ФОТО: Дали би се oсмелиле да се повозите со легендарната советска „векна“ од 1960-те?

УАЗ
„Векната“, или во Русија позната како „буханка“, многу личеше на познатото „хипи комбе“ на „Фолксваген“, но имаше типично руска судбина. Производството на ова легендарно возило почна пред 60 години, а „векната“ и ден-денес ја скокотка имагинацијата.

Годината е 1958, местото на дејство Улјановск, мал град на реката Волга. Локалната фабрика за производство на автомобили го направи првото теренско возило УАЗ-450, кое поради своето издолжено тело и заоблените рабови изгледаше како голема векна. Возилото можеше да прими 14 лица.

Новото комбе наскоро го доби прекарот буханка, кој ги насмеа и самите дизајнери.

Возилото првично е наменето за советската војска, во рамките на големите подготовки за нуклерна војна која многумина ја сметаа за неизбежна.

„Векната“, меѓутоа, се покажа совршена за цивилни цели во отежнатите услови на оддалечените советски региони, затоа што можеше да стигне до подрачја до кои не можеа ниту авионите. „Буханка“ е тестирана во пустини, на мраз и во услови на силни врнежи.

1959 година е потпишан првиот договор за 35 „векни“ кои ќе се користат како амбулантни возила и истите се пратени во Сибир, на крајниот север и во најстудената населба на Земјата – Ојмјакон во Јакутија. Неколку возила се испорачани во Индонезија и Сирија.

„Буханка“ се покажа како речиси неуништливо превозно средство. Секој кој барем еднаш патувал во неа знае дека таа излегува на крај со најлошите патишта, иако возењето можеби и не е најудобното. Сепак, ова возило заслужува само почит.

„Буханка“ има своја митологија. Според една легенда, таа може да остане без масло, може да остане дури  без квачило, но возилото ќе стигне на целта. Според друга легенда, секој дефект  на „векната“ може да се поправи ако ја удрите со чекан или ја опцуете.

„Буханките“ сѐ уште можат да се видат ширум цела Русија, а ги користат полицијата, брзата помош и службите за спасување. Во оддалечените подрачја се користат во земјоделието или како такси возила.

Во Италија овие возила сѐ уште ги превезуваат туристите до Везув и Етна, а Италијанците ги претвораат „буханките“ и во „мобилни викендичи“. Доволно се големи за да соберат туш, ве-це, шпорет, мијалник, мал фрижидер и кауч. Патем, денес оваа советска легенда можете да ја купите за само 100000 - 250000 рубли (1360 -3400 евра).

Во Јапонија „буханката“ е уше попопуларна. „Хонда“ го позајми овој концепт за својот камионет Т880. Јапонците признаваат дека „векната“ ги потсетува на нивните автомобили од 1960-те.

2018 година оваа легенда на советско-руската автомобилска индустрија полни 60 години. Со таа цел производителот направи специјална верзија - бело-зелено комбе кое се продава за 757700 рубли (10310 евра) и кое може да се пофали со разни нови делови како предни седишта со греење и нови кваки на вратите.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња