Американските медиуми загрижени од натамошното вооружување на ловците Су-30

Сергей Пивоваров/Sputnik
Рускиот повеќенаменски авион-ловец Су-30 може да стане едно од најопасните борбени летала на светот кога е во прашање борба против површинските бродови на условниот непријател. Една од најголемите непознаници е новата противбродска ракета Х-32 која ќе остварува хиперсонични параметри на брзина, со импресивен ефективен дострел.

Како што пишува Military Watch, тактичките можности на овој авион „револуционерно“ ќе бидат унапредени од противбродските крстосувачки ракети со исклучително голем дострел Х-32. Во текстот објавен на американскиот сајт се нагласува дека оваа ракета овозможува ефикасно уништување на површински бродови на екстремни далечини. Повеќенаменските ловци Су-30 во Русија се произведуваат во сериозни бројки. Специфичноста на ова летало е таква што има два члена на екипажот, поточно постоењето оператор на вооружувањето му овозможува на овој авион да се закачат различни типови воздухопловно вооружување, наведува рускиот веб-портал РГ.

Што се однесува до противбродската ракета Х-32, процените се дека оваа ракета е во состојба на својата траекторија на летање да оствари хиперсонични параметри на брзина. Малку попретпазливите воени аналитичари сметаат дека оваа ракета е во состојба да лета 4,5 пати побрзо од брзината на звукот, додека оние малку послободните во своите интерпретации наведуваат дека оваа ракета би можела да оствари брзина која е 5 пати поголема од брзината на звукот.

Меѓутоа, нејзините најголеми предности се летечко-техничките карактеристики, способноста за маневрирање на траекторијата на летот и импресивниот ефективен дострел кој достигнува дури 1000 км. Ракетата Х-32 е специјално конструирана за продор низ комплексен систем на противракетна одбрана. Таа може во својот лет да достигне висина од 40 км, што го надминува дострелот на повеќето противракетни капацитети што ги поседува американската војска, поточно системите за ПВО кои се наоѓаат во вооружувањето на современите воени бродови. Ракетата со исклучително голема брзина се движи на својата траекторија и е многу тешко да се пресретне. Во завршната делница на летот таа стрмоглаво лета кон својата цел, достигнувајќи екстремни вредности на брзина, што драматично ја усложнува нејзината детекција со помош на радар“, се истакнува во текстот што го објави американскиот веб-портал Military Watch.

Притоа се нагласува дека истата ракета е наменета и за опремување на суперсоничните бомбардери Ту-22М3М кои се значително поголеми и потешки летала од повеќенаменските ловци Су-30.

Процените се дека еден ловец Су-30 ќе може да носи 1-2 ракети од овој тип. Во текстот понатаму се наведува дека оваа ракета поседува напредни системи за противелектронска борба кои дополнително ја комплицираат нејзината детекција, а со самото тоа и соборување. Американските стручњаци истакнуваат дека новата ракета ќе ја зголеми универзалноста на авионот-ловец Су-30. Тие истакнуваат дека „резултатот на нејзината интеграција ќе има револуционерни поместувања кога е во прашање тактиката на употреба на авијацијата во борбата против бродови, особено ако се знае дека ракетата Х-32 ќе биде далеку посупериорна во однос на воздухопловното вооружување од слична класа“.

Су-30СМ е руски повеќенаменски суперсоничен борбен авион кој се карактеризира со врвни летно-технички карактеристики. Особено е опасен во близок воздушен бој каде за поголемиот број свои странски конкуренти е недопирлив благодарение на исклучителните маневарски способности. Покрај тоа, овој авион е опремен и со радарска станица со зголемени способности, со мотори за управувачки векторски потисок и двојка напредни хоризонтални крила кои му даваат навистина импресивни летни способности. Овој авион е способен да носи широка палета современо вооружување од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“. Благодарение на оваа универзалност, овој авион може да се употребува и како школско-борбено летало за обука на млади пилоти на суперсонични авиони зашто станува збор за двосед. Су-30СМ претставува усовршена верзија на ловец кој е направен врз база на Су-30МКИ. Авионот е специјално адаптиран за потребите на морнаричката авијација каде неговата комплетна авионика и останатите помошни системи се споени со средствата кои ги употребува овој вид на руската армија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња