Градски водич: Искористете го максимално патувањето во Русија на СП во фудбал 2018

Патувања
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Најголемиот спортски настан на планетата е сепак нешто повеќе од фудбал, а овие 11 руски градови-домаќини на Светското првенство 2018 сигурно ќе ви го докажат тоа наредното лето.

1. Москва

Русите велат дека Москва лежи на седум ридови, исто како и Рим. Рускиот главен град е вистинска ризница на историја и современост и е идеален за оние кои бараат култура и забава.

Почнете го денот пиејќи кафе во кафуле со поглед на Црвениот плоштад или храмот „Василиј Блажени“. Штом ќе ја поминете екскурзијата низ Кремљ, можете да продолжите на Театралниот плоштад и да седнете да каснете нешто набљудувајќи го Бољшој театар. Навечер можете да уживате во баровите и клубовите на комплексот „Красниј Октјабр“ (во поранешните фабрички згради).

Московските лета се топли и идеални за шетање. Прошетајте се на кејот на реката Москва или по улиците на Китај город. Руската подземна железница е можеби најубавата на светот, но сончевите улици изгледаат преубаво. Додека многумина Руси можат да се жалат на временските услови (барем од октомври до април), месеците во кои ќе се игра Светското првенство во фудбал се најтоплите во годината.

2. Санкт Петербург

Величественоста на царска Русија во комбинација со револуционерниот дух кој живее во главниот град на културата – Санкт Петербург (687 км од Москва). Уживајте во преубавата архитектура на Невскиот проспект,  во убавините на Зимскиот дворец или Ермитаж.

Оние кои сакаат да го почувствуваат ноќниот живот на Санкт Петербург исто така нема да бидат разочарани. Две улици преполни со барови и ресторани се „Бољшаја Коњушенаја“ и „Рубинштајн“, додека улицата „Думскаја“ нуди повеќе хардкор вибрации.

Во текот на летото уживајте во белите ноќи и раздвојувањето на мостовите на реката Нева. Тоа ќе биде одлична утеха доколку вашата репрезентација доживее пораз на стадионот „Крестовски“.

3.Сочи

„Руската ривиера“, како што уште го нарекуваат Сочи (1679 км од Москва) е одлично место за посета во текот на целата година. Сочи беше домаќин на Зимската олимпијада 2014, домаќин на Формула 1, што значи дека е искусен во собирањето на љубители на спортот.

Не плашете се да започнете разговор со локалните жители на пазарот Адлер или во автобусот кој ќе ве одведе до „Краснаја полјана“, на патеките за скијање. Сочи е можеби еден од најгостољубивите градови на Русија.

4. Казањ

Заборавете го Истанбул. Казањ (825 км од Москва) е местото каде што се среќаваат Европа и Азија. Главниот град на Татарстан е основан 1005 година, постар е дури и од Москва!

Овде црквите стојат рамо до рамо со џамиите, а градската тврдина – Кремљот – ја преживеа опсадата на Иван Грозни. Тука е џамијата Кул-Шариф – втората по големина во Европа, а тука е и познатиот во градот Соборен храм „Благовештение“. 

Казањ е исто така познат по својата кујна. На ниедно друго место во Русија патникот нема да се  најде пред толку богат избор на деликатеси. Прошетајте се покрај Волга по натпреварот, изберете ресторан и уживајте во специјалитетите од коњско месо, пилав и слатката чак-чак.

5. Калининград

Најзападниот руски град (1235 км од Москва) е мешавина од готски и советски стил. Старите градски населби преживеаја две бомбардирања во Втората светска војна. Главната атракција за љубителите на историјата се утврдувањата од 17 век. Песочните плажи на Балтичкото море нудат да здивнете по напорниот фудбалски натпревар.

6. Екатеринбург

Екатеринбург (1775 км од Москва) е одлична дестинација за оние кои сакаат одмор во природа. Иако индустрискиот центар на градот е четврти по големина во земјата, националните паркови во околината се нешто посебно.

Уралските планини нудат безброј патеки за пешачење. Било што да барате, ова место е место е одлична замена и за Москва и за Санкт Петербург.

7. Нижни Новгород

Нижни Новгород не е толку далеку од Москва, само 425 км. Можете да стигнете со автомобил и патем да ја разгледате руската природа.

Главната туристичка атракција е Кремљот, импресивна структура со поглед на Волга и Ока.

8. Ростов на Дон

Од Ростов (1109 км од Москва) имате само 50 км до Азовско море. Ќе ви биде тешко да поверувате дека и понатаму сте во Русија.

9. Самара

Сите главни убавини на Самар (1057 км од Москва) се покрај реката Волга. По должината на кејот луѓето се сончаат и си поминуваат весело во рестораните и кафулињата.

А со планините Жигули во позадина по победата во фудбалскиот натпревар можат да се направат одлични групни фотографии со навивачите.

10. Саранск

Уште еден град на Волга (650 км од Москва) е главниот град на Мордовија и релативно мал град во споредба со останатите домаќини на Мундијалот. Но овде можете да уживате во богатиот фолклор на угро-финските народи.

11. Волгоград

Порано познат како Сталинград (941 км од Москва), Волгоград е сведок на една од најкрвавите битки во Втората светска војна. Херојското минато на градот е одразено во меморијалниот комплекс познат како Мамаев Курган.

Град е познат по развиениот екотуризам: зелените ридови покрај Волга се вистински птичји рај.