Директорот на „Ростех“ одговори на прашања важни за роботизираната верзија на тенкот „Армата“

Според раководителот на државната корпорација „Ростех“, основниот борбен тенк „Армата“ ќе може да се користи со екипаж, но и без него. Дали е планирано сериско производство на верзијата на тенкот без екипаж, како и кој во тој случај ќе ја носи конечната одлука кога станува збор за употреба на оружјето, прочитајте во продолжение на текстот.

Генералниот директор на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов објасни кој ќе носи одлука за отворање оган кај целосно беспилотната варијанта на основниот борбен тенк Т-14, кој ја користи универзалната платформа на гасеници „Армата“.

Како што изјави тој во емисијата „Саботни вести“ (емисија емитувана на 24 април), основниот борбен тенк „Армата“ ќе може да се користи со екипаж, но и без него. Во вториот случај управувањето со тенкот ќе го преземат елементите на вештачката интелигенција кои ќе бидат основа на системот за управување на основниот борбен тенк Т-14 „Армата“.

„Роботот самостојно ќе управува со тенкот и самостојно ќе ги бира своите цели. Но, во понатамошниот процес на одлучувањето (дали тенкот ќе отвори оган или не – доп. на прев.), таа одлука ќе ја донесе човек“, изјави притоа генералниот директор на државната корпорација „Ростех“, пренесува интернет-порталот anna-news.info.

Првите неофицијални информации во врска со комплетирањето на роботизираната верзија на основниот борбен тенк Т-14 „Армата“, како и нејзиното тестирање, се појавија кон средината на 2020 година.

Малку подоцна (декември 2020 година) Сергеј Чемезов и официјално потврди дека се работи на роботизација на основниот борбен тенк Т-14 „Армата“. Меѓутоа, по тој повод тој рече дека верзијата без екипаж на овој тенк нема да се произведува во серии, туку ќе биде демонстратор на перспективна роботизирана борбена техника.

Во февруари 2021 година беше потврдено дека елементите на вештачка интелигенција ќе му овозможат на системот за контрола на огнот, кој е дел од основниот борбен тенк Т-14 „Армата“, самостојно да пронаоѓа и препознава цел во многу сложени климатски и борбени услови, да изврши нејзина селекција по приоритет и почнете да ја следи, што е последниот чекор до моментот на отворање оган.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња