Како да се препознае разликата помеѓу оригиналниот Калашников и неговите копии од цел свет?

Владимир Онокој
Генерално, кога странците ќе помислат на Русија веднаш на ум им паѓаат неколку работи: вотка, студена зима, убави жени, нo и автоматските пушки кои ги има создаденo познатиот Михаил Калашников.

Познатата автоматска пушка Калашников и понатаму е еден од најпрепознатливите симболи на Русија за која имаат слушнато и во најзафрлените делови на планетата.

Меѓутоа, оваа пушка, вклучувајќи и друго руско оружје, повеќе не се само симбол кој е поврзан за вооружените судири. Во голем број земји може да најдете цивилни и спортски верзии на познатата советска/руска автоматска пушка, како и од другите препознатливи модели стрелачко оружје. Луѓето ги користат во практичното стрелаштво, за лична одбрана, за лов, а преправените примероци се користат за потребите за снимање филмови и историски документарци.

Во текот на патувањата по различни делови на светот, луѓето од сите раси и националности многу пати ме имаат прашано: „Како можам да препознам кое оружје е произведено во Русија. Што е тоа што е препознатливо кај оригиналната верзија што се разликува од огромниот број копии?“.

Едноставно објаснување

Прашањето е апсолутно на место, зашто енормно е количеството автоматски пушки Калашников кои се произведени илегално, или преку лиценца, во десетици држави ширум светот. На пример, различни варијанти на автоматските пушки Калашников се составувани во дури 28 различни држави, кои сите според својот дизајн се специфични (се разликуваа од оригиналите).

Да ја земеме за пример стандардната автоматска пушка АК. Треба да се наведат неколку најважни работи. Наједноставниот пат е да се побара жигот на производителот кој се наоѓа од левата страна на сандакот на затворачот. Тоа е првиот показател преку кој може да се види каде е произведен конкретниот модел на автоматската пушка.

Во случај да е оригинална, ќе се види „стрела која се наоѓа во триаголник“, што во превод значи дека оружјето е произведено во фабриката во Ижевск. На жигот може да се наоѓа и симболот „ѕвезда“ што е карактеристично за производителот од Тула.

Останатите „Калашников“

Постои уште еден производител кој во последно време стана мошне актуелен, а станува збор за фабриката „Молот“ која е формирана во текот на Втората светска војна со цел снабдување на едниците на Црвената армија со пушкомитралезите кои биле повеќе од потребни. Во раните шеесетти години од минатиот век оваа фабрика била специјализирана за производство на лесните митралези РПК.

По распадот на СССР и повторното обновување на Русија, фабриката „Молот„ се стекна со завидна репутација кога станува збор за производство на цивилни спортски пушки од типот „ВЕПР“ (вепар – заб. прев.). Оваа пушка е позната по својот зајакнат надворешен дизајн кој ѝ дава робустен изглед. Таа стана мошне популарна кај многумина вљубеници во огненото оружје благодарение на зборовите на главниот актер од филмот „Снеч“ кој во една пригода вели „тешката пушка е добра, тешката пушка е сигурна. Доколку се случи да не работи добро, секогаш можете да неутрализирате некој што ќе распалите со неа“. Со оглед на тоа дека пушките од типот „ВЕПР“ се базирани на конструкција на лесен митралез, тие се навистина во голема мера потешки од останатите верзии на АК.

За точно да се идентификува потеклото на пушката „ВЕПР“ побарајте го жигот на производителот („ѕвезда во штит“) кој се наоѓа од левата страна на сандакот на затворачот. Секако, логото се наоѓа непосредно покрај серискиот број на пушката, така што е мошне лесно да се пронајде. Треба да се има на ум дека ознаките со букви на жигот и серискиот број на оружјето од руско производство главно се пишуваат на кирилица.

Авганистански копии

Додека работев во Авганистан и, имав видено многу копии на автоматската пушка Калашников кои се произведено во импровизирани племенски работилници кои се наоѓаат на територијата на Пакистан. Нивниот квалитет е мошне лош. Овие пушки се означени со латиница (обилно се букви и броеви со нешто поголем формат одошто на оригиналното оружје).

Во овој регион изработката на разновидно огнено оружје е едноставно традиција. Тоа е една од главните гранки на индустријата. Трговците со оружје се трудат своите фалсификати да ги приближат колку што е можно до оригиналната руска верзија на пушката зашто се надеваат дека во таков случај ќе добијат и повеќе пари.

Меѓутоа, она што тие тешко можат да го совладаат е мошне лошата граматика на рускиот јазик. На пример, од десната страна на оружјето се наоѓа селектор на пукањето кој на руската верзија на пушката е означен со кирилица (полуавтоматски и автоматски режим на работа, закочено). За среќа, голем дел од производителите на копии на ова оружје не е добра во руската кирилица, така што се присутни грешки кои лесно можат да се видат и со голо око.

Постои уште еден параметар кој е мошне важен за правењето разлика помеѓу оригиналот и копијата на рускиот АК. Имено, авганистанско-пакистанските копии се со значително послаб квалитет. Во Кабул налетав на неколку пушки кои воопшто не можеа правило да се употребуваат поради технолошката неусогласеност помеѓу цевката на пушката и гасната комора со регулаторот на гасови што е мошне важно во механизмот на работата на автоматското оружје. Поради тоа пожелно е да извршите преглед на секоја пушка (основните функции), без оглед на квалитетот на жигот и буквите кои се втиснати на сандакот од затворачот. Дури и за помалку искусните познавачи на стрелачкото оружје ова ќе биде сосема доволно за време на процената на исправноста и на потеклото на оружјето.

Останатите копии на советската/руската пушка имаат специфични идентификациски ознаки (особено кога станува збор за земјите од Источна Европа). Едноставно за ова може да се зборува со денови. Секоја верзија на автоматската пушка која по лиценца се има произведувано надвор од СССР има своја специфичност која се потпира на историјата на самиот народ, на политичката архитектура, технолошкиот прогрес и на производните можности на националната воена индустрија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња