Грмежи на Урал: во „клинч“ се фатија два тенковски полка на Уралската оклопна дивизија

Кирил Зиков/Moskva Agency
Во масовниот „судир“ што се случи на воениот полигон во Челјабинската област учествуваа околу 200 единици оклопна борбена техника, вклучувајќи и модернизирани верзии на основниот борбен тенк Т-72Б3.

Полковите на тенковската дивизија на Централниот воен округ (ЦВО) зедоа учество во тактичката воена вежба со боево гаѓање што се реализираше на воениот полигон во Челјабинската област. Според сценариото на вежбата, овие полкови имаа задача да се спротивстават еден на друг (едниот се брани, другиот напаѓа и обратно) и симулираат масовна тенковска битка. Притоа беа употребени различни тактики на тенковска борба како што се, на пример, доведување на непријателот во заблуда кога е во прашање местото и времето на изведување на вистинскиот напад, брзо префрлување од едниот на другиот крај на фронтот, намамување на непријателот во заседи, пренесува сајтот на руското Министерство за одбрана.

Во текот на изведувањето на оваа битка „напаѓачкиот“ тенковски полк издвои еден тенковски баталјон кој формираше лажен борбен поредок на напогодниот правец на главниот удар. Истовремено, два тенковски баталјона во прикриен борбен поредок се распоредија на крилата на својот основен борбен распоред и го извршија главниот удар во боковите и позадината на тенковскиот полк што се бранеше. Што се однесува до тенковскиот полк кој се наоѓаше во фаза на одбрана, тој имаше задача да формира непрестајни места за заседа со цел отапување на ударната моќ на непријателот (максимално забавување на неговото настапување).

Во завршната етапа на вежбата со боево гаѓање тенкистите на Уралската тенковска дивизија реализираа брзо преместување од постојната локација (тенковски маневар) каде што главната цел беше достигнување на зададените координати и брзо преминување во напаѓачки борбен поредок. Крајот на вежбата се состоеше од уништување утврдени и замаскирани објекти на условниот непријател со оган од тенковските топови со калибар 125 мм кои се наоѓаат во вооружувањето на модернизираната верзија на основниот борбен тенк Т-72Б3.

Во вежбата беа ангажирани вкупно 500 војници и офицери на руската армија со повеќе од 200 единици оклопна борбена техника, вклучувајќи и модернизирани тенкови Т-72Б3.

Пакетот Б3 како услов за продолжување на животниот век на обт Т-72

Основната сила на овој тенк е неговата респектабилна способност за извршување борбени задачи без оглед на времето на денот (ден/ноќ) во сложени метео услови. За тоа е задолжен повеќеканалниот нишански систем „Сосна-У“ кој се состои од систем за автоматско следење на зафатената цел и посебен канал со термовизиска камера. Модернизиран е основниот нишан на командирот на тенкот ТКН-3МК, додека возачот доби ноќен бинокулар ТВН-5. Значајно е унапреден и системот за врска преку инсталација на радиостаницата Р-168-25У-2 „Акведук“ која работи во УКБ-дијапазон. Во комплетот се наоѓаат два примопредавателни уреди. Овој систем е во состојба да оствари стабилна комуникација меѓу сите учесници на бојното поле, но и заштитена скриена врска.

Особено е зајакнат системот за оклопна заштита со додавање плочи со динамична заштита „Контакт-5/Реликт“ и противкумулативни решетки на виталните делови на тенкот.

Можеби и најголемото унапредување е вградувањето на респектабилниот топ 2А46-М5. Овие топови ги произведе КБ АД „Завод №9“ кој се наоѓа во Екатеринбург. Моделите на тенковските топови од четвртата и петтата варијанта на модернизацијата 2А46М-4 и 2А46М-5 се примени во вооружувањето во 2005 година, кога почна нивното вградување во оперативните тенкови Т-80 и Т-90 (Т-72Б3) со цел замена на дотогашните топови 2А46М (2А46М-1). Она што најмногу го карактеризира овој топ е можноста за употреба на хиперсоничните поткалибарни пенетратори 3БМ-60 „Свинец-2“ со исклучителна пробојност.

Во овие тенкови се вградуваат две верзии 4-тактни дизел-мотори со 12 цилиндри. Првите варијанти на тенковите Т-72Б3 беа опремени со моделот В-84-1 со моќност од 840 КС, додека кај последната верзија на овој тенк се појави уште помоќниот мотор В-92С2Ф кој генерира 1130 КС. Овој мотор ќе стане стандард за опремување на тенковите Т-72Б3.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња