Ако сте турист кој првпат доаѓа во Москва, сигурно ќе посакате да го видите Црвениот плоштад, каде ќе се најдете во епицентарот на градскиот живот со сите негови богати забавни содржини, Божиќни и летни саеми, трговскиот центар ГУМ и луксузни бутици. Но, она што е уште поважно, тука ќе го најдете центарот на руската историја. Зашто тука се Кремљ, Мавзолејот на Ленин, црквата Василиј Блажени и многу други работи. Сè што се наоѓа тука има интересна приказна за раскажување.
Затоа можеби ќе сакате да дознаете нешто повеќе за настаните кои се одиграле на ова место, а тоа најдобро ќе ви тргне од рака доколку ја посетите зградата од црвена тула која изгледа старо како и Кремљ. За волја на вистината, изгледот овој пат лаже, зашто всушност станува збор за зграда која е подигната дури во втората половина на 19 век, но е проектирана во неоруски стил, така што се вклопува во архитектонскиот ансамбл на Црвениот плоштад.
Прво што ќе забележите кога ќе влезете во Државниот историски музеј е огромната фреска на плафонот пред свечената сала. Тука е насликано фамилијарното стебло на династијата Романови, кое е составено од 68 портрети на руските владетели. Внимавајте да не ви се вкочани вратот додека се обидувате да ги видите сите!
Ова е навистина еден од најпопуларните експонати во музејот и во на сите руски деца им останува трајно во сеќавањето за време на училишната посета.
Интересно е како оваа слика се нашла на ова место. Според првобитниот проект влезниот хол во музејот требало да биде посветен на темите од стара Русија, но кога царското семејство донирало средства за изградба на музејот, основачите решиле својата благодарност да ја изразат преку оваа слика на ѕидот.
Основачите на музејот, додека работеле на концепцијата на музејската изложба, дискутирале за тоа на што да се стави акцент: на величествените воени победи или на предметите кои прикажуваат како изгледал секојдневниот живот на староруските домаќинства или, можеби, треба да се истакнат во прв план сликите кои ги прикажуваат најважните настани од руската историја.
Решиле да ги комбинираат сите три пристапи. Водечките уметници од тоа време биле повикани да го дизајнираат ентериерот, па кога ги минувате салите, обрнете внимание на прекрасните мурали на ѕидовите и на плафонот. Сите простории се декорирани во согласност со темата на определени музејски сали, па според орнаментите и лаковите ентериерот потсетува на средновековна царска палата.
Неколку сали се посветени на археолошките пронајдоци кои зборуваат за тоа како живееле луѓето на територијата на Русија пред основањето на централизираната држава. Тука има керамика од камената доба, алати и првото примитивно оружје на старите сибирски племиња.
Музејот особено внимание посветува на претхристијанската историја на Русија, претставувајќи пагански симболи, орнаменти и идоли. Сите тие зборуваат за божествата од старословнеската вера. Салите се уредени по хронолошки редослед, така што можете да ја следите историјата од старите времиња, преку инвазијата на Татарите и епохата на Петар Велики, па сè до модерната доба со нејзиниот технолошки прогрес.
Музејот поседува огромна колекција царски предмети, како и оружје од различни епохи, икони и накит. Секој ќе пронајде нешто што му одговара на неговиот личен интерес.
Покрај тоа, со оглед дека посетителите на музејот во 19 век (како и денес) не можеле да замислат како живееле луѓето во раните епохи, уметниците добиле задача тоа да им го доловат. Вакво нешто нема да најдете на други места: ѕидовите се украсени со орнаменти и симболи од различни делови на земјата. Познатиот сликар Виктор Вансецов, на пример, одлично ја има илустрирано Камената доба.
Салата посветена на обединувањето на стара Русија е украсена со пано на тема „Московскиот Кремљ на почетокот на 15 век“.
Освен по извонредната постојана поставка, Историскиот музеј е познат по своите привремени изложби. На нивниот веб-сајт однапред проверете и дознајте какво културно изненадување ве очекува. Можеби тоа ќе биде прочуената кинеска војска со теракота или прекрасниот накит на дворските јувелири, вклучувајќи ги и помалку познатите дела на Карл Фаберже.
Додека главната зграда се наоѓа на Црвениот плоштад, Историскиот музеј има и неколку филијали. Меѓу нив е уште една црвена зграда во неоруски стил во која се наоѓа Музејот на историјата на војната од 1812 година, Палатата на болјарите од династијата Романови од 15-16 век и црквата Василиј Блажени на Црвениот плоштад.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче