Како ќе биде модифициран Су-30СМ?

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Новата верзија ќе добие нови мотори и радари, а исто така и наведувани бомби и ракети, така што овој ловец од 1990-тите ќе стане „птица“ со која ќе нема шега во современата војна.

Руските авиони-ловци Су-30СМ ќе бидат модернизирани и таа модификација ќе го добие називот СМ2 „Супер Сухој“, соопштуваат медиумите. Модернизираните авиони ќе добијат мотор кој овозможува поголеми маневарски можности, а исто така и уникатни радари. Покрај тоа, значително ќе им биде проширен арсеналот. Модифицираниот модел ќе ги има најновите наведувани бомби и ракети. Според мислењето на експертите, таквата модернизација значително ќе го зајакне потенцијалот на руската борбена авијација.

Планирано е работите над модернизацијата да завршат до 2027 година. Покрај ловците на Воздушно-космичките сили, ќе биде модернизирана и морнаричката авијација.

Сé уште не е познат точниот број на ловци Су-30СМ кои ќе бидат модифицирани. Тоа ќе биде одлучено во текот на наредните месеци.

Што ќе се промени?

Руските инженери од 2015 година работат на подигање на борбените карактеристики на авионот Су-30СМ. Меѓу другото, беше одлучено да максимално да се унифицираат Су-30СМ и Су-35С. Со таа цел започна подготовката за создавање на варијанта на Су-30СМ со нов мотор, а се проучува и можноста за монтирање на многу помоќниот радар „Ирбис“ наместо сегашниот „Леопард“.

Во рамките на модернизацијата се решава проблемот за инсталација на моторот АЛ-41Ф-1С на Су-30СМ2. Тоа е моторот што го имаат суперманеварските ловци Су-35С. Потисокот на новиот мотор е 16% поголем од потисокот на сегашните мотори на моделите Су-30СМ.

„Работниот век на новиот мотор е удвоен без зголемување на масата и димензиите. Сега тој може да работи 4000 часа. Моторот АЛ-41Ф-1С има плазма палење и помала потрошувачка од моделот АЛ-31ФП, кој ги движи сегашните „триесетки“. Со иста количина гориво авионот ќе може да остане во воздухот подолго. Покрај тоа, електрониката, како и радарските и оптичките системи, се усовршени“, изјави професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин.

Според него, овие модификации ќе имаат поголем опсег на гаѓање, што е од суштинско значење во модерните воздушни борби.

„Обновениот мотор ја намалува потрошувачката на гориво и обезбедува поголем радиус на движење. Подобрениот радар попрецизно ги открива и ги дефинира непријателските цели“, додаде експертот.

Су-30СМ е направен за потребите на Вооружените сили на Русија врз основа на добро развиената варијанта Су-30МК, која на преминот на вековите беше хит на меѓународниот пазар. Над 300 авиони од ова семејство беа испорачани на Индија, Алжир и Малезија. Користењето на таквата платформа овозможи брзо да се направи нејзина модификација за нашата земја и брзо да започне сериското производство.