Како изгледа денес јубилејната верзија на познатата „Буханка“?

Наука и технологија
АНА СОРОКИНА
По повод 65-тиот роденден на познатото комбе, УАЗ пласираше специјална нова верзија на возилото.

Според информациите од Уљановската фабрика за автомобили, ќе бидат направени само 120 јубилејни „Буханки“. Сите „Буханки“ („векни“) од оваа верзија ќе бидат зелени или жолти и на левата страна на каросеријата ќе имаат ознака „65 години“.

Возилата се опремени со акумулатор со зголемен капацитет, засилени браници, багажник со скала и чекрк. Седиштата се тапацирани со издржлива ткаенина со водоотпорна импрегнација и украсени со бели двојни шевови. Патниците имаат на располагање пространа маса на преклопување. Комбето е дизајнирано за 7 патници.

„Буханка“ се произведува со класичен 5-брзински рачен менувач и 2,7-литарски атмосферски бензински мотор. Почетната цена на специјалната верзија е 1,6 милиони рубли.

Љубителите ја ценат „Буханка“ за нејзината едноставност, лесното одржување и исклучителната проодност. Својот прекар го доби поради обликот на каросеријата кој наликува на векна руски црн леб.