Кога боксер ќе му фрли ракавица на претседателот: 5 неверојатни настани на Црвениот Плоштад

Што сè немаат видено ѕидините на Кремљ во текот на вековите: и пазар, и новогодишни панаѓури, и сечење глави. Но, никогаш нема да поверувате дека имало и закован скротум на плочникот или дека човек во шорц и со боксерски ракавици половина час стоел на снег и дека викал: Елцин, излези!

Порано на Црвениот плоштад се одвивале важни историски настани. Во хрониките таканареченото Челно место за првпат се споменува како место каде е објавена победата на царот Иван Грозни над Казањското ханство. Тука биле изведувани јавни погубувања, и тука се читани прогласи од државно значење.

Во советско време оваа улога ја презела трибината пред Мавзолејот на Ленин, а Црвениот плоштад станал главно место за државните прослави и паради. Плоштадот, што е и за очекување, е полн со камери со соработници на специјалните служби во цивилно. Сепак, се случувале и немили инциденти кои ниту не можеле да ги спречат ниту најдобрите агенти,

1. Германски пилот

Германскиот аматерски пилот Матијас Руст на 28 мај 1987 година полетал во изнајмен лесен спортски авион од аеродром во близина на Хелсинки, го минал советскиот систем за противвоздушна одбрана и прелетал 850 километри за да слета во срцето на Советскиот Сојуз, на Москворецкиот мост, за да го паркира авионот пред самиот Храм на Василиј Блажени. Руст излегол од кабината и почнал да дели автограми. Десет минути по слетувањето на авионот, пилотот го собрала милицијата.

По инцидентот на министерот за одбрана Сергеј Соколов, командантот на силите за ПВО Александар Колдунов и околу 300 офицери беа сменети. Руст пред судот изјави дека неговиот лет бил „повик за мир“. Осуден е на 4 години затвор, а беше амнестиран во август 1988 година.

2. Непристоен збор

Во 1991 година младите уметници од движењето „ЕТИ“ (Експропријација на територијата на уметноста) „напишаа“ со своите тела на Црвениот плоштад непристоен збор од три букви – назив за машки полов орган. Акцијата траеше само една минута, а милицијата ги крена од плочникот сите учесници на перформансот.

Тоа беше протест против јакнењето на забраната за користење на опсцената лексика на јавни места. Активистите беа поддржани од страна на сите руски уметници кои во своите дела користат таквите зборови.

3. Прва ракавица

Уметникот и политички активист Александар Бренер во 1995 година реши да го предизвика претседателот на Русија Борис Елцин на боксерски меч и еден студен февруарски ден излезе на Црвениот плоштад во боксерски ракавици, во шорц и почна да вика: „Елцин, излегувај!“

Акцијата влезе во историјата како „Прва ракавица“ и беше протест против воведувањето на војската во Чеченија. Галеристот Марат Гељман кој му помогна на Бренер тој ден се сеќава дека милицијата го уапсила „боксерот“ дури по половина час и набргу го ослободила.

4. Мадињата на Павленски

На Денот на полицијата, на 10 ноември 2013 година, уште еден скандалозен „уметник“ Пјотр Павленски се соблече и го закова својот скротум на плочникот на Црвениот плоштад. Павленски и претходно го свртуваше вниманието на пошироката јавност со низа контроверзни акции: го обви своето голо тело со бодликава жица и легна пред Законодавното собрание на Санкт Петербург, со игла и со конец си ја заши себеси устата пред Казањскиот собор, но никој не ја очекуваше акцијата „Фиксација“, која според него беше „метафора на апатијата, на политичката индиферентност и на фатализмот на современото руско општество“, односно на „прикованоста“ на граѓаните на Русија за Кремљ, односно за руската власт.

5. Куфер „Луј Витон“

Во рамките на одбележувањето на 120-годишнината на московскиот трговски центар ГУМ на Црвениот плоштад беше поставен огромен павилјон на модната куќа „Луј Витон“ во облик на куфер (9 х 13 метри), а во него беше отворена изложбата под назив „Душа на патувањата“.

Иако ова беше хуманитарна акција (парите од влезниците беа наменети за хуманитарниот фонд на познатата руска манекенка Наталија Водјанова), поставувањето на изложбениот павилјон на Црвениот плоштад предизвика бурни реакции во јавноста.

По скандалот со „куферот“ претседателот Владимир Путин утврди список на сите манифестации кои можат да се одржуваат на Црвениот плоштад, а тоа се Парадата на победата, Меѓународниот фестивал на воени оркестри „Спаска кула“, новогодишен панаѓур со лизгалиште и саем на книга.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња