Како во Русија се празнува будистичката Нова година Сагалган

Патувања
АНА СОРОКИНА
Народите кои го исповедаат будизмот ја слават Новата година според сопствен календар. Во Бурјатија, Калмикија и Тува тоа е неработен ден.

Покрај стандардната Нова Година која се слави во целиот свет ноќта помеѓу 31 декември и 1 јануари, многу народи во Русија имаат и свои традиционални датуми за овој празник. За многу народи во Сибир, најважниот празник е будистичката Нова Година и тој штотуку настапува. Имено, во 2023 година во Бурјатија, Калмикија и Тува тој ден се паѓа на 21 февруари, а на Алтај на 23 февруари.

Во Бурјатија овој празник се нарекува Сагалган, во Калмикија Цаган Сар, Туванците го нарекуваат Шага, а алтајските народи го нарекуваат Чага Бајрам. Сите овие имиња се преведени како „бела месечина“, бидејќи датумот се пресметува според лунарниот календар. Годината на Тигарот ја заменува годината на Синиот зајак. Друга варијанта на преводот на споменатите називи е „да се пречекори времето“.

Во некои области првиот ден од будистичката Нова година е официјално неработен ден.

Обред на прочистување

Подготовките за празникот се прават однапред, а се внимава пред сé на чистотата, а тука не се работи само за средување на станот, туку и за посебен обред на прочистување наречен Дугжуба.

Како по правило, обредот се изведува на специјални полигони во близина на дацан (будистички манастирски комплекс). За потребите на обредот се прават пирамиди „Сор“ и свечено се палат со молитви како симбол на духовно прочистување. Откако ќе ги прочитаат молитвите, треба да се свртите со грбот кон огнот за да сето она што е лошо остане во минатото.

Се пали и помал оган. Верниците во него фрлаат парчиња тесто или ткаенина со кои претходно се бришеле. Се смета дека на тој начин ја палат сета своја негативна енергија, сите болести и неволји. Додуша, ламите велат дека е поважно да се отфрлат лошите мисли и да се држиме до добрите дела.

Како се прославува будистичката Нова година

Ова е семеен празник, исто како и стандардната Нова Година. На првиот ден од Новата година пожелно е да се посетат постарите членови на семејството (а не е забрането да се посетуваат и другите блиски). Традиционален подарок е свилениот шал, но во денешно време може да биде и нешто друго.

И, се разбира, тука е празничната трпеза! Ако на 1 јануари целата земја јаде руски и мимоза салати, 21 февруари е денот кога се јадат зооморфни крофни со најубави желби, а исто така и „бузи“, т.е. „пози“ (тесто во вид на кнедли полнето со мелено месо и варено на пареа).

Во градовите често се организираат панаѓури и концерти кде што може да се видат многу луѓе во традиционални народни носии. Во Бурјатија на таквите прослави се игра орото „јохор“, симбол на процутот на животот.

Свечености и служби во дацаните се одржуваат во текот на неколку недели. Тоа е уште еден повод луѓето едни на други да си посакаат среќа и да ја испратат зимата.