Руската флота се подготвува годинава да усвои технолошки најнапредна подморница во својата историја

Министерство обороны РФ
Овој подводен џин е наменет да ги штити руските површински бродови на практично сите меридијани и паралели на светот, да ги напаѓа потенцијалните непријателски бродови и нивните бази со употреба на крстосувачки ракети од класата „Калибар“, како и да изведува ефикасни противелектронски дејства. Основната предност на подморницата е напредниот погон кој се состои од нуклеарен реактор од четвртата генерација, кој ѝ овозможува практично нечујно движење.

До крајот на 2020 година руското Министерство за одбрана ќе ги заврши државните тестирања на најновата нуклеарна подморница 885М „Казањ“. Се работи за нова повеќенаменска подморница на нуклеарен погон, вооружена со голем број крстосувачки ракети и која може да извршува цел спектар различни задачи.

Основната задача на оваа подморница е заштита на површински бродови кои се наоѓаат во патролни мисии, потоа напад врз потенцијални непријателски бродови и нивните бази со употреба на крстосувачки ракети, како и употреба на противелектронски системи со цел оневозможување на нивната радиокомуникација.

Новата подморница е опремена со нов погон составен од нуклеарен реактор од четвртата генерација. Тој наводно ќе има можност да работи во временски интервал од 25-30 години, без какво било дополнување со резервно гориво. Неговите технички карактеристики овозможуваат далеку помала продукција на шум во текот на движењето. Имено, главната разладна гранка на реакторот овозможува природна циркулација на водата низ целиот систем, при што е непотребно палење на главните циркулациски пумпи кои се еден од клучните виновници за зголемување на шумот во текот на работата на нуклеарните подморници.

„Овие нуклеарни подморници претставуваат една од најголемите тајни кога е во прашање руското оружје. Конкретно, што се однесува до технологијата според која оваа подморница е направена, тоа претставува нешто сосем ново во руската воена индустрија. Ова пловило не е резултат на пакетот модернизација кој се применува врз подморниците од претходната генерација. Тоа се потполно нови подморници кои се разликуваат од останатите по новите системи за управување со огнот, без да не спомене целата гама нови компоненти и механизми вградени во нив. Се работи за технолошки најнапредната опрема која е резултат на напорите на советската и руската инженерска школа“, изјави Вадим Козулин, професор на Академијата за воени науки.

Класата подморници 885 може да носи до 30 торпеда и подводни мини. Некои од нив се сместени во надворешните транспортно-лансирни контејнери. Според различни податоци, се проценува дека една подморница од класата 885М ќе го чини руското Министерство за одбрана околу 40 милијарди рубли, односно 500 милиони американски долари.

Главното вооружување на подморниците од класата 885/885М ќе бидат крстосувачките ракети „Калибар-ПЛ“.

Кога се зборува за крстосувачките ракети од семејството „Калибар“, тие во овој момент претставуваат „шлаг на тортата“ кога се во прашање комплексните руски системи на вооружување. Во зависност од својата намена, секоја од овие ракети може да погоди цел на далечини од 300-2600 километри. Згора на тоа, наместо балистичката траекторија на ракетата која од големи висини паѓа кон својата цел, „Калибар“ ја следи конфигурацијата на теренот и маневрира практично над главите на луѓето.

Уште еден важен фактор е поврзан со понатамошното усовршување на ударната сила на овие проектили. Имено, технолошкиот напредок во наредната деценија ќе овозможи боевата глава со која ќе бидат вооружени овие ракети да произведе експлозија еквивалентна на примена на нуклеарно оружје (веројатно се работи за употреба на нови типови експлозиви и технологии на пакување на боевите глави кои значително ќе ја зголемат нивната разорна моќ и ќе достигнат ефект на тактичко нуклеарно оружје со помала сила – заб. на прев.).

„Се работи за исклучително маневарбилно оружје со екстремна прецизност, чиј удар нема да произведе радиоактивна контаминација која се јавува по експлозијата на нуклеарно оружје. По примената на ова оружје копнените трупи ќе можат непречено да влезат во непосредната зона каде што е применето ова оружје, без опасност од радијација“, рече Козулин.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња