АКТУЕЛНО: Беспилотниот С-70 „Охотник“ го реализира својот прв лет во содејство со ловецот Су-57

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Перспективното беспилотно летало С-70 „Охотник“ го изведе својот прв лет заедно со ловецот од петтата генерација Су-57, наведува руското Министерство за одбрана. Претпоставката е дека овие две летала ќе се надополнуваат меѓусебно во борбените дејствија. Благодарение на интеграцијата на моќната радарско-набљудувачка и оптоелектронска опрема во руското тешко беспилотно летало „Охотник“, Су-57 ќе добие исклучителен партнер во воздухот, што значително ќе ги подобри неговите тактички способности.

За време на првиот лет беше реализирано содејство меѓу беспилотното летало и ловец Су-57 со цел „зголемување на радарската способност на ловецот и зафаќање на непријателски цели со употреба на современи средства за воздушен напади, се вели во соопштението објавено на официјалната фејсбук-страница на руското Министерство за одбрана.

Од министерството забележуваат дека целиот лет е реализиран во автоматизиран режим на работа, во временски опсег поголем од 30 минути.

Тестирањето на новиот борбен комплекс, направен од компанијата „Сухој“, се изведува на еден од специјализираните аеродроми на руското Министерство за одбрана за тестирање на перспективна воздухопловна техника, се вели во соопштението што го пренесува интернет-порталот „Взгљад”.

Од министерството нагласуваат дека беспилотното летало „Охотник“ е направено според аеродинамична шема „летачко крило“ со употреба на специјални материјали што го прават практично невидливо за непријателските радарски средства. Беспилотното летало има современа опрема која се состои од оптоелектронски систем, радарска станица и други уреди за извидување, наведува во своето соопштение руското Министерство за одбрана.

Неговите димензии се навистина импозантни. Распонот на крилата е 19 метри, што е за неколку метри повеќе отколку кај ловецот-бомбардер Су-34. Должината на леталото е 14 метри. Неговата полетна маса достигнува 25 тони, од кои 2800 кг отпаѓаат н смртоносен товар. На мали висини „Охотник“ ќе може да лета со брзина до 1400 км/час, додека неговиот максимален долет ќе достигнува 5000 км. Се претпоставува дека ова летало ќе се користи во пар со повеќенаменски ловец борец од петтата генерација Су-57, преку кој „Охотник“ ќе добива команди.

Западните медиуми кои внимателно ја следат реализацијата на овој проект сметаат дека основните задачи на беспилотното летало С-70 „Охотник“ се операции на извидување и противелектронска борба, како и дека неговите димензии се сосем доволни за можат да се применат современи типови воздухопловно оружје од класата „воздух-земја“.

Рускиот интернет портал РГ“ исто така објави текст во кој се констатира дека новиот беспилотен ударен дрон „Охотник“ ќе има сопствена радарска станица. Тие дошле до податок дека станува збор за радар со фазирана антенска решетка од непознат тип, со чија помош ова летало ќе може да открива широк спектар на копнени, поморски и воздушни цели. Во публикацијата се вели и дека перспективните модели на наведувани ракети од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“, кои специјално се развиваат за Су-57, исто така ќе бидат во арсеналот на „Охотник“. Се работи за средства кои според своите димензии ќе можат да се сместат во спремниците што се наоѓаат во корпусот на леталото.

Прочитајте повеќе: Ударен тандем: Ловецот од петта генерација Су-57 и тешкиот дрон „Охотник“ ќе делуваат во содејство