Русија го претстави новиот систем за заштита на тенкот Т-14 „Армата“

Наука и технологија
НИКОЛАЈ ЛИТОВКИН
Тоа ќе бидат заштитни аеросолни проектили кои ги „заслепуваат“ високопрецизните самонаведувани ракети како што се американските модели Javelin и AGM-114 Hellfire.

На почетокот на октомври во Русија беа претставени и ставени во функција борбените аеросолни проектили 3ВД35 за најмоќните борбени тенкови во земјата Т-14 „Армата“.

„Целта на ова оружје е да создаде заштитна чадна завеса која ги крие тешко вооружените грдосии од непријателските системи на високопрецизно оружје. Уште поважно, овој чад создава слој во воздухот што не можат да го пробијат ласерските навигациски системи интегрирани во боевите глави на најмодерните ракети. Тоа е добро средство за подигање на одбранбената моќ на оклопната техника“, изјави Иван Коновалов, директор за развој во Фондот за унапредување на технологиите на 21 век.

Системот ќе работи на следниов начин: штом внатрешните компјутери ќе откријат опасност што се приближува, проектилите 3ВД35 се испукуваат во правец на нападот и распрскуваат аеросолен екран, заслепувајќи ги системите за наведување во непријателските ракети.

Овие проектили ќе ги заштитат најтенките делови на оклопот Т-14 во горната хемисфера кои немаат динамичка или противкумулативна заштита.

Оружјето првично беше дизајнирано да ја „заслепи“ и онеспосби целта со помош на честички отпорни на светлина и топлина, така што е супериорно во однос на најмодерните противтенковски проектили на светот, т.е. на американските Javelin и AGM-114 Hellfire. Тие проектили се многу напредни системи на вооружување кои на бојното поле претставуваат опасност дури и за борбените тенкови од нова генерација. Најновиот руски тенк Т-14 „Армата“ не е исклучок во тој поглед.

Дополнителен оклоп за „Армата“

Рускиот тенк, како што истакнува експертот, ќе добие дополнителна заштита за другите послаби делови, т.е. за тркалата и гасениците. Инженерите ќе додадат „решеткасти заштитни екрани“ кои ќе го заштитат „Армата“ од најмасовното средство за уништување тенкови, т.е. од кумулативни гранати.

Овој дополнителен оклоп ќе ја деформира гранатата при ударот и ќе ја намали енергијата на експлозијата.

Коновалов објаснува дека се работи за ефикасни и ефтини заштитни средства кои повеќекратно ја подобруваат заштитата на моторот и трансмисијата кога борбените дејствија се изведуваат во урбана средина.

Од друга страна, овие „решеткасти заштитни екрани“ имаат и свои недостатоци. Најважен е оној дека тие не се доволно универзални, бидејќи тие целосно го штитат тенкот само од одредени типови рачни противтенковски гранати.