Германски медиуми: На Западот ќе му требаат најмалку 15 години технолошки да го достигне С-500

Дмитриј Виноградов/Sputnik
Германскиот магазин „Фокус“ се осврна на наводите на највисоките руски офицери кои потврдија дека ПВО/ПРО-системот од нова генерација С-500 „Прометеј“ наскоро ќе почне да влегува во оперативното вооружување на Воздушно-космичките сили на руската армија. Во вистинска смисла, се работи за противкосмичко оружје од првата генерација.

Овој магазин реагира на информацијата дека перспективниот ракетен ПВО/ПРО-систем С-500 „Прометеј“ наскоро ќе влезе во оперативно вооружување на руската армија до крајот на тековната година. Во текстот се напоменува дека руското чудо од нова генерација во технолошка смисла ќе ги претекне аналогните американски и генерално западни системи за противвоздухопловна и противракетна одбрана за наредните 15-20 години, пренесува веб-порталот РГ.

Рускиот ПВО/ПРО-систем од нова генерација С-500 „Прометеј“ ќе биде во состојба да соборува хиперсонични ракетни и сателити во вселената. Во комплексот различни воздушни цели ќе се најдат и авиони-ловци со стелтни карактеристики (вклучувајќи и убојно воздухопловно вооружување кое се произведува на слични принципи).

Магазинот ги цитира зборовите на командантот на руските Воздушно-космички сили генерал-полковник Сергеј Суровикин, во кои тој го нарече ракетниот систем од нова генерација „првата генерација оружје на противкосмичката одбрана“.

 „Едноставно кажано, ракетниот ПВО/ПРО-систем од новата генерација за наредните 15-20 години ќе ги претекне своите конкуренти кои се наоѓаат на Запад“, констатира авторот на овој текст. „Уште во 2019 година кинеските воени експерти навестија дека „Прометеј“ ќе биде најнапредното противвоздухопловно орудие во составот на руската армија, а веројатно и во светот“.  

Авторот смета дека врз основа на проектираните тактичко-технички карактеристики на ракетниот ПВО/ПРО-систем С-500 „Прометеј“, а кои му овозможуваат борба со аеродинамични и балистички цели на далечини и до 600 км, ќе може да се употреби и за „уништување метеорити кои доаѓаат од вселената“.

Неодамна американските медиуми објавија информации пишувани во склад со сознанијата добиени од неименувани извори од воено-разузнавачки структури во кои се истакнува дека на тестирањето на перспективниот ПВО/ПРО-систем С-500 е соборен рекордот во далечина на пресретнување на воздушна цел. Имено, ракетата која притоа е лансирана ја погодила својата воздушна цел на далечина од дури 481,2 километри. Американскиот магазин „Национален Интерес“ (The National Interest) дојде до податоци во кои тврди дека при тестирањето е пресретната цел на далечина од 533 км.

Ракетниот ПРО/ПВО-систем С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар на воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летачки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на растојанија и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негово врвно оружје. За пресретнување балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.

Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека во однос на претходникот С-400 драматично ќе биде зголемена висината на пресретнување на воздушните цели. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња