Онаму кадешто завршува тундрата започнува зоната на арктичките пустини, најсеверниот природен екосистем на планетава. Тоа не е бескраен песок како во пустините на југ, ами мраз и снег кои се протегаат до самиот хоризонт. „Северниот пол отсекогаш ми изгледал далеку, таинствено, студено, дури и поопасно од космосот“, вели современиот руски писател Евгениј Гришковец, кој летото 2021 година беше на поларна експедиција. „Искрено, реалноста ги надмина сите мои очекувања. Тоа е место кадешто сонцето не заоѓа, ами се движи околу вас, тоа е врвот на светот!“
„Тука зимата со снег трае од септември до мај, а зимата без снег од јуни до август“, вели Игор Петрења од чукотското село Билингс, кој веќе неколку месеци работи како заменик директор на локалното училиште.
Во Билингс, кој се наоѓа на брегот на Источносибирското море живеат помалку од 200 луѓе. Сите тие се занимаваат со традиционалните работи на староседелците или работат во метеоролошката станица. До административниот центар, градот Певек, има околу 400 километри. А, наоколу пустелија.
Овие краишта се сметаат за најнеповолни за живот. Замислете само снегот да не се топи во текот на целата година и само налето температурата да ја надминува нулата. Поларната ноќ трае четири месеци, а налето ја заменува поларниот ден. Поради непостоење на растителен свет и близината на океанот од којшто дуваат силни ветришта, едноставно нема каде да се скриете.
Во август, кога е „најтопло“, никогаш не е повеќе од 10 степени. А, на почетокот на септември веќе паѓа снег кој останува преку целата зима. „Но, сепак, тукашната клима ми се допаѓа“, вели Игор. „Не сакам жештина. А, тука времето е токму такво“. Меѓутоа, признава дека му недостасуваат шумите.
Арктичката пустина е сродна со јужната пустина не само по тоа што е станува збор за целосна рамнина без дрвја и грмушки, ами и по сувиот воздух, кој јад поларниот круг е дури и посув одошто на југ.
Една од интересните особености на арктичката пустина е силна електризација. „Можете да се ракувате и ќе ве удри струја, а можете усб-то да го земете од некој друг и притоа тој да се загрее, а меморијата ќе 'прегори'“, вели Игор. „Кога ќе седнеш на столот на работно место, најпрво треба да допреш некој метал, на пример, радијатор или греалка, за да се ослободите од напонот, а дури потоа можете да работите со глувчето на компјутерот. Кога одиш во бања и рацете ги ставаш под млаз вода, ќе те удри слаба струја. Тоа постојано се случува“. Можеби човекот е постојано наелектризиран поради близината на северниот пол, смета тој.
Територијата на арктичката пустина ги опфаќа архипелазите Нова Земја, Земјата на Франц Јосиф, Новосибирските острови, како и најсеверните делови на Јамалскиот полуостров, Тајмир, Јакурија и Чукотка. Не постојат многу населени места: освен Билингс, во зоната на арктичката пустина се наоѓаат и населените места Диксон на Тајмир (со нешто повеќе од 500 жители), Баренцбург на Шпицберген (490 жители), како и неколку населби во кои на смени живеат вработени на експлоатација на нафта и гас, со кои е мошне богат Арктикот. Додека на островите на Северниот леден океан се наоѓаат само воени бази и поларни станици во кои работат научници.
„Арктички тролистник“ и „Северна детелина“ се најсеверните бази на Русија кои се наоѓаат на островите Земјата на Александра и на Котељни. Секоја база е составена од неколку објекти поврзани со покриени премини, со цел војниците да не мора често да излегуваат надвор.
На островот Хејс, кој е дел од архипелагот Земјата на Франц Јосиф, уште од советско време работи најсеверната метеоролошка станица. Тука живеат само пет лица, иако пред распадот на СССР беа 400.
Една од опасностите со кои можат да се соочат жителите на арктичките пустини се белите мечки. Тие во потрага по храна понекогаш влегуваат во човековите населби,
Иако овие краишта се тешко пристапни и опасни, тие привлекуваат голем број туристи. Некои острови од архипелазите Земјата на Франц Јосиф и Нова Земја го формираат најголемиот национален парк во Русија „Руски Арктик“.
Секоја година околу една и пол илјада туристи ги посетуваат островите на Северниот леден океан за да се восхитуваат на поларните птици, на величествените ледници, на живеалиштата на моржовите и на фантастичните поларни пејзажи. Тука се стасува само со мразокршачи од Мурманск или од Архангељск, при што еднонеделната тура е ужасно скапа: околу 5.000 американски долари за место во кабина. Но, затоа доживувањето е незаборавно и крајно романтично!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче