Како во Москва се појавил Црвениот плоштад, и зошто сепак е црвен а не красен?

Pixabay; Archive Photo
Некогаш одамна го нарекувале торг, односно пазар, и уште и пожар или стрниште. На плоштадот некогаш живееле лав, тигар и слон, а подоцна и поминувал и трамвај. Многумина и денес се во заблуда дека плоштадот е црвен, бидејќи е прекрасен. А вистината е дека е црвен токму затоа што е црвен и дека тоа нема никаква врска со болшевиците.

Како се појавил Црвениот плоштад?

Московската тврдина, која подоцна го добила името Кремљ, се појавила на Боровицкиот рид. Источно од нејзините ѕидини, таму каде што денес е плоштадот, имало ливада. Но, како што тврдината и градот станувале побогати, покрај ѕидините се појавила и населба, посад на руски. 

Жителите на посадот живееле близу до тврдината за да можат да се сокријат во случај на напад. А до Кремљ и реката Москва (заради побрз транспорт на стока) на местото на идниот Црвен плоштад се појавил пазар меѓу народот нарекуван торг.

Пазарот постоел барем од 1434 година. Историчарите ни ден-денес не се сигурни дали во одреден момент било наредено да се појави на тоа место или сѐ се случило спонтано.

„Црвениот плоштад во времето на Иван Грозни“, Аполинариј Васнецов

Плоштадот бил познат и како пожар и во денешното значење на зборот, како и со значењето стрниште, и не затоа што пазарот често горел. Пред 16. век тоа биле најобични тезги и шатори, така што немало големи дрвени градби кои можеле да горат. Но, во тоа време, со зборот пожар опишувале и гужва, метеж, врева какви што сигурно имало на прометниот пазар.

До почетокот на 16 век плоштадот станал место каде што луѓето доаѓале да ги дознаат сите најнови вести од градот и пошироко.

Алевизовиот ров кај Никољската кула

Во 1508 година се појавил Алевизовиот ров, ископан според цртежите на италијанскиот архитект Алојзиус Новиот (Ламберти да Монтињан) кој на повикот на Иван Трети дошол да ја разубави Москва. Ровот бил широк до 30 метри, длабок до 13 метри и ги опашувал ѕидините на Кремљ со водите на реката Неглинаја и Москва. Ровот подоцна бил затрупан, но еден негов дел до Воскресенската капија бил претворен во зоолошка градина. Тука царот чувал тигри, лавови и слонови кои му ги подарувале владетелите од исток.

„Црвениот плоштад во втората половина на 17. век“, Аполинариј Васнецов

На Црвениот плоштад 1561 година е подигнат храмот „Василиј Блажени“ како знак на победата над Казанското ханство.

Кога и како поцрвенел плоштадот? 

Грановитата палата со „црвен“ трем

Името Црвен плоштад се појавило кон средината на 17. век во документите за време на владеењето на царот Алексеј I, таткото на Петар Велики. Во 1658 година царот наредил да се именуваат некои улици и плоштади во Москва. Но, во 1659 година, плоштадот покрај Кремљ сè уште го нарекувале пожар. Името Црвениот плоштад почесто се споменува дури од 1661 година.

Се верува дека името го наследил од главниот трем, кој го нарекувале „красный“, но не поради тоа што бил црвен или красен, туку поради тоа што бил најважниот, царскиот. Црвената традиционално била боја на царската власт, црвените биле ѕидовите во неговите одаи. Царот се појавувал на тремот на главните церемонии, од тој трем биле читани неговите укази, па затоа и тремот станал црвен. И капијата под тремот исто така била красна, а придавката лесно можела да премине и на плоштадот.

Воскресенската капија пред револуцијата 1917.

Во меѓувреме пазарот го исполниле дрвени дуќани, па и пожарите станале честа појава. За да се избегне сето ова е изграден Гостиниот односно трговскиот двор, а од крајот на 17 век на плоштадот нема ниту една дрвена градба. Црвениот плоштад, исто така, добива убав влез од север – Воскресенската капија, а во 1698 година Петар Велики конечно забранил да се продава било што на ова место.

Црвениот плоштад станува четвртест

Трамвај на Црвениот плоштад

Плоштадот и понатаму бил центар на политичкиот живот на Москва. На Лобното место, до храмот „Василиј Блажени“, се читале царските укази. На ова место се извршувани и смртни казни. И ништо посебно не се менувало на него сè до почетокот на 19. век кога е затрупан Алевизовиот ров и е поставена калдрма.

Старите градби покрај Воскресенската капија се срушени 1875 година за на тоа место биде изграден Државниот историски музеј (граден до 1883 година). Така плоштадот конечно ја добил четвртестата форма.

Државниот историски музеј во позадина

До почетокот на 20. век на плоштадот се појавиле електрични светилки, трговскиот центар ГУМ и трамвајска линија, а кога болшевиците ја презедоа власта, ја урнаа Вокресенската капија за да можат на воените паради да учествуваат тенкови, го подигнаа мавзолејот на Ленин и почнаа да ги закопуваат важните револуционери и државниците внатре меѓу ѕидините на Кремљ, на истото место каде што некогаш биле рововите со диви животни.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња