Седум најсеверни плажи во Русија (ФОТО)

oksi_koks
Тука обично се доаѓа зиме или рано напролет за да се види поларната светлина. Меѓутоа, во наведените арктички подрачја и тоа како се одмора и ужива на плажа!

Плажа со поглед на термоцентрала

Норилск е еден од најсеверните градови во Русија во кој живеат 180 илјади луѓе. Условите за живот се многу тешки, студени зими, силни ветришта и голема оддалеченост од другите градови. На жителите на градот во текот на летото едно од најомилените места за одмор е езерото Долгое. Тоа се смета за технолошки резервоар на локалната термоцентрала, но зиме тука има уредени отвори за „моржови“, а лете има плажа со лежалки и палми во саксии.

Плажа на ледник

Јакутија не се карактеризира само со енормно ниски температури, туку и со вистински летни горештини кога живата на термометарот го достигнува триесеттиот степен, а локалното население се обидува да се пресели во природа. На целото подрачје на Јакутија можат да се видат нерастопени ледници на реките. Најпознат е Булус, ледник со уредена зона за одмор. И на таква ледена плажа можете да се сончате.

Песочни гребени во Белото море

Плажата на островот Јагри е една од најпопуларните меѓу жителите на Северодвинск, центарот на бродоградбата во Архангелската област. Температурата на водата во Белото Море, дури ни кога е најтопло времето, во текот на летото, не надминува 15 до 17 степени, но тоа не е никаква пречка за оние кои сакаат да се капат, како ни за околните фабрики. Затоа морето овде е многу мирно, а за време на осеката се појавуваат нестварно убави песочни гребени. Локалните жители се шегуваат дека овде понекогаш изнурнуваат подморници (или не се шегуваат).

Јамалски Малдиви

Вака локалните жители на Нов Уренгој на Јамал ги нарекуваат малите песочни плажи покрај реката Седе Јаха. Феноменална тиркизна вода, песочни дини, сјајно сонце, па зошто да не биде летувалиште. Особено на крајот на мај, кога се топи снегот! Официјално овде е забрането капењето, но местото е многу популарно за одмор.

Најтопла арктичка плажа

Баренцовото море е најтоплото од сите Арктички мориња. И плажите во селото Териберка, кое стана многу популарно по премиерата на филмот „Левијатан“ (2014), само го потврдуваат тоа. Водата е, се разбира, многу постудена отколку на југот на Русија, а во јули температурата на морето достигнува од 7 до 10 степени. Сепак, тоа не е пречка во летните денови, кога надвор е над дваесет степени, туристите да се брцнат одвреме-навреме во водата. Сепак, во погледот може да се ужива и од брегот.

Остров-плажа среде Белото море

Широката песочна плажа со гранитни карпи и рибарски куќички е една од главните знаменитости на островот Киј во Аргангелската област. Туристите доаѓаат тука за да уживаат во недопрената природа. Толку е тивко и мирно што може да се видат и бели китови. Осеките се големи, а до соседниот остров можете да стигнете пеш и што е најважно, да се вратите на време.

Зимска плажа на Колима

Просечната годишна температура во Магадан изнесува три степени под нулата, а лете меѓу плус 10 и 15 степени, но жителите на градот имаат прекрасно уредена плажа во заливот Нагаев. Водата е проѕирна и чиста, меѓутоа во неа можат да се капат само оние кои се отпорни на студ.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња