Во руски стил: Дрвени куќи како од бајка (ФОТО)

Куќа со змеј, Јарославска област

Куќа со змеј, Јарославска област

Legion Media
Некои луѓе во Русија сè уште живеат во вистински „изби“, традиционални руски селски куќи од дрво. И тоа какви! Си изградиле вистински палати за себе.

Куќата на ковачот Кирилов, Свердловска област

Малото село Кунара е познато ширум Русија по необичната куќа која му припаѓа на семејството на ковачот Сергеј Кирилов. Кирилов работел на уредување на куќата од 1954 година до крајот на животот. Домот го красат резбарени прозорски рамки, шарени цветни орнаменти, фигури со советски симболи: пионери, црвени платна со пароли „Мир за светот“, а во центарот на куќата е профилот на Владимир Илич Ленин.

Мајсторот почина во 2001 година, а во куќата денес живее неговата вдовица Лидија, која секогаш со задоволство примаше гости. Во 2018 година, на иницијатива на локалните новинари, властите ја прогласија куќата на Кирилов за објект на културното наследство на регионот.

Куќата на столарот Калошин, Нижегородска област

Во Нижегородската област се наоѓа селото Пурех, познато по своите куќи со изрезбарени прозорски рамки и фасади. Многу жители на Пурех порано работеле во локалната фабрика за мебел и се вешти во работата со дрво. Најинтересните куќи може да се видат во улицата „Луговаја“.

Оваа зелена куќа со фигури на елени припаѓа на семејството на столарот Николај Калошин. Тој почна да ја уредува својата куќа во раните 70-ти, а благодарение на патниците и блогерите, за него знаат во цела Русија. Почина пред неколку години.

Куќата на столарот Шестеперов, Нижегородска област

А во близина на куќата на Калошин има уште една вистинска палата во која живее столарот Константин Шестеперов и неговото семејство. Тој има речиси 90 години. На сината фасада можат да се видат бајковити птици и морски животни. Според мајсторот, украсувањето на домот траело повеќе од три зимски месеци.

Куќа со змеј, Јарославска област

Оваа куќа во селото Дурасово од 80-тите е на столарот Николај Крилов. Сонувал да биде уметник и тука го оствари својот сон. Со свои раце смени речиси сè во куќата: најпрвин на покривот изгради веранда што ротира за гостите да можат да уживаат во погледот на околината. А во 2011 година постави и Змеј Горинич со железна крлушка: „Пред тоа две години поминав изработувајќи ги главите. Иако воопшто не морав да го обликувам телото: избирав такви парчиња дрво што подоцна можев само да ги наредам“, рече мајсторот. Во очите на змејот ноќе светат црвени светилки.

Куќи на староверци, Бурјатија

Во Бурјатија се наоѓа селото Тарбагатај во кое живеат потомци на староверци. Припаѓа на Здружението на најубавите села на Русија. Кога некој ќе дојде на ова место, може да доживее неверојатен контраст во однос на другите бурјатски села во кои живеат претежно будисти. Староверците се населиле во Тарбагатај во 18 век, а денес има дури и етнографски музеј посветен на историјата на селото. Но, уште поинтересно е да се погледнат тукашните дрвени куќи. Дури и новите куќи се обоени во светлосини, зелени и жолти тонови и украсени со капаци со растителни орнаменти. Постарите селани во староверските семејства сè уште носат облека и украси од старо време.

Куќа-бајка, Свердловска област

Населбата Висим е родното место на рускиот писател Дмитриј Мамин-Сибирјак. Но, освен тоа, љубопитните туристи во ова место ги привлекува и една дрвена куќа преполна со ликови од бајките. Му припаѓа на Виталиј Черепанов, кој работеше како металостругар во Нижни Тагил, а во пензија со сопругата купи куќа во мирното село Висим и почна да работи со дрво. Од трупци прави јунаци од бајките и од советските анимирани филмови. Тука се мудриот Мачор, поштарот Печкин, лисицата од басната на Иван Крилов што чека гавранот да го испушти сирењето. А за својата сопруга Черепанов направи дрвена кочија!

Чипкаста куќа, Ивановска област

Чипкастата куќа во селото Сојмици е изградена во 60-тите години. Ја направи Константин Муратов. Уште во советско време таа беше една од најпрепознатливите куќи во областа. Новинарите од водечките весници ја фотографираа. Муратов беше сточар во месниот колхоз, а вечерите ги поминуваше во својата работилница. Изрезбарената фасада на неговата куќа потсетува на ледени шари на прозорците со прикази на птици и риби од руските бајки. Кога ја украсуваше куќата, соседите го молеа да помогне и во украсувањето на другите куќи во селото. Така Муратов направи повеќе десетици прозорски рамки. По смртта на мајсторот во 2011 година, во куќата живее неговата вдовица Алевтина.

Куќа на колхозници, Ивановска област

Оваа куќа, изградена во советско време, припаѓа на семејство работници во колхозот во малата населба Палех. Ова место е познато како татковина на посебна техника на лакирана минијатура, а најпопуларна професија овде и денес е сликарската (официјално секој осми жител на населбата така заработува за живот). Во Палех можете да видите вешто обоени куќи, стари и модерни. Куќата со чипкаста резба на фасадата се појави овде во 80-тите и се смета за локална знаменитост.

Куќата на мајсторката, Тјуменска област

Мајстори за дрво во Русија не се само мажите, туку и жените. Наталија Макарова е мајсторка од градот Јалуторовск, која кон средината на 90-тите ја украси својата куќа со дрвени лебеди и изрезбарени прозорски рамки. Ете какви мајстори живеат во руските села!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња