Петте најинтересни дестинации во Ивановската област

Патувања
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
На оддалеченост од 300 километри од Москва ќе се најдете во старата трговска Русија. Живописни пејзажи, пријатни стари цркви, локални народни занаети од кои ви запира здивот.

1. Иваново

Едноставно е невозможно да се заобиколи главниот град на регионот. Веднаш штом ќе се симнат од возот, љубителите на архитектурата ќе ги привлече железничката станица, еден од најмаркантните примери на конструктивизмот од 1930-тите, згора на тоа и неодамна реконструирана. Во Иваново нема да наидете на мноштво симпатични црквички како во другите градови во околината, но ќе наидете на споменици на архитектурата на советската авангарда. Бројните активни и реконструирани текстилни фабрики и шивачници од советската ера му даваат на градот некој посебен индустриски шмек, па затоа не е чудно што го нарекуваат „руски Манчестер“.

Не пропуштајте да ја видите најстарата градба, камената Шчудровска палата од XVII век, еден од локалните симболи кој сведочи за архитектурата пред Петар Велики.

2. Палех

Се вели дека во Палех секој осми жител е уметник. Во минатото овој град бил познат по својата школа за иконопис.

Палешката минијатура е лесно препознатлива, а се карактеризира со мноштво исцртани до детаљ шари и елементи.

Меѓутоа, по револуцијата од 1917 година, палешките иконописци беа принудени да се преориентираат на сликање лакирани кутии со сцени од народните бајки и револуционерна тематика.

Посетете го локалниот уметнички музеј каде што можете да се запознаете со развојот на палешката народна уметност на сликање, како и еден од приватните уметнички салони во кој денешните мајстори на стариот занает ги продаваат своите дела.

Не треба да ја одминете ни црквата „Воздвижение на светиот крст“ со светловиолетовите куполи декорирани од локалните занаетчии и барокниот иконостас.

3. Шуја

Шуја важи за духовен (и душевен) центар на регионот.

На бреговите на малата река Теза се наоѓа една од главните знаменитости на градот, Воскресенскиот собор изграден на почетокот на XIX век и неговата камбанарија висока 106 метри (највисоката одвоена камбанарија во Европа). Шуја е еден од првите градови каде болшевиците ја започнаа својата борба против религијата, поради што на плоштадот пред црквата е поставен споменик на настраданите за верата.

Во Шуја можете да прошетате по трговските улици и подобро да се запознаете со она по што е познат градот.

4. Кинешма

Во минатото Кинешма бил богат трговски град и еден од центрите на текстилната индустрија, а живописните локални панаѓури со многу народ ги овековечи на своите платна Борис Кустодиев. Така, денес можете да талкате по улиците со часови разгледувајќи ги старите трговски куќи.

Главната улога сепак овде ја игра Волга. Можете да уживате во долгите прошетки на брегот, гледајќи ја реката и бродовите, а на убаво време можете да се одлучите и за пикник.

5. Пљос

Најпознатото гратче во Ивановската област, своевидна идеална руска провинција. Брегот на Волга, црквички од сликите на Исак Левитан, чудесни пејсажи, мали дрвени куќички, со еден збор, прекрасни глетки.

Ви препорачуваме да дојдете малку порано, додека не надојде река туристи, да се искачите на Соколинска гора и да уживате во речните пејзажи. Задолжително пробајте ги „рибните фишеци“, неверојатно вкусни пити со чадена риба. Вистински локален деликатес.