Разнобојни езера во Русија: Создадени од волшебната четкичка на непознати уметници

Патувања
АНА СОРОКИНА
Овие розови, жолти и бели езера изгледаат надреално. Но, не се обоени од луѓе.

Белите езера на Курилските острови

На островот Кунашир постојат две езера со необично бела боја, Зовриено и Врело кои се наоѓаат едно до друго. Своите имиња во целост ги оправдуваат затоа што навистина „вријат“.

Се работи за тоа што во состав на водата влегуваат природни сулфурни и хлороводородни киселини, а од дното се креваат врели вулкански гасови од кои водата „врие“.

Овие природни чуда е многу подобро да се набљудуваат од дистанца, инаку, поради емисијата на сулфурни гасови, капењето во таква вода може да биде опасно по живот.

Mалинестото езеро на Алтај

Ова солено езеро се наоѓа во близина на границата со Казахстан во реонот на истоимената населба. За толку интензивната боја на малина езерото треба да ѝ биде благодарно на бактеријата по име Serratia salinaria.

Малинестото езеро е повеќе од локална знаменитост и може да се смета за вистинска клиника. Солите и калта на ова езеро го подобруваат метаболизмот и ги ублажуваат кожните воспаленија. На брегот има туристички објект во кој може да се остане неколку дена.

Виолетовото езеро на Алтај

Едно од најживописните езера на Алтајскиот крај се наоѓа во Кулундинската степа во близина на Славгород. Се вика Бурлинско, или Бурсол, по соседното село.

Солта се добива индустриски, дното е покриено со крупни кристали. На средината на езерото се поставени железнички шини по кои се движи машина со неколку вагони која ја вади солта и ја распоредува во вагоните. Во врелите јулски и августовски денови благодарение на раковите Artemia езерото добива розева, виолетова или темно-виолетова боја.

Розовите езера на Крим

На Крим има неколку лековити солени езера. Некои се со нестварно розова боја, а најпознатото е Сасик Сиваш кое се наоѓа меѓу градовите Саки и Евпаторија. Тоа е со розова боја од јули до септември и во зависност од присутниот број микроорганизми варира од розевка до пурпурно-црвена нијанса. Езерото е плитко, иако наместа се среќаваат „дупки“ кои можат да бидат длабоки и по метар и половина.  

Називот на езерото се преведува како „смрдлива кал“ и тешко може да го оспорите, мирисот навистина се чувствува, како и кај многу езера и лековита кал, но тоа во ниту еден случај не е пречка за излетниците и гостите на санаториумот кои ги има во огромен број. Водата од езерото се користи во терапијата со кал и поволно влијае на зглобовите. А солта извадена од ова езеро се продава во продавниците ширум целата земја.  

Соленото Којашко езеро („Сонце“) се наоѓа меѓу градовите Керч и Феодосија, а од Црното море го дели тесен провлак од само сто метри. Водата варира и не е секогаш само розова и виолетова, или и во разни нијанси на портокалова, што е предизвикано од присуството на бактеријата Dunaliella salina која лачи бета-каротен, како кај морковот.

Езерото Чокрак (Родник) во близина на Керч на топло време добива розово-виолетова боја. Водата е заситена со водород-сулфид и сол, а висококонцентрираниот раствор на солта е лековит за зголбовите и нервниот систем. Калта се користи и за козметички производи.

Синото езеро во Република Алтај

Се наоѓа на југот на Република Алтај во близина на селото Акташ. Светлосината боја ја должи на подземните гејзири кои исфрлаат сина глина. Таа на површината на водата се разлева во вид на прстени. Исклучително убав поглед на езерото се пружа од висина.

Златното езеро Елтон

Најголемото солено езеро во Европа (со површина преку 150 квадратни километри) се наоѓа на југот на Русија, во Волгоградската област. На зајдисонце и изгрејсонце езерото поприма златно-розевка боја поради микроорганизмите Dunaliella salina и рефлексијата на песочното дно во чистата вода. На бреговит на Елтон се наоѓаат туристички објекти во кои можат да отседнат сите оние кои сакаат да уживаат во убавината на ова езеро.