Извор: Alamy / Legion Media.
Денот на седумгодишната Алиса Чупова започнува во девет часот наутро. По појадокот ова девојче најпрво се занимава со краснопис: пишува во тетратката за калиграфија. Покрај неа е мајка ѝ, која внимава ќерка ѝ правилно да ја држи раката и да ги пишува линиите на буквите. Потоа следува часот по читање. Денес, според планот ќе обработиме неколку страници од необичната книга „Шумски весник‘‘ од Виталиј Бјанки. Потоа следува гимнастика.
Околу 13 часот, Алиса и мајка ѝ одат во зоолошкиот музеј за навистина да видат како изгледаат тие препелици, еребици и јастреби, за кои толку интересно пишува Бјанки. Во работните денови во музејот нема многу луѓе, така што никој нема да пречи во индивидуалниот час по запознавање со природата.
Здравствените проблеми често се поврзуваат со домашното образование, но Алиса, за среќа, нема такви проблеми. Таа не оди во редовно училиште зашто нејзината мајка се определила за т.н. домашна варијанта на образование. Оваа практика е легитимна, пропишана е како во постоечкиот Закон за образование, така и со нацртот на новата верзија на истиот закон, кој може да се најде на Интернет страницата на Министерството за просвета и наука на Руската Федерација. Правото на избор им останува на родителите.
Растот на популарноста на домашното образование во Русија е импресивен: во 2008 имало 11 илјади домашни ученици, а денес нивниот број е зголемен за десетпати.
Во САД во домашни услови се образуваат повеќе од 2 милиони деца. Истражувањата покажуваат дека успешноста на оние што се школувале независно и што не оделе на училиште се движи и до 50%.
„Дома можам да му го испланирам денот на детето во согласност со општите семејни потреби“, вели мајката на Алиса, Екатерина Чупова. „Ако е позгодно со ќерка ми да одиме на базен наутро, кога има малку посетители, тогаш најдобро е така и да се стори, а потоа да се дојде дома и да се помине делот од наставната програма. Во работните денови и музеите се послободни, нема толпа, така што преку ден може поспокојно да се поминат и да се анализираат сликите и експонатите. Алиса ја усвојува училишната материја со она темпо кое нејзе ѝ одговара. Нема потреба да ја тераме на нешто или вештачки да ја забавуваме.““
Сепак, и во домашното училиште мора да се помине задолжителната наставна содржина. „Не треба да мислите дека домашното образование е секогаш толку идилично. Понекогаш ќе треба да го приморувате детето да направи нешто. Постои училишна програма и тоа мора да ја усвои. Понекогаш тоа може да биде многу покомплицирано, одошто кога детето оди на училиште “, заклучува Екатерина. „Одговорноста е најважна. Во случаите кога детето оди на училиште, ние ја делиме одговорноста со наставн иците, а понекогаш и ја симнуваме од себе.‘‘
Во Република Македонија, според постојниот закон, не е предвидена можноста за домашно образование, но во определени случаи, кога станува збор за здравствена или друга спреченост, наставата се организира во болници или во други центри.
Секако, на родителите кои решиле да го образуваат детето самостојно, неопходна им е помош од стручњаци. Поради тоа, на некои педагошки факултети во Русија се отвораат специјални курсеви за мајките и за татковците. Неодамна е одржана презентација за една таква програма на Московскиот педагошки институт за општествени науки. Советите на стручњаците за родителите-наставници се достапни и преку Интернет.
Главната опасност на која укажуваат противниците на домашното образование е можниот неуспех во понатамошната социјализација: Детето што е ограничено на кругот на семејството нема да успее да се осамостои кога подоцна во животот ќе мора да комуницира со непознати луѓе. „Домашната варијанта на образование е опасна поради тоа што детето не стекнува доволно социјални навики‘‘, предупредува Елена Кутепова, заменик директор на Институтот за интегративно образование на Московскиот градски психолошко-педагошки универзитет. „Обичното училиште или обичната градинка подразбираат изградба на однос на децата со деца и со други возрасни. Таквите односи не се формираат во семејството. Тоа е голем минус.‘‘
Децата кои се образуваат дома често одат на разни секции и во детски здруженија. Сепак, според зборовите на Кутепова, ваквите институции поттикнуваат поинакви, полесно изградливи видови односи. Несомнено е дека и ваквите активности помагаат децата да се интегрираат во општеството. Меѓутоа, според нејзините зборови, првото чувство на одговорност се формира исклучиво во образовното опкружување на училиштето.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче