Русија ја регистрираше третата вакцина против коронавирус „КовиВак“

Иљја Питалев/Sputnik
Првите 127 илјади дози од препаратот ќе бидат пуштени во цивилен промет кон средината на март. Планиран е и излез на меѓународниот пазар.

Министерството за здравство на РФ ја регистрираше вакцината против заразната болест Ковид-19 „КовиВак“, произведена во Федералниот научен центар за истражување и развој на имунобиолошки препарати „М. П. Чумаков“ на Руската академија на науки. Ова го изјави Михаил Мишустин, претседател на Владата на Русија.

Според него, првите 127 илјади дози од препаратот ќе бидат пуштени во цивилен промет кон средината на март. Планиран е и излез на меѓународниот пазар.

Препаратот „КовиВак“ не е само третата по ред вакцина по „Спутник V“ и „ЕпиВакКорона“, туку и трет вид вакцина. Развиен е врз база на цел, инактивиран, или како што често се вели, мртов коронавирус. Кога ќе се вбризга, организмот го препознава антигенскиот состав на вирусот, го памети и во иднина треба да биде подготвен да одговори на сите негови манифестации.
Според мислењето на Ајдар Ишмухаметов, директор на Центарот „Чумаков“, дописен член на Руската академија на науки, „КовиВак“ ќе биде ефикасен и против мутираните соеви, бидејќи во неговото креирање е користен цел вирус, а не фрагменти на неговиот геном.

Клиничките тестирања почнаа во октомври. Несакани дејства засега не се регистрирани. Наскоро ќе биде завршена втората фаза, а тестирањата извршени врз три илјади доброволци.
Препаратот се препорачува за лица на возраст меѓу 18 и 60 години. Индикациите можат да се прошират после втората фаза на тестирања со доброволци постари од 60 години и припадници на таа старосна група со придружни болести.

Во овој момент во Русија е можна вакцинација против коронавирус со вакцината „Спутник V“ , развиена од Центарот „Гамалејк“ во соработка со Рускиот фонд за директни инвестиции РФПИ. Овој препарат е првата регистрирана вакцина против Ковид-19 во светот.

Покрај тоа, Министерството за здравство на РФ регистрираше уште една вакцина - „ЕпиВакКорона“, развиена во новосибирскиот центар „Вектор“.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња