10 традиционални танци на народите на Русија (ВИДЕО)

Legion Media
Танците на народите на Русија се толку разновидни што може да помислите дека нивните изведувачи потекнуваат од различни планети.

Во Русија живеат над 190 етнички групи и секој од нив има своја танцова традиција. Северните народи изведуваат ритуални танци базирани на магични верувања, кавкаските танци изразуваат романтични чувства, додека во сливот на реката Волга танцот го одразува секојдневниот живот на жителите. Многу од овие стари танци се зачувани до ден-денес.

Бурјатија: јохор

Бурјатското оро „јохор“ обично се изведува на големи празници. Луѓето се држат за раце и се движат во круг од лево кон десно, како што се движи сонцето. Забрането е движење наназад, бидејќи се верува дека само злите духови се движат спротивно на сонцето. Јохор се изведува околу оган, дрвја, па дури и ридови. Во кругот еден пее песна, додека останатите учесници прават различни движења: скокаат (имитација на коњ), мавтаат со рацете (имитација на птица). Неодамна Бурјатите изведоа флешмоб: танцуваа јохор низ светот и ги објавија снимките на социјалните мрежи.

Кавказ: лезгинка

Најпознатиот танц на Кавказот е лезгинка. Порано тоа бил војнички танц, но денес го изведуваат и мажи и жени (има неколку варијанти) и секој има свои движења. Интересно е што мажите ги изведуваат главните движења со нозете, а жените со рацете. Смислата на танцот е момчињата да се „натпреваруваат“ меѓу себе, покажувајќи си ја силата и барајќи наклонетост на дамата, но не можат да ја допрат, бидејќи тоа се смета за знак на непочитување. Лезгинката ја изведуваат многу професионални танцови групи, но и обични луѓе на прослави. Невозможно е да се замисли кавкаска свадба без овој танц!

Татарстан: Сабантуј 

„Сабантуј“ (празник) е татарски колективен танц кој опфаќа различни сцени од секојдневниот живот. Главниот татарски празник исто така се нарекува Сабантуј и се слави во чест на крајот на пролетната сеидба (по правило, се слави во јуни). На овој празник луѓето се натпреваруваат во разни спортови, пеат песни, јадат традиционални пити ечпочмак и танцуваат сабантуј со вртења и скокови.

Калмикија: Танцот на зајакот

Калмичките танци потекнуваат од шаманските ритуали и комуникацијата со духовите. Многу елементи на старите движења имитираат животни. Едно од нив прикажува зајак. Танчарот ги свива рацете пред градите како шепи и ги вовлекува образите. Интересно е што повеќето танци од Калмикија се изведуваат индивидуално или во пар, лице в лице. 

Јакутија: осуохај

Овој традиционален јакутски танц е важен дел од секоја народна прослава. По правило, осуохај го играат голем број луѓе и затоа изгледа толку импресивно. Танчарите се држат за раце и се движат во круг, сé побрзо и побрзо. Темпото го диктира пејачот.

Мордовија: вадрја

Вадрја на мордовски значи „добар“. Мажите и жените имаат рамноправна улога во танцот. Жените не флертуваат со мажите, туку гледаат во нив отворено и цврсто, додека мажите не ги држат жените за раце туку само ги следат. Нивните движења се преземени од природата, како и кај другите народни танци. Танчерите го прикажуваат небото, ветрот, птиците во лет, итн.

Чукотка: пантомимски танц

Првично движењата во танците на Чукчите имитираат животни, птици, различни појави (лов, лет на галеб) и се изведуваат индивидуално или во парови, и некогаш имале магично значење. Чукчите и денес се големи љубители на танцот! Дури и во малите села има фолклорни ансамбли кои ги изведуваат овие танци.

Кабардино-Балкарија: Благороден (благороднички) танц     

Стариот народен танц „Уерк кафе“ е прекрасен групен танц во парови. Првично тоа бил танц за двајца. Гостинот е поканет да игра со најубавата девојка во населбата, а потоа другите ценети гости ѝ се придружувале на таа двојка. Во овој танц најважни се благородното држење и лесните движења на рацете. Модерните ансамбли често додаваат сложени елементи за машките изведувачи.

Козаци: казачок

Ова е еден од најпознатите народни танци во Русија, застапен меѓу Козаците од реките Терек и Кубањ, како и меѓу војниците. Ако видите многу движења од клечење, тоа е казачок. И покрај тоа што овој танц остава впечаток на леснотија и радост, движењата се многу изискувачки и бараат добра физичка кондиција.

Руси: хоровод

Главното руско оро има паганско потекло. Во старо време Словените се движеле во круг во чест на богот на сонцето Јарило, покажувајќи на тој начин дека „го следат сонцето“. Со текот на времето руските хороводи станаа спектакл што се изведува на секој празник и на сите концерти на народните ансамбли.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња