништво во состојба на неразделна финансиско-економска заемна зависност – ги определуваат перспективите за стабилност во светот. Всушност, светска војна е невозможна и тука благодарение на нуклеарното оружје, смртоносен пронајдок од минатиот век, кое, сепак, ги натера политичарите многу посериозно да мислат за последиците, одошто во 1913-1914 година. Затоа, иако заканите-2013 се многу поразнообразни и понесфатливи, одошто во 1913, светот извлече некакви поуки од ХХ век.

Блискиот Исток нема да стане детонатор на светска војна, како што беше случајот со Балканот пред сто години. 

Ерозијата на правила и на чувството за опасност, небаре се фрлени во ветар, е она заедничката нишка на светот и тогаш и сега, исто како и непостоењето верба дека е можно да се направат непоправливи штети. Во еден од последните декемвриски денови на 1913 година Рајнер Марија Рилке му пишува на својот австриски другар од Париз: „Еве ја суштината на моите желби за 1914, 1915, 1916, 1917 итн. Година. Спокојство и мирен живот со блиските луѓе на село“. До светската војна, која ја уништи старата добра Европа, останувале помалку од осум месеци.

 

Авторот е главен уредник во списанието „Русија во глобалната политика“, претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика. За прв пат статијата е објавена на руски јазик во списанието „Русија во глобалната политика“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.