Десет јадења што се подготвуваат за Нова година во регионите на Русија

Legion Media
Во Русија живеат над 190 народи, така што специјалитетите на новогодишната трпеза во различни делови на Русија се разликуваат многу. Сé зависи од обичаите и локалните продукти.

1. Ашрај

Во република Адигеја и во Краснодарскиот крај за празникот се подготвува ашрај. Тоа е густа млечна чорба од кромид со грав и пченкарно брашно. Гравот се вари час и половина во буљон од месо, а пред сервирање чорбата се разредува со млеко, кефир или сурутка и се додава пропржен кромид. Без разлика колку различни јадења има на празничната трпеза, задолжително треба да пробате ашрај. Јадењето се подготвува во големи количини и потоа се дели со соседите. Постои верување дека колку повеќе таква чорба подарувате, толку повеќе ќе има благосостојба во вашето семејство.

2. Зур белиш

Во Татарстан за празници секогаш се подготвуваат полнети пити и печива: зур белиш, ечпочмак и губадија. Главната празнично свечено украсена пита со „капак“ е зур белиш - во превод од татарски „голема пита“. За класичниот фил се користи говедско месо, но во посебни прилики се заменува со месо од патка или гуска или се подготвува мешавина од повеќе видови месо. Месото се комбинира со компири, житарки, тиква или зелка.

3. Губадија

Оваа слатка пита е популарна во Татарстан, Башкортостан (Башкирија) и Чувашија. За Нова година најчесто се приготвува од бесквасно тесто и со сладок фил. Филот е главно од ориз, јајца и црвен творог, која се подготвува од млеко и „катик“ (вид густо црвеникаво кисело млеко, најчесто обоено со цвекло или цреша). Можете исто така да користите и творог добиен од рјаженка (ферментиран млечен пијалок). Во питата се додаваат и суви кајсии, сливи и суво грозје.

4. Строганина

Во Јакутија на празничната маса се служи строганина, јадење од сирова замрзната риба или месо стругано на тенки ленти. За рибја строганина се користи нелма, муксун, омул, есетра, мала озимица или чир, а за месна струганина се зема месо од ждребе.

5. Коман мелна

Ова јадење се подготвува во Република Мариј Ел. Во печка се пече лепче од три палачинки, подготвени од различни видови брашно. Потоа врз него се става топче од творог како симбол на Сонцето. Се служи со солен и сладок сос.

6. Уалибах

Во Осетија за празникот задолжително се подготвуваат три вакви полнети лепчиња и се редат една врз друга. Бројот три го симболизира Бога, небото со Сонцето и Земјата. А за Нова година во уалибах се става паричка или некое парче накит. Се верува дека оној што ќе ја најде паричката ќе има среќа целата наредна година.

7. Либжа

Ова се парчиња пилешко динстани во сос од павлака и брашно. Се служи со густ сос од пченкарен или пченичен гриз, или со сос од брашно со додавање на кромид. Либжата е популарна во многу региони на Северен Кавказ.

8. Рижем зазег

Во Удмуртија е вообичаено како главно топло јадење за новогодишната трпеза да се подготвува рижем зазег, што на локалниот дијалект значи печена гуска,. Порано, кога Удмуртите биле пагани, ова јадење се подготвувало за големи празници и се принесувало како жртва на боговите. Сега може да се најде на семејните гозби, но и во локалните ресторани. За празник гуската се полни со вргањи и житарки, на пример, со гершла.

9. Пељмени, бузи, курзе

Пељмените (мали парчиња тесто полнети со мелено месо) на новогодишната трпеза се традиција во многу сибирски семејства. Исто како и „среќниот пељмен “, кој во себе крие изненадување. Целото семејство прави стотици или дури илјадници од нив, а потоа ги замрзнува. Рецептите може да се разликуваат - некои во филот додаваат мраз, некои користат три вида месо, а некои ги филуваат пељмените со месо од лос.

Освен во Сибир, локални пељмени се подготвуваат за празникот и во други региони. Во Дагестан тоа се курзеи (во филот се додаваат домати), а во Бурјатија - пози или буза (со сланинка во филот).

10. Махсима

Многу руски семејства ја дочекуваат Новата година со шампањ. Черкезите на Северен Кавказ наместо шампањ повеќе сакаат махсима, благ алкохолен пијалок направен од пченкарно и просено брашно со додавање на мед, хмељ и зачини.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња