Никој не е како Ми-26

РИА Новости
„Руска реч“ ви ги претставува најнеобичните товари што ги има превезено хеликоптерот Ми-26.

Во 2015 годинa Русија планира да произведе 7-8 хеликоптери Ми-26 со најголема носивост на светот, и тоа во различни модификации, вклучително и за странски купувачи. Производителите на Ми-26 констатираат дека на светскиот пазар на хеликоптери расте побарувачката на тешки хеликоптери со голема носивост. И покрај тоа што над 30 години верно ѝ служи на руската армија, Ми-26 и понатаму е ѕвезда на авиосалоните поради својот грандиозен габарит и неограничената можност за превезување секакви товари.

Чинук

„Летечките крави“, како што го нарекуваат пилотите Ми-26, поседуваат огромен список заслуги. Овие хеликоптери беа во Сомалија, во Камбоџа и во Индонезија, а на територијата на поранешна Југославија беа користени во рамките на мировните операции на ОН, гасеа пожари во Грција...

Ми-26 им помага дури и на вооружените сили на САД. Командата на НАТО ја ангажираше руската авиокомпанија „Вертикала-Т“ за да ѝ обезбеди транспорт во Авганистан со помош на хеликоптерите Ми-26.

Имено, во авганистанските планини во 2002 година беше погоден американски воен товарен хеликоптер СН-47 Чинук. За да не ја оптоваруваат статистиката на борбени загуби, Американците решија да го изнесат хеликоптерот од фронтот и да го испратат на ремонт. Поправката на хеликоптерот е скапа, но многу е поважно извештајот да биде „чист“, зашто не би се сметало дека хеликоптерот е погоден доколку се испрати на поправка. Најтешкиот дел од работата беше да се евакуира оштетената техника. Најпрво Американците се обидоа самите да го подигнат хеликоптерот со помош на ист таков Чинук, но безуспешно. Мораше да им се обратат на Русите.

На руските пилоти им беа потребни три часа за да го прикачат Чинукот со сајли за својот Ми-26 и со таков товар да прелетаат 400 километри до воздухопловната база во Баграм, притоа да направат и уште две попатни слетувања за дополнително полнење гориво.

Ту-134

Со хеликоптерот Ми-26 на 2 февруари 2012 година беше транспортиран Ту-134, најкабестиот советски млазен авион. Ту-134 го имаше завршено својот работен век и требаше да се транспортира од Санкт Петербург на полигон во Нижни Новгород, со цел специјалните служби да вежбаат антитерористички операции со него.

За хеликоптерот да го крене „Свирчето“ (така го нарекуваат Ту-134 поради карактеристичниот звук на моторот) требаше најпрво да се отстранат моторите од авионот и да се потсечат крилјата. Но, дури и во „потсечена“ варијанта распонот на крилјата беше речиси 30 метри, а тежината на трупот на авионот над 40 тони. Освен тоа, мошне е ризично да се превезува ваков необичен товар на надворешната подврска на хеликоптерот: доволен е и најмал удар од ветар, па товарот што е закачен на сајлата да почне самостојно да „едри“ низ воздухот.

Ми-26 од првиот обид успеа да го одлепи од земја авионот Ту-134, но мораше да лета со опашката напред, зашто поради ветрот никако не можеше да го сврти трупот на авионот. Сепак, пилотите по извесно време успеаја да го исправат авионот, така што транспортот помина во стандарден режим, доколку не се смета затворањето на трасата „Санкт Петербург – Псков“, поради безбедноста на возачите. Поради овој необичен „дует“ автомобилите стоеја во колона, а возачите не можеа да сфатат кој кого превезува, зашто хеликоптерот Ми-26 според своите димензии е неспоредливо помал од авионот Ту-134.

Ми-26

Во мај годинава хеликоптерот Ми-26Т изведе оригинална транспортна операција: практично се превезуваше себеси. На надворешната подврска на хеликоптерот имаше труп од ист таков Ми-26, тежок 14 тони, кој требаше да биде транспортиран од Јошкар-Ола во Ростов на Дон поради ремонт. Не постоеше друга алтернатива за превезување на огромниот труп на Ми-26. „Летачките крави“ се единствените што во воздух можат да подигнат товар со вакви димензии и со ваква тежина.

„Операцијата за транспортирање на трупот на хеликоптерот траеше девет дена“, вели старешината на тимот „Росвертољ-Авиа“, Валериј Чумаков, чија изјава ја пренесува службата за односи до јавноста на „Вертољоти Росии“ („Хеликоптери на Русија“). „Маршрутата се протегаше преку Чебоксари, потоа преку Уљјановск, Саранск, Пенза, Саратов и Волгоград. По пат времето се менуваше, се изредија сите годишни времиња – од зима до лето, но немаше никакви тешкотии. Работам на Ми-26Т над 15 години и со сигурност можам да кажам дека овој хеликоптер е создаден за вакви операции како ниту еден друг“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња