Празнично осветлување на повеќенаменскиот комплекс „Лахта Центар“ по повод Денот на морнарицата. Поглед од Лахтинскиот проспект.
Антон Галахов/TASSНа почетокот „Лахта Центар“ не им се допадна на петербуржците. Народот му даваше разни прекари: „пченка“, „Сауронова кула“, „Гасрпом-кула “ и „игла“. Денес се нарекува „Лахта Центар“, а во почетокот се викаше „Охта Центар“. Првично беше планирано овој објект да се изгради во Коногвардејската населба, до Болшеохтинскиот мост. Меѓутоа, борците за заштита на градската средина негодуваа, тврдејќи дека облакодерот ќе ги расипе историските контури на Петербург. Така, проектот беше преселен во Лахта, на крајот на градот, а висината на облакодерот беше зголемена - наместо оригиналните 396 метри, зградата е висока 462 метри.
Изградбата на „Лахта Центар“ во Санкт Петербург.
Алексеј Даничев/Sputnik„Лахта Центар“ го доби името по локалниот топоним. Лахта е стара финска населба, основана долго пред основањето на Санкт Петербург. Значењето на зборот на фински е „лагуна“ или „залив“. И навистина, местото се наоѓа веднаш до Финскиот залив. А како да изградите облакодер на мочуришно земјиште кога водата е толку блиску?
Горниот дел на земјиштето е навистина нестабилен, тука земјата е растресита. Но, под неа се наоѓа слој на глина стар преку 600 милиони години. Облакодерот се држи на 264 шипови, а неговата бетонска основа на 1 март 2015 година беше внесена во Гинисовата книга на рекорди. Имено, „Лахта Центар“ е рекордер по непрекинато бетонирање: темелот му се полнеше 49 часа без прекин. Се градеше во три смени во 13 бетонски бази на Ленинградската област, а на градилиштето секоја минута пристигнуваше ново возило со бетон. Целата структура треба да издржи 670.000 тони - токму толку е тежок облакодерот во Лахта. Овој рекорд на „Лахта Центар“ беше соборен во 2019 година од проектот на браната Полаварам во Индија.
Објектот „Лахта Центар“ е на 11 место по висина во целиот свет и на прво место во Европа. Покрај тоа, со него се поврзани и други занимливости.
Во основата на кулата е петокрака ѕвезда. Кулата е проектирана така што петте крила кои ја сочинуваат надворешната структура на зградата од кат до кат се стеснуваат и свртуваат, а вкупното свртување изнесува е речиси 90 степени. Така изгледа како конструкцијата да е „извиткана“. Облакодерот нема покрив, завршува со шилец. Патем, тој шилец функционира и како громобран. За време на бура громовите редовно удираат во Лахта, па на петербуржците им поаѓа од рака да направат ефектни снимки.
На шилецот на кулата има автоматска метеоролошка станица. Поставена е во 2019 година и оттогаш бележи податоци за температурата, влажноста на воздухот, јачината и правецот на ветрот.
Времето во Петербург поголемиот дел од годината е врнежливо, така што шилецот е често во облаци.
Благодарение на осветлувањето во зелена боја, зиме облакодерот се претвора во џиновска елка, а за време на државните празници Лахта е осветлена во вид на руската тробојка. Зградата може да се види практично од секоја точка во градот.
Ноќна панорама, „Лахта Центар“ низ магла.
Станислав Забурдаев/TASSДури и кога дува најсилната бура, врвот на облакодерот се поместува само 26 см во однос на оската. Посетителите на платформата за набљудување нема ни да го почувствуваат тоа лулање. Патем, во 2022 година, на платформата за набљудување беше поставена скулптура на ангел, верна копија на скулптурата која се наоѓа на Александровскиот столб на Дворцовиот плоштад во Санкт Петербург. Сега градот има два ангели-чувари.
„Лахта Центар“ во 2021 година ја доби првата награда CTBUH Awards и беше прогласен за најдобар проект во номинацијата „Фасади на високи згради“.
Сè уште не се знае точниот датум на отворање на кулата за закупците и посетителите. Се најавува дека внатре ќе има панорамски ресторан на висина од 320 метри, а на уште поголема височина ќе има платформа за набљудување. Во соседниот комплекс ќе биде сместен планетариум, трансформабилна сала за градски настани, спортски, научен, образовен и трговски центар.
Внатрешноста на „Лахта Центар“ (рендер)
Lakhta Center Multifunctional ComplexДоколку ве интересира како изгледа градот од височината на „Лахта Центарот“, веќе можете да го погледнете директниот пренос од камерата на платформата за набљудување. Токму таква глетка ќе видат посетителите на највисоката зграда во Европа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче