Западот обрна внимание на можностите на руското беспилотно летало „Охотник“

Скриншот на видеоснимката
Руското Министерство за одбрана соопшти дека главната задача на беспилотното летало С-70 „Охотник“ (ловец) ќе биде извидување и радиоелектронска борба, но димензиите на летало овозможуваат да се додадат ударни средства.

„Русите продолжуваат да тврдат дека беспилотното летало е направено од композитни материјали и специјална „стелт“ оплата, така што е практично „невидливо“ за радарите, но ова тврдење е сомнително со оглед на конструкцијата на апаратот. Пред сѐ, се работи за мотор кој нема ниту капак за да ги скрие трагите од издувните гасови, што може само да ѝ штети на таквата карактеристика на дронот како што е „невидливоста“. Тој проблем го прават и ладилниците и антените на леталото, иако еден број од тие елементи е веројатно монтиран само заради тестирање“, се наведува во статијата објавена на порталот The Drive.

Експертите на ова американско издание истакнуваат дека „Охотник“ според дизајнот потсетува на американскиот јуришен авион F-117 Nighthawk, кој е официјално „во пензија“. Двата авиона имаат ист распон на крилјата.

Американски F-117 Nighthawk

Конфигурацијата на крилата потсетува на американското беспилотно летало RQ-170 Sentinel кое претходно им доспеа во рацете на Иранците и кое, како што се претпоставува, било прегледано од руски стручњаци.

Наведениот портал претпоставува дека конструкцијата може да му овозможи на руското летало да развие суперсонична брзина, „макар и на кратки растојанија“. Според мислењето на авторот на статијата, „Охотник“ може да се користи како придружен авион во формација со најновите руски авиони Су-57, дотолку повеќе што е веќе добро познато за врската помеѓу овие две платформи.

Авторите на статијата претпоставуваат дека руските власти ни самите сè уште прецизно не утврдиле во кој капацитет ќе се користат овие перспективни летала, така што конечната концепција на нивната примена засега е во фаза на настанок.

Во средата, Министерството за одбрана на РФ објави видео од летот на најновото руско беспилотно летало „Охотник“ што се тестира на еден воен аеродром.

Сергеј Денисенцев, експерт на Центарот за анализа на стратегии и технологии, ја коментираше за весникот „Взгљад“ веста за првиот лет на „Охотник“ првиот ловец и го истакна успехот на тој проект.

„Многумина се сомневаа во овој проект, зборуваа дека тоа е „бесмислено“, дека „нема да полета“, итн. Но, првиот лет е изведен успешно. Сѐ беше направено во мошне краток рок“, рече тој.

Воениот експерт на магазинот „Арсенал Отечества“ Алексеј Леонков од своја страна истакнува дека леталото има изненадувачки карактеристики.

„Тоа е посебно според тоа што може да функционира во услови на ограничено и интензивно дејство на ПВО и во исто време може да носи оружје како внатре во апаратот така и надвор“, рече Леонков.

Според него, леталото ќе има далечинско управување, но исто така ќе има и можност за автономно извршување на задачите.

Воениот експерт Антон Лавров подетално го опиша редоследот на тестирањата. Во првата фаза ќе се изведуваат летови без оптоварување, т.е. „ќе се усовршуваат елементите на пилотирање во различни режими и различни временски услови“, потоа ќе се врши ќе тестирање „со полезен товар“. Тоа ќе потрае малку, а дури потоа ќе започнат државните тестирања и „Охотник“ ќе биде препорачан за сериско производство. Експертите истакнуваат дека ова е само почеток и дека „од првиот лет до следните фази на усовршување на беспилотното летало може да поминат и две-три години“. Затоа е сѐ уште рано да се извлекуваат заклучоци за перспективите на беспилотното летало „Охотник“, но, според експертите, „почетокот е многу успешен“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња