Ефикасни и убиствени: „Национален Интерес“ направи преглед на руските ударни дронови

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND
Во оваа деценија, Русија е подготвена за интензивна експлоатација на цела низа беспилотни летала, од кои едниот дел е во фаза на конструирање, а другиот во фаза на производство. Ова ќе ѝ овозможи на Руската Федерација да ги престигне во оваа област САД, Кина, Иран, Израел и Турција.

До ваков заклучок дојде аналитичарот на весникот „Национален Интерес“ Себастијан Роблин, кој приреди преглед на шесте најперспективни руски дронови. Тој истакнува дека наведуваното оружје им овозможува на беспилотните летала изведување високопрецизни напади и максимално ефикасно дејство.

Прв на списокот е дронот „Орион“. Почетокот на сериското производство на овие уреди е планиран за крајот на оваа година, а пласманот на странскиот пазар за 2022 година. Споменатото беспилотно летало се карактеризира со голема должина на летот - може да помине во воздух 24 часа со полезен товар од 60 килограми. Специјално за него е направено малогабаритно наведувано вооружување во вид на авионските бомби КАБ-20 и КАБ-50, како и наведуваната планирачка авионска бомба УПАБ-50. „Орион“ е успешно тестиран во борбени дејствија во Сирија. За него се веќе заинтересирани клиенти од странство.

Друг перспективен апарат во наведениот осврт е тешкиот дрон „Алтиус-У“, кој извршува цел спектар задачи за набљудување. Има голем распон на крилата - цели 28 метри, станица за оптичко-електронско набљудување и страничен радар со активна фазирана антенска решетка. Опсегот на ова стратешко беспилотно летало е 7000 километри. Може да помине 48 часа во воздух.

Следен проект е беспилотниот апарат „Сириус“. Тоа е новата етапа на „Орион“. Се карактеризира со поголема маса, како и поголеми димензии и поголема брзина. Дронот ќе добие и нова радио-електронска опрема и ќе може да извршува борбени задачи во радиус од 1000 километри. Зголемена е и масата на вооружување што може да го носи ова летало и сега таа изнесува 300 килограми бомби и ракети.

Четвртиот на списокот е „Хелиос“ (Гелиос), чиј распон на крилата е 30 метри. Врши разни задачи за набљудување и врши напади од воздух.

На петтото место е брзото беспилотно летало „Гром“. Може да носи 2 тони борбен товар, а неговата максимална полетна маса е 7 тони. Дронот развива брзина од 1000 км/час и е ефикасен во радиус од 700 километри. Може да биде вооружен со наведувани авионски бомби тешки до 500 килограми, како и фугасна авионска бомба ФАБ-50. Авторот на американскиот весник укажува и на економската ефикасност на „Гром“.

На крајот на прилогот е тешкото ударно беспилотно летало С-70 „Охотник“. Станува збор за „невидлив“ дрон кој функционира во автономен режим. Може да работи во пар со ловецот Су-57. Дури и ако се прекине врската меѓу нив, дронот продолжува самостојно да ги извршува борбените задачи. „Охотник“ може да биде вклучен во арсеналот во 2023 година, а во моментов е во тек негово тестирање.