Големиот муслимански празник Курбан Бајрам доаѓа по едномесечните пости, во кои верниците преку ден се воздржуваат од храна, од вода, од сите пороци, но и се воздржуваат од интимни контакти. Деновите на постот со себе носат и можно проштавање на насобраните гревови во текот на годината. Секако, дали е сето тоа доволно ќе реши само Бог, а ќе се дознае на Судниот ден. Но, сега е многу поважно радувањето на овие празнични денови. Сепак, дури и во радоста и во празнувањето не треба да се заборави на молитвата и на добрите дела што треба да се прават.
Она што е многу важно за овој празник е секако милоста кон сиромашните верници. Во Македонија е распространето на сиромавите да им се помага во текот на целиот пост и за време на празнувањето на Рамазан Бајрам. Обично ним им се дава храна, а за време на празникот богатите ги канат кај себе оние што не можат да си дозволат богата и вкусна трпеза и ги гоштаваат. Оваа традиција постои и во Русија, но таа најчесто се применува во помалите населени места, а особено во селата. Секако, во големите градови е тешко да се организира гоштавање на сиромасите, но затоа постојат други начини. Сите муслимани во Русија кога одат на молитва во џамија за време на постите се задолжени да донираат средства за сиромасите. Интересно е тоа што прилогот не може да биде под одредена сума. Секако, сè што е над оваа сума е добредојдено. Џамијата ги собира овие прилози и потоа им ги дели на своите сиромави парохијци.
Во Русија се знае точно како се прават подготовките за големиот празник. Четири дена пред Рамазан Бајрам започнува генералното чистење на домот и на дворот. Во руралните средини се прави и генерално чистење на сиот имот: се чистат шталите, кокошарниците, се уредуваат бавчите, а, исто така, стопаните ги бањаат и сите животни што ги поседуваат. Не се чисти единствено оружјето што се поседува, зашто во вакви празнични денови треба да се заборави на сето зло што тоа може да го донесе со себе. По повеќедневното чистење на домот сите членови на семејството мораат да се избањаат, да облечат чисти алишта, да се исчешлаат, да ги исечат ноктите. Исто така, постои верување дека за празникот мажите треба да ги избричат своите бради, мустаќи и зулуфи. Во Македонија, секако, се средуваат и се чистат домовите. Она што е навистина интересно е што особено внимание се обрнува на влезот од домот, како од внатрешната така и од надворешната страна.
Трпезата е, секако, главниот објект на секој голем празник. Вечерта пред празникот домаќинките се зафатени во кујната. Традиционално се подготвуваат слатки од источната кујна. Во Македонија традиционално се подготвува баклава или шеќер-паре, додека во Русија најпознати се јаболката со ориз, мед од лубеница и ролат со ореви. Во руската средина се смета дека Рамазан Бајрам е празник на слатките, па затоа најголемо внимание им се посветува ним. Од главните јадења во Русија најчести се оние во кои се користи овчо месо: овчи ребра со сос од грав, гулаш од овчо со лимонов сок, рагу со овчо и лук, овчо со сос од рен, татарски пилав... Во Македонија, пак, овчото место не е толку распространето како во Русија, така што се прават традиционални балкански јадења што содржат пилешко или телешко месо.
Храна секогаш има во изобилство. Но, не се готви само за домашните. Најчесто се разменува храна со роднините, со блиските и со соседите. Овој обичај во Русија се нарекува „во домот да мириса на храна“. Сепак, во секој имашен дом се води сметка да има храна и за сиромашните. Во Русија се смета дека изобилството на трпезата за време на Рамазан Бајрам означува дека ќе има изобилство во домот и во следната година.
И во Македонија и во Русија задолжителна за овој празник е утринската молитва. Во Македонија постојат мноштво помали џамии, па секое семејство си има омилен храм што неговите членови најчесто го посетуваат. Она што е мошне интересно во Русија е молитвата во мегаполисите. Во Москва, на пример, е прифатена традиција на колективна молитва, на која на улиците во близина на џамиите секоја година се собираат над сто илјади луѓе. Најголемата молитва посветена на овој голем празник е на територијата на Соборната џамија, која се наоѓа на авенијата „Мир“. Секоја година на ова место се собираат повеќе од 250.00 луѓе, кои со молитва го започнуваат славењето на Рамазан Бајрам.
По молитвата, и во Русија и во Македонија, целото семејство се собира на трпезата и се гоштава. По едномесечните пости овој богат ручек е вистинското нешто за секој муслиман. Во Русија постои и уште еден интересен обичај, кој во Македонија е останат главно кај муслиманите од турската националност. По ручекот тие одат на гробишта за да ги посетат и да им оддадат почит на нивните починати блиски и да поседат на нивниот гроб. Исто така, во Русија се верува дека по посетата на починатите на едно место треба да се собере пошироката фамилија, оти се смета дека така во нивниот дом за празникот доаѓа душата на починатите. Во ваквите денови роднините треба да бидат колку што е можно повеќе заедно и што повеќе да се сплотат.
За време на четиридневната прослава на празникот, во Русија се организираат панаѓури на кои присуствуваат познати пејачи, танчари, забавувачи. За децата секогаш се организираат разни куклени претстави и други забавни игри. Луѓето си даваат подароци едни на други, а блиските си разменуваат од слатките. Најчесто овие народни веселби се прават во близина на некое езеро или на некоја река, па доколку празникот паѓа во летните денови, како што е случајот оваа година, прославата се одвива на свежина. За време на овие панаѓури постојано се слушаат песни, музика, луѓето се смеат, пеат и танцуваат. Прославата продолжува длабоко во ноќта...
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче