„Белите лебеди“ ќе поседуваат исти системи за врска како ловците од петтата генерација Су-57?

Слободан Ѓукиќ
Комплексот е развиен врз основа на платформата која е направена за повеќенаменскиот ловец од петтата генерација Су-57. Неговите основни предности се високата сигурност, брзината на примопредавање на податоци, малата маса и економичноста во потрошувачката на енергија.

Модернизираниот стратешки бомбардер-ракетоносец Ту-160М2 и бомбардерите Ту- 22М3М ќе усвојат нови системи за врска развиени врз основа на платформата наменета за ловецот од петтата генерација Су-57. Ова за веб-порталот ТАСС го соопшти информативната служба на холдингот „Росеелектроника“ кој се наоѓа во рамките на државниот концерн „Ростех“.

„Комплексот е развиен врз основа на платформата направена за повеќенаменскиот ловец од петтата генерација Су-57. Неговите основни предности се високата сигурност, брзината на примопредавање на податоци, малата маса и економичноста во потрошувачката на енергија. Решенијата кои се применети при изработката на овој систем за врска ќе овозможат оперативно зголемување на неговите технички способности преку негова понатамошна еволуција“, велат од информативната служба на холдингот.

Новиот систем за врска во овој момент го развиваат специјалистите на НПП „Полет“ кој се наоѓа во рамките на холдингот „Роселектроника“. „Комплексот се наоѓа на етапа на тестирања на летањето во текот на кои прикажува високи тактичко-технички карактеристики“, напоменуваат од информативната служба на холдингот.

Пред пет години стана извесно дека рускиот воено-индустриски комплекс ќе го обнови производството на стратешките бомбардери Ту-160, кое ќе се реализира во модернизираната варијанта Ту-160М2. Во јануари минатата година министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу соопшти дека Вооружените сили на Руската Федерација до крајот на 2023 година ќе добијат четири нови стратешки бомбардери Ту-160М2.

Ту-160М2 ќе биде значително поефикасен ракетоносец од неговите претходници. Со основната верзија на авионот ќе го имаат само надворешниот изглед. Што се однесува до останатите компоненти кои ќе станат интегрален дел на овој авион, станува збор за целосно ново летало. Голем дел од овие системи се наоѓа во режим на строго чувана државна тајна. Она што е сигурно познато е дека новата техника ќе му обезбеди на овој авион сериозен пораст на борбените способности. Според заменик-министерот за одбрана на РФ Јуриј Борисов, овој авион за дури 2,5 пати ќе биде подобар од стандардната верзија на авионот Ту-160.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња