Рускиот школско-борбен авион кој важи за најдобар на светот го покажа својот убоен арсенал (ФОТО)

Wikimedia commons
Јак-130 е сопственик на светски рекорд кога е во прашање достигнување висина од 6 илјади метри за само 1 минута и 42 секунди, како и висина од 9 илјади метри за 4 минути и 43 секунди (со оптоварување од 2000 кг). Според голем број летечко-технички карактеристики, борбените атрибути, но и набавната цена, овој авион во својата класа важи за најдобар на светот.

На фотографијата се гледа Јак-130 кој на шест подвесни точки носи четири контејнери („саќе“) со ненаведувани ракетни зрна С-8 и С-13, како и самонаведувани ракети од класата „воздух-воздух“ Р-73.

Р-73 спаѓа во ракетите со краток дострел, означена според НАТО кодификацијата како AA-11 „Archer“ - „Стрелец“. Нејзината основна функција е борба против агилни воздушни цели во услови на близок воздушен бој. Се одликува со исклучително широк агол на зафат,  суперманеварбилност и принцип „испукај и заборави“.

Конструирана е според аеродинамичната концепција „патка“. Ја движи едностепен мотор на цврсто гориво. Се наведува на целта со помош на пасивна инфрацрвена самонаведувана боева глава која е многу отпорна на пречки. Оваа глава е толку чувствителна што може да ја зафати целта на далечина од неколку десетици километри.  

Ефективниот дострел на ракетата Р-73М е до 40 км. Ја уништува целта со високо-експлозивна шипкаста боева глава со тежина од 8 кг, која ја расечува на два или повеќе делови. Може да користи различни типови запалки – од радарска близинска до оптичка. Ракетата според своите димензии е многу компактна. Нејзината должина е околу 2900 мм, со максимален распон на крилата од 510 мм. Нејзиниот калибар е 170 мм. Ефикасна е против воздушни цели што летаат со брзина до 2500 км/ч, и кои истовремено маневрираат под оптоварување од 12 G. Ракетата е способна при лет да издржи оптоварување и до 40 G.

Што се однесува до ненаведуваните ракетни зрна С-8 и С-13, овие убојни средства се развиени уште за време на СССР. Се работи за многу ефикасно оружје особено кога се во прашање јуришните бомбардери и хеликоптерите. Оружјето е многу корисно во ситуација кога е потребно со голем број проектили (плотун) напросто да се „одвее“ непријателската позиција. Проектилите се произведуваат во калибар 80 мм (С-8) и 122 мм (С-13). И тоа не е сé.

Врз база на овие ракети руската воена индустрија ги развива високопрецизните проектили кои ќе ги носат ознаките „Бронебојшчик“ и „Монолит“. Ракетите ќе бидат наведувани и ќе имаат уште поубојни боеви глави. Ваквиот вид вооружување сигурно ќе го добијат речиси сите борбени авиони и хеликоптери на руската армија (тактичката авијација), вклучувајќи го и Јак-130.

Јак-130 (Нато „Mitten“ - мак.„Ракавица“) е авион со два члена на екипажот, наменет за школување и обука на пилоти. Секундарна намена му се борбени задачи. Има посебни можности за борбена обука, со преземање на карактеристиките на летот на конкретни борбени авиони, со што се намалуваат вкупните трошоци за школување на пилотите. За таа потреба, овие авиони се надградуваат софтверски за да се создаде во целост кај пилотите-ученици впечаток дека летаат со авион од генерацијата 4+/4++, па дури и од 5 генерација, како што е „Сухој“ Су-57. Авионот е така конципиран што многу квалитетно ја опфаќа обуката на младиот пилот во сите сегменти на летањето како што се: полетување и слетување, навигација, изведување сложени маневри, развивање на вештина на управување во екстремни услови на летање, постапки во случај на пропуст или грешка на пилотот, тактички дејства при изведување на различни модалитети на борбени мисии, употреба на системи на оружје и цел спектар останати дејствија специфични за авионите од  4 и 5 генерација.

Покрај блокот кој е наменет за обука на пилоти, овој авион може да врши и борбени мисии кои главно се состојат од задачи за непосредна огнена поддршка на копнените трупи на земја, и особено за задачи за извидување, носејќи борбен товар до 3000 кг.

Развојот на овој авион почна 1991 година, а првиот лет беше реализиран на 26 април 1996 година. Победи на конкурсот во 2005 година за авион за обука на руското Воено воздухопловство, а првите негови примероци се воведени во оперативна употреба 2009 година. Руското Воено воздухопловство располага со повеќе од 130 вакви апарати. Се планира производство на 250 единици за потребите на руското Воено воздухопловство, а на светскиот пазар вкупната побарувачка за авионот Јак-130 е околу 2500 единици, со тенденција за понатамошен раст по ваквите резултати. За еден Јак-130 треба да се издвојат 15 милиони долари, што во однос на западната конкуренција е значително поповолна цена. Имено, за еден авион, како што е, на пример, британскиот BAE Systems Hawk T2, можат да се купат дури два Јак-а, а како што гледаме, рускиот авион во параметрите на летање е значително подобар од својот соперник.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња