Во Астрахањската област на воениот полигон Капустин Јар беше реализирано боево гаѓање на различни единици во рамките на руската противвоздухопловна и противракетна одбрана, пренесува веб-порталот РГ.
Ангажираните единици на противвоздухопловната одбрана формираа ешалонирана одбрана и успеаја да одбијат масовен напад на балистички и крстосувачки ракети на условниот непријател.
Како што соопштува информативната служба на руското Министерство за одбрана, „ракеташите“ во текот на боевото гаѓање успеаја да соборат преку 30 зафатени цели кои се движеа во индивидуални и групни формации на висини од 0,008-35 километри и далечини од 3-50 километри.
Во оваа воена вежба беа ангажирани најсовремени ракетни системи за ПВО/ПРО кои се наоѓаат во оперативното вооружување на руската армија. Тука можеа да се видат батерии и дивизиони опремени со системи С-300В4, „Бук-М3“, „Тор-М2“, вклучувајќи и борбени возила на тркала „Тајфун-ПВО“ опремени со новиот ЛПРС „Врба“.
По зафатените цели на големи дистанци првин дејствуваше батерија системи С-300В4. Конкретно што се однесува до овој систем, тој претставува понатамошна модернизација на ракетните системи С-300В кои се наоѓаат во вооружувањето на Копнената војска на руската армија. Тие пред сѐ се наменети за пресретнување на оперативно-тактички и балистички ракети. Значи, тука во основа се работи за противракетен систем. Покрај тоа, тие можат да се употребат и против останатите воздушни цели, како што се авиони, хеликоптери и сл. За разлика од претходните системи, новиот С-300В4 може да пресретнува проектили на далечини и до 400 км. Според своите севкупни тактичко-технички карактеристики, овој систем ги надминува можностите на системот С-400 „Триумф“. Исто така, комплетниот комплекс со радарско-набљудувачките и нишанските системи, како и со лансирните и логистичките единици е сместен на тенковски шасии на гасеници.
Процените се дека благодарение на навистина обемниот пакет модернизација применет на верзијата С-300В4, неговата борбена ефикасност е зголемена за дури 2-3 пати во однос на претходната верзија на овој систем С-300В3. Оваа верзија на системот во моментов претставува можеби и најдобар ракетен систем за ПВО/ПРО на светот.
На средни дистанци, кога е во прашање покривање на зоната на ешалонираната одбрана, беше активирана батерија ракетни системи 9K317M Бук-М3. Овој комплекс претставува понатамошна еволуција на ракетните системи со среден дострел од фамилијата „Бук“.Најголемите подобрувања на системот се направени на интеграцијата на новите електронски компоненти. Од исклучителна важност е и фактот што бројот на ракети по една лансирна единица е зголемен за 50%, што значително ја зголемува вкупната огнена моќ на батериите и дивизионите кои се опремени со овие системи. Дивизион ракетни системи 9K317M Бук-M3 има способност истовремено да нападне 36 воздушни цели во радиус од 70 км во должина, и до 35 км во височина. Притоа, веројатноста за уништување на целта со една ракета е речиси 1:1 (цел со големина на авион-ловец), додека кај крстосувачките ракети овој сооднос е околу 1:0,8. Бук-M3 ќе користи ракети од класата „земја-земја“ 9М317М кои ќе можат да пресретнуваат цели кои летаат со брзина до 3000 м/с. Ракетата е опремена со распрскувачко–разорна боева глава. Кон целта во првиот дел од траекторијата се наведува по инерцијален пат, а потоа во завршниот дел се активира активна радарска глава за самонаведување која е исклучително отпорна на електронски пречки.
Одбраната од крстосувачки ракети им беше доверена на современите ракетни системи со краток дострел 9К332 „Тор-М2“ и 9К333 “Врба”.
Противвоздухопловниот ракетен комплекс 9К332 „Тор-М2“ е ефикасен против авиони, хеликоптери, беспилотни летала и, особено, против високопрецизни наведувани бомби и ракети. Претставува систем со краток дострел (во далечина 15 км/во висина 10 км), и е идеален за заштита на оклопно-моторизирани колони во марш или во тек на активни борбени дејствија. За разлика од претходните верзии на овој систем, „Тор-М2“ има 16 ракети (претходните верзии имаа капацитет од 8 ракети). Се одликува со подвижност, кратко време на реакција по забележана цел, автоматизација при гаѓањето, исклучителна ефикасност при уништување на цел спектар воздушни цели, како и висок степен на отпорност на средства за ПеБ (средства за противелектронска борба).
Руските конструктори од Научно-опитниот центар „КБ за машиноградба“ (КБ машиностроения) успеаја да развијат нов ЛПРС, кој според своите севкупни карактеристики претставува дефинитивно најдобар систем од овој тип на светот. Се работи за ЛПРС 9К333 „Врба“, кој е опремен и со нова ПА-ракета 9М336.
Основната задача на „Врба“ е борба против широк спектар воздушни цели кои масовно применуваат средства за избегнување ракети опремени со инфрацрвени боеви трагачи. Ова ќе ѝ го овозможат исклучително современата мултиспектрална инфрацрвена самонаведувана боева глава која работи во три режими – ултравиолетов и два инфрацрвени. Ваквиот самонаведуван управувачки блок многу ефикасно ќе ги распознава лажните мамки и ќе ја насочи ракетата кон вистинската цел и тоа во сите временски услови без оглед на прозрачноста на небото. Нејзината боева глава се одликува со исклучително разорна сила, чија ударна моќ ќе ја засили и активацијата на горивото што се наоѓа во телото на ракетата. Таква експлозија тешко можат да преживеат и најжилавите воздушни цели.
Значително се зголемени хоризонталните и вертикалните дострели на оружјето во однос на претходните модели. ЛПРС „Врба“ е способен да собори цел на далечина и до 6400 метри, додека максималната височина на примена е зголемена за цели 1000 метри и сега изнесува респектабилни 4500 метри.
Ваквите карактеристики на ЛПРС „Врба“ практично ве целост ќе оневозможат употреба на тнр. фронтовска јуришна авијација и борбени хеликоптери, што до крајни граници го усложнува ефикасното изведување на една воздушно-копнена борбена операција.
Покрај сето ова, во комплет со „Врба“ доаѓа и компактен радар кој во услови на силно противелектронско попречување може да открие воздушни цели на далечини и до 80 км. Десетици вакви радари и огнени единици можат да бидат поврзани во тактички управувачки пункт „Барнаул-Т“, што во огромна мера ќе ја зголеми ефикасноста на овие единици.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче