Американското списание „Национален Интерес“ oбјави статија посветена на школско-борбениот авион Јак-130. Авторот Марк Епископос забележува дека тој е универзален и застрашувачки јуришен авион. Може да дејствува од носачи на авиони, да извршува извидувачки мисии и да се користи за нанесување воздушни удари, пишува „Росијскаја газета“.
Како и многу воени проекти кои го преживеаја распадот на Советскиот Сојуз, Јак-130 има долга историја на развој. Во 1980-тите години владата објави конкурс за создавање тренажен авион, способен да ги замени застарените чехословачки Aero L-29 и L-39. Како резултат на тоа, ОКБ „Јаковлев“ победи меѓу пет производители.
Но, поради недостаток на финансирање во 1993 година, проектот запре. И тогаш се прибегна кон помош од странски инвеститори - италијанската компанија за производство на авиони „Аермаки“ (Aermacchi).
Пробниот примерок на Јак-130Д го направи својот прв лет 1996 година. Подоцна, кога патиштата на руските и италијанските конструктори се разидоа, врз негова основа „Аермаки“ го создава свој ловец M-346 Master. А конструкторското биро „Јаковлев“ го пушта доработениот модел во сериско производство.
Серискиот Јак-130 е двосед лесен школско-тренажен авион со стандардно крило во форма на стрела и конструкција од лесни легури. Има краток труп и помалку агресивно заоблен нос од Јак-130Д. Тоа му обезбедува стабилен лет под агли на напад до 35 степени. Импресивниот однос на потисок-тежина обезбедува брзо искачување во висина и овозможува полетување во тешки услови.
За разлика од многу други авиони кои се појавија на крајот на советската ера, Јак-130 има модерна авионика. Опремен е со електричен систем за далечинско управување, систем за посочување на цели на шлемот на пилотот, модул кој овозможува да се менуваат карактеристиките на управувањето и стабилноста во одредени параметри.
Благодарение на успешната комбинација од добро осмислени принципи на аеродинамичен дизајн и електронска опрема, Јак-130 според импресивните карактеристики може да се спореди со ловците од четвртата генерација.
Деветте точки за закачување бомби и ракети на Јак-130 се компатибилни со ракетите со краток дострел од класата „воздух-воздух“ Р-73 и бомби до 500 килограми.
И покрај фактот дека Јак-130 е проектиран како специјален школско-тренажен ловец, тој се етаблираше како универзален лесен јуришен авион.
Универзалноста и економичноста на Јак-130 го прават извозен хит на постсоветските простори и во земјите во развој: десетици нарачки се направени од Мјанмар, Белорусија, Алжир и Бангладеш.
На крајот на минатата година на авиошоуто во Дубаи 2019 година се дозна дека ОВК работи на модернизација на Јак-130.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче