Како Јакутите слават Нова година во екот на летото

Андреј Сорокин
Многумина од нив до ден-денес ги чуваат паганските обичаи и се собираат секоја година на главниот празник Исиах. Тоа е незаборавно доживување: ритуалот на пречекување на сонцето, заедничко пиење кумис и грандиозно оро.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

„Уруј-ајхал! Уруј-тускул!“ – радосно извикува толпата луѓе во јакутски народни носии и во исто време почнува да се движи во џиновско оро наречено „осуохај“. На јакутски овие извици ги повикуваат среќата и благосостојбата во наредната година. А осуохај е танц-молитва на сонцето, кој го симболизира текот на животот. Отпрвин полека, потоа сé побрзо и побрзо, така што ви се чини дека нозете на играчите ќе се одвојат од земјата, а нивните души ќе се вивнат на небото.

Средба на оние што ја преживеале зимата

Градот Јакутск, иако е многу далеку од Москва (летот до него трае преку 6 часа), е модерен и развиен. Не може да се каже дека е провинција. Тука има големи компании за производство на дијаманти (и ретки се девојките кои немаат барем пар дијамантски обетки), првиот ИТ-парк на Далечниот Исток на Русија (меѓу Јакутите има многу програмери на игри и апликации) и арктичкиот иновативен центар, каде што научниците го проучуваат вечниот мраз. Младите ја следат корејската поп-култура, возат јапонски автомобили со волан од десната страна, слушаат јакутски рап, ја пијат популарната сина мача (јапонски пијалок од зелен чај) со мраз и нарачуваат рамен (јапонска супа со тестенини) во пријатни кафулиња-ресторани.

Но, со приближувањето на јакутската Нова Година, сето тоа се менува до непрепознатливост. Практично сите Јакути тогаш се присетуваат на својата паганска религија, ги соблекуваат фармерките, ги облекуваат народните носии и одат да слават.

Од дамнина Јакутите на овој ден се собираат на одредено место за повторно да се видат со своите роднини по долгата и сурова зима. Јакутија е најстудениот регион во Русија. Зиме температурите често паѓаат и до -50 степени и за да преживее човек мора многу да работи. Дури кога ќе почне летото луѓето можат малку да се одморат и да уживаат во животот.

Самиот збор „Исиах“ може да се преведе како „изобилство“. Овој празник се слави секоја година во сите региони (улуси) на Јакутија на денот на летната долгоденица. Овој обичај никогаш не бил прекинат, само во советската ера прославите беа малку поскромни. Некои Јакути успеваат истата година да посетат неколку прослави, бидејќи тие се одржуваат во интервал од неколку дена една од друга.

Прославата во Јакутск е најпопуларна и најпосетена. По правило се одржува првиот викенд по 21 јуни (оваа година на 25-26 јуни). Над 200 илјади луѓе се собираат во главниот град на Јакутија! А тоа е секој петти жител на републиката! Прославата се одржува во етнографскиот комплекс „Ус Хатин“ („Три брези“), околу 25 километри северно од Јакутск. Според легендата, токму на тоа место живееле предците на народот Саха, како што себеси се нарекуваат Јакутите. Целото етно село, кое повеќе наликува на град и може да прими над 250 илјади луѓе, е изградено исклучиво заради годишната дводневна прослава. Остатокот од времето е затворено.

Прочистување, благослов и јакутски народни спортови

„Овој празник го чекавме три години, бидејќи за време на пандемијата се одржуваше онлајн“, радосно велат две другарки и ни нудат да пробаме кумис, ферментиран пијалок од млеко од кобила. „Заедничкото пиење свеж кумис кај нас е симбол на крајот на зимата. Се радуваме што имаме млеко, храна, што ја преживеавме зимата и собираме сила за следната година“, објаснуваат тие.

Надвор е над 30 степени Целзиусови, но тие дојдоа не само во долги затворени фустани и со капи, туку и со тежок накит на градите, грбот и рацете (шорцевите и друга слободна облека се строго забранети). „Според традицијата, украсите треба да бидат од сребро, но нашите се од мелхиор (легура на бакар и никел), инаку тешко се издржува на оваа жега.

За да учествува во прославата, човек мора прво да помине низ обред на прочистување: под главната порта гори темјан и жените околу гостинот мавтаат со метлички направени од коњско влакно, повикувајќи среќа и успех. Метличката направена од коњски влакна е дел од народната носија на Јакутите. „Тоа има и практична смисла“ - велат посетителите - „така се браниме од комарци“ (а тие во овој период од годината се многу активни).

Потоа треба да се бара благослов и успех од „Големото џиновско дрво“ - „Аал луук маса“. Дрвото е симбол на единството на трите света и може да се види на секој празник Исиах.

Потоа човекот оди по патека по која од двете страни се забиени 99 столбови за врзување коњи. Коњите се свети животни меѓу Јакутите и затоа нивните симболи се наоѓаат на секој чекор. На крајот од патот има огромен столб за врзување коњи „Алтан серге“, поставен на високо место. Приближувајќи му се, човекот треба да се поклони, да ги стави дланките на него и да замисли желба. „Можете да посакате што сакате и за кого сакате, а ние веруваме дека таа желба ќе ви се оствари“, вели една девојка која чека во редот. На ова место навистина се чувствува посебна енергија, чувство на надеж за иднината.

Гостите потоа пристигнуваат во главниот дел на комплексот, кој е реконструкција на старите летни јакутски куќи од брезова кора, нешто што потсетува на огромен чум. Таму на едно место се пуштаат филмови, на друго се продаваат сувенири, а на трето се одржуваат натпревари.

Свој посебен простор имаат и другите народи на Јакутија: Чукчи, Евенки, Јукагири. Имено, ова е мултинационална република!

Меѓутоа, многу луѓе доаѓаат на Исиах само за спортските натпревари. Националните спортови се популарни во Јакутија како никаде на друго место во светот. Најпознатиот меѓу нив е влечењето стап. За време на празникот се одржува финалето на меѓународниот натпревар во овој спорт со учество на спортисти од Русија, Унгарија, Словачка, Србија, Аргентина, африканските земји и земјите од ЗНД.

На друг терен, илјадници луѓе со големо внимание ги следат „Игрите на Дигин“. Дисциплините се многу необични. На пример, трчање по девојка. „Во старо време“ – ни објаснува еден од гледачите – „кој ќе ја стигнел девојката, тој ќе се оженел со неа“. Но, денес само се мери времето“. Имено, денес е практично невозможно да се стигне девојката, бидејќи оваа задача ѝ е доверена на шампионката на републиката во трчање.

Тука има и уште еден интересен вид спорт: носење камен тежок 115 килограми на одредено растојание. Речиси е незамисливо да се подигне: тежок, со остри рабови, се лизга од потта. Но, гледачите срдечно навиваат за своите миленици! Со таква поддршка, спортистите се подготвени да го направат невозможното.

Некаде околу два часот по полноќ на полјаната се слуша глас од разглас со молба да се исклучат сите уреди и гостите да одат на главната церемонија.

Дочек на новото сонце

Кулминација на празникот е дочекот на сонцето, кој го слави почетокот на летото и го означува традиционалниот почеток на новата година.

Замислете ја само оваа сцена: сè уште не самнало, по полјанката се шири магла, а илјадници луѓе стојат во круг. Повикувачот на добрите сили „алгисчит“ (не е шаман!) и неговата придружба во бели одори сè посилно мавтаат со метличките украсени со ѕвончиња. Алгисчит се поклонува на четирите страни на светот и пали оган нудејќи им на божествата кумис, саламат (јадење од националната кујна) и лепчиња. 

Луѓето во бели одори ја кадат полјаната, одејќи во круг со шолји од кои се извива чад, садат млади дрвја и ја поздравуваат зората, повикувајќи среќа и просперитет.

Најпосле на хоризонтот се појавува силноцрвен зрак сонце.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња