Руски и американски научници направија ласер за борба против астероиди

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Научниците од Самарскиот национален истражувачки институт „Корољов“ заедно со колегите од филијалата на Физичкиот институт „Лебедев“ на Руската академија на науки и научниците од универзитетот Емори (САД) направија ласерски уред од нов тип врз чија баз подоцна ќе можат да се прават ласери за заштита на Земјата од астероиди.

„Врз основа на слични ласерски уреди во иднина ќе биде овозможено создавање глобални системи за заштита од астероиди, како и компактни и моќни извори на кохерентно зрачење кое може да биде применето во индустријата“, го пренесува РИА „Новости“ соопштението на самарскиот универзитет.

Универзитетот исто така соопшти дека ласерот е заснован на концепт предложен од Мајкл Хевен, професор по хемија на универзитетот Емори.

Во уредот за полнење се применува сноп на диодни ласери, а во комората за празнење атомите на инертните гасови се трансформираат во метастабилна состојба во плазма што ја создава електричното празнење под притисок сличен на атмосферскиот. Во слична гасовита средина се формира далеку помоќен и поквалитетен сноп отколку кај полупроводничките ласери.

„Предложениот спој на технологии дава можност за создавања компактен ласер кој може да емитира непрекинато зрачење со сила од неколку мегавати. Покрај тоа, активната средина на таквиот ласер содржи само инертни гасови, што во голема мера ја поедноставува техничката реализација и овозможува создавање на хемиски инертна варијанта на ласерскиот уред, за разлика од ласерите на пареа на алкални метали“, објасни Хевен.

Според Павел Михеев, водечки научен соработник во лабораторијата „Физика и хемија на горењето“ на Самарскиот универзитет, научниците ќе го користат уредот за изнаоѓање оптимален начин за добивање метастабилни атоми на инертни гасови и ефективни режими на генерирање на ласерски сноп.

„Сега, кога го направивме уредот, експериментално ќе ги проучуваме физичките принципи на создавање таков систем, т.е. ќе испитаме како треба да се врши оптичкото полнење, како силата на полнењето влијае на концентрацијата на метастабилните атоми на аргонот и како концентрацијата на метастабилните атоми на инертните гасои зависи од притисокот на смесата“, истакна тој.

Според зборовите на Михеев, ласерскиот сноп од овој вид речиси да не се апсорбира во атмосферата, така што може да се користи за комуникација на големи растојанија или за пренос на енергија.

Од друга страна, шефот на одделението за физика и еволуција на ѕвездите на Институтот за астрономија на Руската академија на науки Дмитриј Вибе изјави дека џиновскиот астероид што се приближува на Земјата ќе биде на „огромно растојание“.

„Тој ќе се приближи на огромно растојание. Секој астероид влијае на Земјата само доколку падне на неа. На толкаво растојание нема да има никакво влијание“, ги пренесува RT неговите зборови.

Вибе смета да се работи за вообичаена појава, како што се вообичаени и димензиите на небесното тело, кое според процените е широко 190 а долго 430 метри.

Претходно во февруари 2018 година група научници од Московскиот физичко-технички универзитет (МФТИ), Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науки и два институти на државната корпорација „Росатом“ пресметаа со помош на ласерска симулација како со нуклеарни експлозии можат да се уништат опасни астероиди.