Животот на Белото море до денешен ден е тежок. Непрекинато се чувствува остриот здив на Северниот леден океан. Водата повеќе од шест месеци е окована со мраз, а во преостанатиот дел од годината тука дивеат сурови ветришта. Денес за овие краишта може да се каже дека се мошне зафрлени, но не било секогаш така. До 18 век пристаништето Архангељск на Белото море било единствениот руски прозорец во Европа, пред оваа улога да ја преземе Санкт Петербург.
На луѓето кои живееле на бреговите на Белото море (па и оттука го добиле називот Помори) реалноста им поставувала високи барања. Затоа ги краселе јуначко здравје и издржливост, сила на духот и претприемчивост. Не сакале да живеат само од трговија, ами и од риболов, зашто обработувањето земја во овие сурови краишта било практично невозможно.
Поморите имаат потекло од Велики Новгород. Овој руски град во старите времиња владеел со областа на северот и бил конкурент на Москва. Според мислењето на поморскиот етнограф Иван Дуров (1894-1938), првите жители на брегот на Белото море биле Лапонците (Сами) кои биле потиснати од Финците, а тие, пак, од Швеѓаните и од Карелите, додека во 14 век на овој простор не била воспоставена власта на Новгород.
Тие „во недопрениот крај на далечното, сурово и замрзнато Бело море виделе можност за богат принос на животни, риби и сол“, пишува тој.
Така и било. Поморите успешно се занимавале со риболов, со бродоградба и со производство на сол. А, населбите кои во тоа време ги основале доселениците постојат и денес: Сумски Посад (1436), Варзуга (1466) и многу други.
„Луѓето избирале истомисленици за да основаат заедници, заедно се занимавале со производство и се населувале покрај реките кои се влевале во Белото море“, објаснува етнографот од „Центарот за поморска култура“ од Беломорск Светлана Кошкина.
Кон средината на 15 век властите на Новгород ја дарувале својата беломорска земја на Соловецкиот манастир кој непосредно пред тоа бил основа. За волја на вистината, два века подоцна, кога манастирот се побунил по црковната реформа, неговата земја преминала во сопственост на државата.
Додека Петар Први не го пробил „прозорецот кон Европа“ преку Балтичкото море, таков „прозорец“ било Поморје. Поморите нуделе ржано брашно, лен, масло, а Европејците својата морска риба, кафе, чај, модерни ткаенини, накит. Странската стока Поморите ја продавале понатаму во Русија, превезувајќи ја од Архангељск преку реката Северна Двина.
Ова била вносна работа, па семејствата на поморските рибари можеле себеси да си дозволат убави куќи, облека, уреди за извршување на секојдневните работи кои биле недостапни во другите делови од земјата.
Во многу семејства се зачувани капи на омажените жени – „повојници“ – извезени со златни нитки, вели Ирина Илина, која ги проучува и подучува за поморските занаети во Беломорск. „Мајсториците продавале на еден панаѓур по неколку илјади парчиња основа за повојник. Имаме примероци кои се стари над 150 години“.
„На оваа фотографија од триесеттите години од минатиот век мојата баба Капитолина и прабаба ми Василиса носат такви повојници, и тоа извезени со бисерни нитки“, вели нејзината ученичка Ољга.
„Обетките што ги носам се исто така од мојата прабаба и можат да се видат на оваа фотографија. Баба ми има и алка и ѓердан со приврзок. Не живееле лошо. Кај Поморите се велело : 'колку што е поубава жената, толку мажот е поспособен'. Облекувајќи ја својата дама, мажите себеси си обезбедувале статус“.
Поморите зборувале на посебен северен дијалект што современите Руси можат мошне тешко да го разберат. На пример, своето бротче го нарекувале „карбас“, српот „горбуша“. За починатиот велеле дека го „зело морето“. Овие зборови и изрази се зачувани благодарение на етнографот Иван Дуров и на неговиот речник од 12 илјади зборови од 1934 година.
„Жителите на селата сѐ уште ја чуваат интонацијата и звучењето на дијалектот. Тие окаат (изговараат О на многу места каде во современиот руски изговор е А) и покаат (изговараат П на местата каде во современиот руски се слуша Ч), вели раководителот на Поморскиот народен хор Виктор Васиљјев. Речиси половина век тој собира поморски фолклор, заминувајќи во оддалечените села покрај Белото море. Успеал да сними десетици илјади стари песни во оригинална изведба.
„Поморите пеат за љубовта, за ветриштата, за морето, за очекувањето на враќањето на своите мажи од рибарење, при што песните по правило се пеат во неколку гласа, без инструментална придружба и со зачувување на дијалектот“. Членовите на хорот под негово раководство и денес пеат онака како што порано пееле Поморите.
Освен тоа, Поморите имале посебен јазик за комуникација со Норвежаните – „русенорск“ (вториот назив му е Moja på tvoja), настанал во 18 век. До денес се зачувани околу 400 запишани фрази, како на латиница, тако и на кирилица. На пример, „drasvi“ – здраво, „kak sprek?“ – што велиш?, „Kak pris?” – која е цената?
Како што истакнуваат филолозите, бројот на руски и норвешки зборови е отприлика еднаков, што укажува дека и двете страни биле рамноправни партнери. Јазикот исчезнал фактички по Октомвриската револуција од 1917 година кога слободните контакти со Норвежаните биле прекинати.
Денес во Русија себеси за Помори се сметаат нешто повеќе од 3 илјади луѓе (според пописот од 2010 година). Сепак, историчарите немаат единствен став за тоа кои се Поморите: посебен народ, субетнос или само жители на Поморје.
Самите Помори сметаат дека така може да се нарече само човек кој не само што има поморски род и живее на море, ами и до денешен ден е суштински поврзан со нив.
„Според мене, тоа не е едноставно човек кој живее на територијата на Поморје, тој треба задолжително да се занимава со стопанска дејност која е карактеристична за Поморите“, вели Светлана Кошкина.
„Мојот сопруг е по потекло од Вирма и Колежма, целиот свој живот се занимава со риболов, знае да плете мрежа, да шие чамец, и неговите роднини не можат да го замислат животот без риба, велат дека 'ушите им се свиваат во ролна' ако не каснат. И сите тие се Помори. Додека нашите синови имаат други интереси и јас не ги сметам за Помори, иако живеат на поморска земја и во поморско семејство“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче