Кинески медиуми за ракетата РС-28 „Сармат“:Тоа е кралица на сите интерконтинетални балистички ракети

Слободан Ѓукиќ
Нејзиниот ефективен дострел достигнува 18 илјади километри, а брзината на боевите блокови кои може да ги носи достигнува 20 Маха. Благодарение на својот полезен товар што може да го понесе, РС-28 „Сармат“ е во состојба да понесе рекордна количина независно насочени боеви глави со огромна разорна сила.

Во овој момент САД и Русија претставуваат две земји кои поседуваат најголем број оперативни нуклеарни боеви глави на светот. Нивниот вкупен број се движи во опсег од 3000-3300 боеви глави. Од тој број 1500 се наоѓаат во состојба на полна борбена готовност. Иако оваа цифра е значително помала отколку во периодот на Студената војна, таа и понатаму има апокалиптичен деструктивен потенцијал кој во случај на нуклеарна војна гарантира меѓусебно уништување од тотален размер, пренесува веб-порталот inosmi.ru.

Уште во првите години на Студената војна во СССР започнаа тестирања на најмоќната нуклеарна бомба која кога било е произведена од човечка рака. Во прашање беше хидрогенската „Цар-бомба“ чија експлозија имаше еквивалент на астрономски 58 милиони тони ТНТ-а (58 Мт). Меѓутоа, поради недостиг од адекватни средства нејзина ефективна примена, оваа бомба повеќе имаше симболично значење кое служеше за заплашување на својот противник. Токму од овој пример лесно може да се изведе заклучок дека квалитетот на самото нуклеарно оружје е значително поважен од неговите димензии, како и дека за негова употреба од необично значење е токму платформата што треба да го „испорача“ до зададената цел.

Што се однесува до стратешките ракетни сили кои се наоѓаат во составот на руската армија, може да се каже дека преку 50% од нејзиниот боев арсенал го сочинуваат ракети-носачи наследени од времето на СССР. Карактеристични претставници кои настанаа од советската школа се интерконтиненталните балистички ракети Р-36М (според класификацијата на НАТО - SS-18 „Сатана“), РС-18А (според класификацијата на НАТО - SS-18 „Стилет“), РС-12М (според класификацијата на НАТО - SS-25) и така натаму. Вкупната бројност на интерконтиненталните балистички ракети (ИБР) во сите три вида во овој момент може да се процени на 100 единици кои се вооружени со околу 400 нуклеарни боеви глави со различна сила (значителен дел на овие потенцијали претставуваат ракетите кои носат повеќе независно насочени боеви глави).

Во овој момент овие ракети можат да се оценат како застарени. Со воведувањето на противракетната компонента која во последно време забрзано ја развиваат САД, нивната ефикасност е сериозно доведена во прашање (повеќе не може да се гарантира 100% обем на возвратниот напад). Значи, во вакви сложени услови рускиот воено-индустриски комплекс итно мораше да направи обемни програми за модернизација на своите стратешки нуклеарни сили.

Во овој момент Ракетните сили за стратешка намена (РВСН) реализира програма за ревооружување на своите ударни единици со нови типови интерконтинентални балистички ракети. Тоа се пред сé унапредените „Топол-М“, „Јарс“ и „Сармат“. Без оглед што програмата за модернизација на интерконтиненталната балистичка ракета „Топол“ е завршена прилично одамна, таа поради недостиг на финансиски средства не е воведена во оперативното вооружување во планираниот капацитет.

Ракетата РС-24 „Јарс“ првпат беше јавно прикажана во 2015 година за време на воената парада на Црвениот плоштад. Од тој момент оваа ракета ја претставува основната ударна сила на руските стратешки ракетно-нуклеарни сили. Ефективниот дострел на оваа ракета се проценува на 11 илјади километри и за разлика од проектот за ракетата „Топол-М“, може истовремено да понесе до три независно насочени боеви глави, додека значително е унапредена и способноста за пробивање на непријателската противракетна одбрана.  

Покрај оваа ракета, Русија во последно време работи и на тешката интерконтинентална балистичка ракета која се базира во силоси РС-28 „Сармат“. Оваа балистичка ракета ја нарекуваат „Синот на Сатаната“, бидејќи според своите габаритни и тактичко-технички карактеристики претставува понатамошна еволуција на најмоќната советска ракета Р-36М „Сатана“. Според податоците кои се појавуваат во јавноста, оваа ракета е во состојба да ја погоди својата цел на далечина од дури 18 илјади километри. Таа е во состојба да понесе хиперсонични боеви блокови „Авангард“ кои гарантираат пробив низ комплетната структура на непријателската противракетна одбрана (брзина поголема од 20 Маха). Нејзините карактеристики обезбедуваат носивост и до 10 тони полезен товар, што е доволно за вклопување на 10-15 независно насочени боеви глави со голема разорна сила. Нема никаков сомнеж дека ракетата „Сармат“ заслужува да го понесе епитетот на „кралица“ кога се во прашање интерконтиненталните балистички ракети.

Според зборовите на командантот на Ракетните сили за стратешка намена на РФ Сергеј Каракаев, Русија во овој момент за забрзува утилизацијата на системите кои се наследени од периодот на СССР и се фокусира на програмата за 100% модернизација на својот ракетен потенцијал, која треба да се заврши до крајот на 2024 година. Исто така е важно да се напомене дека Русија не само што ги модернизира ракетно-нуклеарните ударни системи кои се базирани на копно, туку силен замав е направен и на модернизацијата на стратешките нуклеарни сили кои дежураат во морињата и океаните. Пред извесно време Русија ја усвои во вооружувањето модернизираната стратешка нуклеарна подморница „Кнез Владимир“ која припаѓа на класата подводни ракетоносци „Бореј-А“. Оваа стратешка подморница може да понесе и до 16 интерконтинентални балистички ракети со морско базирање Р-30 „Булава“.

Заклучокот што се наметнува после сите овие податоци не е тешко да се извлече. Нема никаков сомнеж дека Русија во годините и децениите што доаѓаат ќе биде во состојба во полн капацитет ефикасно да им се спротивстави на САД, и тоа како на копно, така и на море.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња