„Супер-гладијатор“: руската армија ги „испроба“ ПВО/ПРО-системите со голем дострел С-300В4

Слободан Ѓукиќ

Она што е многу важно да се истакне е високата ефикасност на овој систем во борбата против балистичките ракети со среден дострел. Во неговиот состав се наоѓаат специјални радари со силен фокус и исклучително брзи „конусни“ ракети посебно проектирани за пресретнување на исклучително изискувачки балистички објекти. Тешката ракета-пресретнувач која се наоѓа во вооружувањето на системот С-300В4 може да развие брзина од 7,5 маха. Згора на тоа, неговата најнова ракета со ознака 9М82МВ може да достигне брзина од 9 маха и да пресретне цел на далечина од 350 км која се наоѓа во поблиската вселена.

Единиците за противвоздухопловна одбрана на Јужниот воен округ (ЈВО) распоредени во Астрахањската област изведоа вежба за детекција и пресретнување на имитации на аеробалистички и балистички ракети со помош на противракетниот систем со голем дострел С-300В4, пренесува официјалниот веб-портал на руското Министерство за одбрана.

Екипажите на ракетните системи С-300В4 во текот на вежбата ја проверија обученоста во елементите на тактиката која се состои од прием на сигнали за нарушување на границите на воздушниот простор  кои ги покрива овој систем од страна на неидентификувани летечки објекти, нивна обработка – поточно идентификација, зафаќање и пресретнување/соборување.

Покрај тоа, ракеташите ги совладаа стандардните нормативи на боевата и специјалната обука, а реализираа и тактички елементи како што се изработка на огнена позиција, транспорт и распоредување на борбената техника и брзо напуштање на огнената позиција по дејство.  

Во рамките на вежбата се ангажирани и единици на радио-техничката војска, кои имаа задача да ги откријат воздушните цели на големи далечини. Основните критериуми во оценувањето на оспособеноста на ракетните екипажи на ПВО/ПРО системите С-300В4 беа брзината на преминување од маршовска во борбена позиција и обратно, оперативноста на целиот систем да одговори на различни предизвици кои можат да дојдат од воздушниот простор и генералната снаодливост на ракетните екипажи.

Во текот на оваа вежба беа ангажирани околу 150 ракеташи од ПВО-единиците на Јужниот воен округ, како и 20 единици борбена техника.

С-300В4 претставува понатамошна модернизација на ракетните системи С-300В кои се наоѓаат во вооружувањето на Копнената војска на руската армија. Тие пред сѐ се наменети за пресретнување на оперативно-тактички и балистички ракети. Значи, тука во основа се работи за противракетен систем. Покрај тоа, тие можат да се употребат и против останатите воздушни цели, како што се авиони, хеликоптери и сл. За разлика од претходните системи, новиот С-300В4 може да пресретнува проектили на далечини и до 400 км. Според своите севкупни тактичко-технички карактеристики, овој систем ги надминува можностите на системот С-400 „Триумф“. Исто така, комплетниот комплекс со радарско-набљудувачките и нишанските системи, како и со лансирните и логистичките единици е сместен на тенковски шасии на гасеници.

Процените се дека благодарение на навистина обемниот пакет модернизација применет на верзијата С-300В4, неговата борбена ефикасност е зголемена за дури 2,3 пати во однос на претходната верзија на овој систем С-300В3. Оваа верзија на системот во моментов претставува можеби и најдобар ракетен систем за ПВО/ПРО на светот.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња