Со лансирањето на вселенските бродови „Сојуз-19“ од космодромот Бајконур и „Аполон“ од Канаверал на 15 јули 1975 година беше направен првиот заеднички вселенски лет на екипажи од различни земји. Идејата за заедничка вселенска мисија е на претседателот на САД Ричард Никсон. СССР и САД требаа да разработат јазли за поврзување и да ги адаптираат системите за радиоврски за да можат да си помогнат во случај на несреќа во вселената.
Во 19 часот и 12 минути на 17 јули 1975 година советскиот вселенски брод „Сојуз-19“ со Алексеј Леонов и Валериј Кубасов се спои со американскиот вселенски брод „Аполон-18“, каде се наоѓаа астронаутите Томас Стафорд, Венс Бренд и Дик Слејтон. Така беше создадена првата меѓународна вселенска станица.
„Со ова беше покажано дека на Земјата и во вселената е можна мирна соработка. Вселенските бродови од различна класа, создадени според различни технологии, лансирани од различни точки на Земјината топка можат да бидат споени во вселената“, го коментира овој историски настан за „Руска реч на македонски“ космонаутот на РФ, херојот на Руската Федерација, началник на Центарот за подготовка на космонаути (ЦПК) Јуриј Лончаков.
Како започна: вотка во бродот
Во шеесеттите години од минатиот век заемната соработка на советските и на американските „космички“ научници беше ограничена само на средби на меѓународните конференции. За првпат СССР и САД ја дискутираа можноста за спојување на пилотирачки вселенски бродови во октомври 1970 година. По две години земјите потпишаа спогодба за заеднички лет во вселената според меѓународната експериментална програма „Сојуз-Аполон“ и ги започнаа подготовките.
За првпат научниците и космонаутите од СССР и од САД извршија заедничка подготовка на екипажите за лет во вселената не само на својата база, туку и на базата на партнерот. Постоеја пречки поради јазичната бариера и ограничувањата што тогаш постоеја поради тајноста.
Сепак, по спојувањето мразот беше скршен. На бордот космонаутите најдоа заеднички јазик, па дури и се шегуваа еден со друг. На пример кога веднаш по спојувањето екипажот се собрал, командирот на „Сојуз“ Алексеј Леонов на сите им дал туба на која пишувало „Вотка“ и предложил според руската традиција да се напијат пред јадење. Американците со сомнеж се погледнале, зашто тоа не било дозволено, но потоа се согласиле. Во тубите немало вотка, ами боршч – Леонов подготвил самолепливи етикети уште на Земјата.
Ѕвездени екипажи што не спијат во космосот
Кога „Сојуз“ веќе бил на стартното место, специјалистите виделе дека откажал телевизискиот систем на бродот. Веќе во орбитата нашите космонаути добиле инструкција од ЦУП за ремонт на комутацискиот блок. Космонаутите работеле цела ноќ. Излегува дека спиеле ниту Американците: ним им се заглавила игла во механизмот на агрегатот за спојување, што било пречка за астронаутите да минат од „Аполон“ во „Сојуз“ – историската средба можела и да не се случи„ Сепак, бессоната ноќ не била за џабе – обата екипажа успеале да ги отстранат проблемите.
На ова влијаеле искуството и првокласната подготовка на советските и на американските космонаути. До овој лет Алексеј Леонов, командир на „Сојуз“, за првпат во светот излегол во отворен космос од вселенскиот брод „Восход-2“. Томас Стафорд, командир на „Аполон“ во повеќе наврати извршувал маневри за приближување на вселенските бродови „Џемини-6“ и „Џемини-9“, а исто така летал околу Месечината 31 пат.
За време на експерименталниот лет „Сојуз-Аполон“ екипажите ги исполниле сите основни задачи од програмата: ги зближиле и ги споиле бродовите, направиле премин на членовите на екипажите од еден во друг брод, започнала заемна соработка на Центрите за управување со летовите, ги спровеле сите планирани заеднички научни експерименти. „Ракување во космосот“ – под овој назив експедицијата „Сојуз-Аполон“ е позната во сиот свет, и се чини дека ова е еден од најважните политички настани на епохата и почеток на соработката помеѓу двете космички држави во вселената.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче