Север во Русија не е секогаш географски поим. Тоа често има врска со историјата или дури и со економијата.
Што замислувате кога читате за Рускиот Север? Веројатно огромни дрвени куќи, стари величествени цркви, густи шуми преполни со боровинки и арктички малини, студени реки со карпести брегови. Сè на сè, така и е. Но, најважни се луѓето кои живеат таму.
Архангелска област на Русија
Legion MediaПрвично поимот Руски Север настанал на крајот на XIX век во записите на архангелскиот губернатор како ознака за културата на луѓето на северозападот на Русија. Потоа терминот се користел во литературата и научните истражувања. Жителите на Рускиот Север навистина се поврзани со заедничка култура и начин на живот, посветени се на зачувување на старите обичаи и имаат сличен говор, таканаречено „окање“, односно, изговараат „о“ дури и кога не е под акцент (според правилото на рускиот јазик, неакцентираното „о“ се изговара како „а“).
Соловецки острови
Јулија Леонтјева/Getty ImagesОсвен тоа, имаат слична кујна (најчесто едноставни и хранливи јадења од риба) и слични занаети. Многу од жителите на Рускиот Север се потомци на Поморите (или модерни Помори).
Територијално, тие ги населуваат бреговите на Баренцовото и Белото море, како и на реката Северна Двина. Границите на Рускиот Север не секогаш се совпаѓаат со административните граници на руските региони. Тие делумно ги опфаќаат Архангелската, Мурманската, Јарославската, Кировската, Ленинградската област, како и републиките Карелија и Коми и Ненецкиот автономен округ.
Напуштената црква „Св. Петка“, Кенозерски национален парк, Архангелска област.
longtaildog/Getty ImagesНа Рускиот Север во целост му припаѓа Вологодската област, а градот Вологда се смета за срцето на оваа културолошка регија.
Поимот „Краен Север“ настанал во СССР во 1930-тите за да се означат реоните со тешки услови за живот. Главен критериум била отежнатата пристапност, немањето сообраќајна врска со другите региони во текот на целата година. Покрај тоа, тука владеат вечен снег и лед, почвата не е плодна, а зимите се долги.
Таквите реони вклучуваат територии надвор од Северниот поларен круг, Далечниот Исток, дел од Урал, некои реони на Јужен Сибир (оддалечените населби на Тува и Алтај). И иако географски не се сите на север, на законодавно ниво му припаѓаат на Крајниот Север. Така што излегува дека Крајниот Север зазема околу 70% од територијата на земјата!
Анадир
Андреј Зима/SputnikИ покрај таквата огромна територија, на Крајниот Север живеат помалку од 12 милиони жители, односно само 7% од населението на Русија. Но, за нив се предвидени специјални програми за поддршка. Ова го вклучува таканаречениот „северен коефициент“ (додаток на стажот), дополнителен одмор, плаќање на превоз до местото на одмор еднаш на секои две години, платена преселба за одење на работа во реоните на Крајниот Север.
Салехард
Александар Рјумин/TASSИсто така, секоја година во пресрет на зимската сезона (која започнува на средината на есента или порано), државата организира „северно снабдување“. Во оддалечените реони се префрлуваат енергенси, лекови, прехранбени производи, стока за секојдневна употреба. Се разбира, има и приватни добавувачи.
А под Заполарје се подразбираат токму областите северно од поларникот. Меѓу нив се териториите на Мурманската област, Ненецкиот автономен округ, Јамало-Ненецкиот автономен округ, северот на Краснојарскиот крај (градот Норилск), градот Воркута во Република Коми и други. Тука спаѓаат како деловите од копното, така и голем број острови во Северниот Леден океан, вклучувајќи ги и ненаселените.
Мурманск
Medvedkov/Getty ImagesПреку Арктикот минува Северниот морски пат, односно најкраткиот пат меѓу Европа и Азија преку Северниот Леден океан. Исто така, тука се наоѓаат богати резерви на пресна вода и руди. Покрај Русија, поларни територии поседуваат САД, Норвешка, Канада и Данска. Горната граница е Северниот Пол, а димензиите на секторите и правата на користење на водните површини се регулирани со меѓународни конвенции.
Норилск
Светлана Шевченко/SputnikПокрај тоа, на почетокот на 2000-тите во Русија беше воведен поимот на Арктичка зона. Тоа е посебна економска зона каде инвеститорите имаат одредени поволности. Нејзе ѝ припаѓаат, освен областите на Заполарјето, и некои територии јужно од Северниот поларен круг, на пример, градот Архангелск.
Варзуга
Евгениј Шелковников (CC BY-SA 4.0)Се разбира, во Русија има и такви места кои се наоѓаат зад Северниот поларен круг во оддалечените региони, а ги чуваат старите руски обичаи. Тоа се, на пример, старите села Осино и Великовисочное во Заполарниот реон на Ненецкиот автономен округ, основани во XVI век. Во Мурманската област тоа се селата Умба и Варзуга, основани кон средината на XV век.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче