Веќе пишувавме за тоа како Русите створиле цивилизација на Север, правејќи го Белото Море најкраткиот трговски пат меѓу Русија и Европа. Во тие услови научиле да градат огромни куќи, во кои целото домаќинство било засолнето под еден покрив, а од локалните дарови на природата создале специфична кујна. А зад себе оставиле огромно наследство на уметнички занаети, од кои многу дојдоа до нас само како музејски експонати.
Ковчежиња од лим со фина обработка која потсетува на шарите што мразот ги „слика“ на стаклото зиме се производ на уникатен занает од градот Велики Устјуг во Вологодската област. Шарата се нанесува на тенок лист лим со хемиска постапка, а потоа ковчежето се декорира со железни обрачи. Овој занает постоел од XVIII век практично до крајот на ХХ век. Мајсторите од Велики Устјуг ги носеле своите ковчежиња на панаѓури и ги продавале на трговците од исток. Технологијата на „мраз на лим“ денес е изгубена. Последен мајстор беше Борис Холмогоров, кој во седумдесеттите и осумдесеттите години на ХХ век самостојно ја откри тајната на занаетот и воспостави производство на ковчежиња во локалната фабрика. Неговите ковчежиња со „шари од мраз“ ги набавуваа музеи од Москва, Вологда, Суздал, Велики Устјуг. За жал, немаше ученици.
Вологда е позната по својата чипка која се прави со помош на кокљуш (вид на калем за плетење чипка). Се чини дека мајсторите на овој занает од тенките нишки можат да исплетат секаква шара, од класично цвеќе до ликови од бајките. Овој занает постои барем од почетокот на XIX век, а Вологодската чипка отсекогаш била на цена. Така, дури и за испораките на оружје врз основа на програмата за заем и наем за време на Втората светска војна, Советскиот Сојуз им плаќаше на западните земји не само со злато и дијаманти, туку и со вологодска чипка.
Да споменеме и дека во советската ера локалната мануфактура произведуваше чаршави за маса од чипка и шалови со прикази на мавзолејот на Ленин и срп и чекан.
Вологодската чипка се плете и денес! А најинтересните стари работи да ги видите во Музејот на чипката во строгиот центар на градот. Тука се одржуваат и работилници за оние кои сакаат да научат како да плетат со кокљушки.
Во XVIII и XIX век на панаѓурите биле масовно застапени северните сувенири – резбани бивни на морж или мамут, направени во селото Холмогори (Архангелска област). На нив се прикажани сцени од животот, портрети, животни, природа. Оваа уметност барала многу работа и затоа чинела многу. За разлика од повеќето народни занаети, резбањето во коски не само што не исчезна, туку добиваше интензивна поддршка од државата. Во 1930-тите дури беше основана фабрика за уметничко резбање во коска.
Резбата во коска била многу популарна, но исклучително скапа. Затоа мајсторите од Велики Устјуг смислиле поевтина варијанта - резба во брезова кора. На север, многу секојдневни предмети порано се правеле од брезова кора, вклучувајќи кантички за чување на храна, обувки, јажиња. А на подрачјето на Велики Устјуг е создаден најпознатиот занает со кора од бреза - Шемогодската резба.
Оваа дрвена чипка прикажувала и различни сцени од животот и мотиви од бајките, но нејзината цена била значително пониска од резбата во коска. Современите мајстори ја зачувале оваа вештина, а фабриката во Велики Устјуг сè уште произведува предмети што се рачна работа на уметниците.
Стариот руски град Каргопол во Архангелската област е родно место на насликаните глинени играчки. Суштината на развојот на овој занает лежи во локалната црвена глина. Занаетчиите со векови ја користеле за правење садови што ги продавале на панаѓури, додека од остатоците изработувале забавни фигурини на луѓе и животни. По печењето, фигурите биле потопувани во специјален раствор на база на брашно што оставал чипкасти траги, правејќи ги да изгледаат како предмети од каменото доба. Сè уште се произведуваат во Каргопол и се популарни како сувенири.
Техниката на изработка на цртеж на сребро била позната во Русија уште во Х век, но како занает се развила дури во XVII и тоа токму во Велики Устјуг. На среброто прво се гравира цртеж, а потоа во вдлабнатините се нанесува легура од сребро, олово, бакар и други метали. При загревање легурата се поврзува со среброто, а потоа вишокот се отстранува, оставајќи цртеж. Токму во Велики Устјуг мајсторите смислиле рецепт за особено издржлива црна боја, при што до ден-денес се зачувани во одлична состојба послужавници и табакери од XVIII-XIX век. Современите мајстори ја користат оваа техника рачно да избработат садови, украси, есцајг и сувенири.
Мајсторите за работа со сребро се вистинското богатство на Велики Устјуг. Замислете само дека од тенки сребрени нишки правеле вистинска чипка, украсувајќи најразлични предмети. Со оваа техника сè уште се прават послужавници, сребрени чаши, па дури и самовари што се продаваат како сувенири.
Црвено-црни коњи украсувале разни предмети за домаќинството на жителите на областа околу реката Мезењ (Архангелска област). Црната боја се добивала од саѓи, црвената од глина, а жолтеникавата позадина настанувала благодарение на олифата (премаз на база на масло или смола). До ден-денес се зачувани даски за сечење, буриња и фурки. Историчарите на уметност укажуваат токму на карактерот на цртежот, наоѓајќи во него пагански мотиви. Мајсторите прикажувале фигури на коњи, птици, ирваси, земјата, небото и дрвото на светот.
А овој вид сликарство настанал во друга населба на Архангелската област, во селото Борок (името доаѓа од спахијката во тие краишта Марфа Борецкаја). Во основата на оваа техника се црвени, жолти и зелени цветови, растенија и животни, кои го симболизираат текот на животот. Борецкото сликање е зачувано до ден-денес, а денес го практикуваат одделни мајстори во Архангелската област.
А недалеку од Борок, во Пермогорје, настанал уште еден вид сликарство. Тамошните мајстори претежно сликале обични сцени од селскиот живот: девојки што везат, коњски запреги итн. Но, меѓу нив се среќаваат и птици и цветни орнаменти. На овој начин најчесто се сликале фурки и сандаци. До денес се зачувани предмети од XIX век. А денес овој вид сликање се среќава на сувенири.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче