Зошто Москва е против создавање трибунал за МН-17

Жена фотографира остатоци од паднатиот авион на Малезија Ерлајнс МН17 во близина на селото Грабово, Донецка област

Жена фотографира остатоци од паднатиот авион на Малезија Ерлајнс МН17 во близина на селото Грабово, Донецка област

Ројтерс
Во Советот за безбедност на ОН се појави судир во врска со прашањето за создавање трибунал за истражување на падот на малезискиот Боинг над Донбас. Новата дебата е закажана за 27 јули.

Во Советот за безбедност на ОН се појави судир во врска со прашањето за создавање трибунал за истражување на падот на малезискиот Боинг над Донбас. Новата дебата е закажана за 27 јули. Украина, Малезија, Австралија, Холандија и Белгија го повикаа Советот за безбедност итно да основа трибунал за пронаоѓање и за казнување на виновниците за оваа трагедија. Русија се спротивстави на идејата, повикувајќи се на непостоењето на такви компетенции на Советот за безбедност и на необјективниот карактер на спроведувањето на истрагата за авионската несреќа. Експертите сметаат дека прашањето е премногу политизирано, а виновниците биле „посочени“ пред време.

Русија е против избрзано донесување на резолуција од страна на Советот за безбедност на ОН за создавање трибунал за истрага на падот на Боингот МН-117 во јули 2014 година. „Доколку предлогот биде ставен на гласање, јас не гледам шанси овој проект да биде прифатен“, изјави постојаниот претставник на Русија при ОН Виталиј Чуркин. Ваквата позиција на Москва предизвика остра критика, која досегна дури и до обвинувања за тоа дека Русија се обидува да избега од одговорноста.

Сепак, Москва не е против суд за виновните, со оглед на тоа дека пред една година таа ја поддржа резолуцијата 2166 која бараше да се спроведе сестрана и независна истрага за трагедијата. Затоа таа се сомнева во „пропагандистичка политичка игра“ во која сакаат да го втурнат Советот за безбедност, и настојува на тоа дека станува збор за обично злосторство, за чија истрага не е потребно создавање меѓународен трибунал, повикувајќи се на „закана за меѓународниот мир и безбедност“. „Малезија и другите земји самите признаваат дека станува збор за кривично дело, а Советот за безбедност никогаш не донесувал никакви одлуки за истрага на кривични дела“, појаснува Виталиј Чуркин.

Руските официјални лица потсетуваат дека случаи на уништување цивилни авиони имало и претходно, но ОН никогаш не создавале специјални трибунали за нивна истрага. „Доколку се создава меѓународен трибунал, тогаш во негова јуриздикција треба да влезат сите случаи во кои со примена на оружје биле соборени цивилни авиони. Многу добро се знае кој го собори и авионот на компанијата Сибир, и иранскиот авион“, објаснува за медиумите претседателот на комитетот за меѓународни работи на Државната Дума Алексеј Пушков. Како еден од примерите тој го наведе уништувањето на иранскиот патнички авион во 1988 година од страна на вооружените сили на САД, како и паѓањето на рускиот авион во 2001 година, кој беше погоден од украинските војници.

Според некои експерти се случува политизирање на прашањето за паѓањето на МН-117. „Авионската несреќа и уништувањето на авионот не претставуваат закана за мирот и безбедноста, односно тоа не влегува под Декларацијата на ОН, според која можат да се создаваат вакви трибунали, - вели за 'Руска реч на македонски' доцентот на катедрата за политичка теорија при Московскиот државен институт за меѓународни односи Кирил Коктиш. – Затоа, веројатноста дека трибуналот ќе се претвори во политичко шоу е мошне висока, а целта на ваквото шоу е да се засили меѓународниот притисок врз Москва“.

Сомнеж во објективноста

Освен тоа, на фонот на општиот негативен однос кон РФ, Москва има основа да се сомнева во објективноста на спроведувањето на истрагата. „Руските специјалисти, всушност, беа одбиени да имаат рамноправен и целосен пристап кон материјалите што ги поседува меѓународната група за техничка истрага“, појаснува руското МНР.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров излезе со барање на руската страна да ѝ бидат достапни сите податоци. „Тргнуваме дека само по тоа може да се одржи првично разгледување на прашањето за одговорноста на виновникот и можеме да се договориме за тоа кои се оптималните форми за такво нешто, со цел да не се злоупотребуваат функциите, прерогативите и авторитетот на Советот за безбедност на ОН“, рече тој.

„Сега постои проблем со базата на докази, зашто постојат само индиректни траги, нивниот целосен список се држи во тајност, не се определени непосредните извршители, а не се испрашани ниту сите сведоци“, смета доцентот на Вишата школа за економија, политикологот Дмитриј Офицеров-Бељски. Експертот, исто така, потсетува за сосема негативниот однос на Западот кон РФ и идеализацијата на киевските власти. „Мошне е тешко во сегашната ситуација да си претставиме дека европските политичари се подготвени да го обвинат официјален Киев“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.