Кога во 2006 година осуммина поклоници на трансхуманистичкото движење ја основаше „КриоРус“, единствената компанија во Русија која се занимава со тукушто упокоени луѓе и тукушто загинати животни со надеж дека во иднина ќе биде можно нивно оживување, никој не размислуваше дека целиот потфат може вака да заврши.
Валерија Удалова, која учествуваше во основањето на фирмата, на почетокот од септември тајно продре во криоториумот (објект за чување замрзнати тела) и среде бел ден ги исече ѕидовите на хангарот со ацетиленски генератор. На Интернет се појави видеоснимка каде се гледа како некој со помош на кран се обидува од дупката да извлече Дјуарови боци (контејнери за долготрајно чување распадлив материјал на ниска температура). Во нив се наоѓаа неколку десетина тела на „криопациенти“.
Удалова вознемирено оди наоколу, обидувајќи се да го контролира целиот процес. Од контејнерите излегува густа бела магла. Тоа е азотот во кој се чуваат телата. Поголемиот дел мораше да се истури, и во Дјуаровите боци да се остави онолку колку што е доволно за транспорт на телата во хоризонтална положба.
Откако ги натоварија Дјуаровите боци на два шлепери, Удалова се обиде да ги пренесе во недовршениот магацин оддалечен неколку стотина километри, но не успеа ниту да излезе од населбата. На излезот ја уапси полицијата. Дури и крионистите од странство многу се вознемирија од сцените на кои шлеперите со огромни боци стојат покрај патот во присуство на полицајци, а од контејнерот и понатаму излегува азот:
„Ве молам, јавете ако слушнете што било за КриоРус. Многу сум заинтересиран и загрижен поради она што таму се случи“, пишуваа тие на каналот на Телеграм кој е посветен на оваа тема.
Доколку е потребно мошне кусо објаснување, тогаш може да се каже дека на овој начин коосновачите на руската криофирма го делат претпријатието по меѓусебното разидување. Борбата за „парче од колачот“ влезе во критична фаза и тие буквално почнаа да ги делат своите пациенти, односно замрзнатите тела. Удалова се обиде да ги пренесе на начин за нејзиниот поранешен маж и бизнис-партнер Данила Медведев да не дознае, но наиде на отпор.
„Овој план беше кован три месеци“, рече Удалова. Целиот технолошки сложен процес (дупчење отвори, товарење и транспорт на „пациентите“) траеше 15 часови. И тоа не е единствениот очајнички потег што таа го презеде со цел да ја врати контролата над компанијата.
Во светот постојат уште две големи компании кои поседуваат сопствени крипториуми, и двете се во САД. Ова е легална дејност, иако не постојат соодветни научни истражувања, нити имало случај на оживување човек по замрзнување. Оние што ја плаќаат оваа услуга веруваат дека во иднина ќе биде пронајден начин за повторно да оживеат.
„КриоРус“ е единствената криогена компанија во Европа, така што нејзината понуда е единствена на пазарот, па затоа имаше и многу „пациенти“. Во криоториумот на оваа фирма во 2019 година повеќе речиси да немаше слободни места (и покрај тоа што компанијата не гарантира оживување). Според податоците од сајтот на компанијата, во моментов договор е потпишан со околу 500 луѓе, и веќе има над сто „криопациенти“ – 81 човек и 47 животни. Договорот се склучува на 100 години со автоматско продолжување на секои 25 години без доплата. Некои имаат крионирано цело тело, и тоа чини 36.000 американски долари, а некои само мозокот (што е двојно поевтино).
Во текот на сиве овие години популарноста на крионизацијата порасна. Компанијата отвори претставништво во Санкт Петербург, во Њујорк, во Милано и во Јужна Кореја, и секој месец од потенцијалните клиенти примаше околу 150 телефонски повици. Ги има добиено дури и првите должници. „Еден наш криопациент почина во Велика Британија и беше превезен во нашиот криоториум. Неговиот син ни го плати првиот дел, 15% од вкупната сума, и сега го продава имотот во Индија кој вреди 300.000 американски долари за да го подмири долгот“, раскажуваше Удалова во април 2019 година.
Прв генерален директор беше Данила Медведев. Тој во 2009 година се повлече од непосредното управување, а го замени Валерија Удалова. Основачите, меѓутоа, беа незадоволни од развојот на фирмата, па во 2019 година се обидоа да ја отпуштат.
„Смислата на криониката е во тоа да се развиваат технологии за поквалитетно зачувување на луѓето за во иднина да можат да оживеат. Поради тоа криофирмата отприлика половината од своите капацитети треба да ги троши на научни истражувања, а Валерија ги трошеше парите само на тековните работи. Ние имавме очигледни забелешки на тоа што за 10-15 години од работата на фирмата, квалитетот на чување на телата не беше подобрено“, објасни Медведев.
Но, Валерија одби да се повлече и покрај тоа што одлуката беше изгласана. Ниту контролата на банкарските сметки не сакаше да ги препушти на некој друг. На истиот состанок на основачите испливаа и други неочекувани детали. „Класична шема на преземање фирма, само во иновативна сфера како што е криониката“, ги окарактеризира настаните Алексеј Самикин, еден од основачите на компанијата „КриоРус“.
Како што излезе, уште пред споменатиот состанок Удалова веќе пренела извесен број договори на ново правно лице кое е под нејзина контрола и го заложила својот двособен стан во Москва за со тие пари да изгради нов голем криоториум, некаде „во недојдија, во Тверската област“, рече Медведев.
Покрај тоа, половина невропациенти (едноставно речено мозоци) таа од криоториумот во Московската област наспроти состанокот ви пренела во фабриката за производство на течен азот во Твер, додека не биде завршен нејзиниот сопствен криоториум.
Откако го дознале ова, основачите на фирмата „КриоРус“ ја тужеа Удалова и очекуваа дека на овој начин конфликтот брзо ќе биде решен. Но, во 2020 година дојде коронавирусот и процесот запре. Во март 2021 година Удалова пред фирмата „КриоРус“ го тужеше поранешниот маж, барајќи да ѝ го предаде доменот на сајтот и како компензација да ѝ исплати 5 милиони рубли (69.000 американски долари). Судот не го исполни нејзиното барање и ја одби нејзината жалба.
„Валерија дојде до заклучок дека сигурно ќе ѝ биде одземена контролата над фирмата доколку нешто не преземе, па решила да оди на сè или на ништо и да ги украде сите пациенти и сите Дјуарови боци“, раскажува Медведев.
Медведев смета дека неговата поранешна сопруга од просториите кои повеќе не ѝ припаѓаат украла пациенти и опрема кои се воделе на негово име. „Валерија повеќе не плаќа кирија за тој простор и не обезбедува пари или течен азот за опслужување на криоториумот. Во овој момент ние го одржуваме криоториумот со помош на членовите на семејствата на определени пациенти и со наши лични средства“, им раскажа тој на странците за ситуацијата на четот на Телеграм.
Данила Медведев, генерален директор на „КриоРус“, првата фирма за крионирање во Русија.
Јуриј Машков/TASSУдалова ги отфрла сите обвинувања за кражба: „Ние ништо немаме украдено, ами компанијата одлучи својата опрема да ја префрли од закупениот простор на друга своја локација“. Таа тврди дека договорот за изнајмување на просториите се води на нејзино име, и дека нејзиниот поранешен сопруг ги има фалсификувано договорите за поседување на Дјуаровите боци. Но, сето тоа повторно ќе се провери на суд.
Полицајците кои во септември ја уапсија Удалова со десетина замрзнати тела малку се колебаа, а потоа дојдоа до заклучок дека Дјуаровите боци треба да бидат вратени онаму од каде се земени. Медведев со уште еден активист од областа на криониката регистрираше друга фирма под назив „Отворена крионика“, и таа се занимава со истата дејност како и „КриоРус“, па на тој начин ја поврати контролата на половината криопациенти.
Допрва претстои процена на штетата која им е нанесена на криопациентите и на криоториумот. Исфрлениот азот чини една четвртина милиони рубли (3.500 американски долари), а да не се зборува за штетата која е нанесена на руската крионика во целина. Покрај шлеперите со Дјуаровите боци кои „чадат“ тој ден на патот беше запрен и неугледен „Газељ“. Во него немаше мртви тела, но затоа имаше мозок на еден криопациент, и засега не се знае на кој. „Сега се обидуваме да откриеме чиј е тој мозок, зашто за време на кражбата немаше документација за него“, вели Медведев.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче