Во следниве 185 години низ сферата на гравитацијата на нашата планета ќе поминат 39 астероиди. Една од варијантите за заштита од нив е уништување на опасните вселенски тела на нивната орбита за време на оддалечувањето од Земјата. Ова неодамна го предложија сибирските научници.
Се проценува дека постојат над 11.000 астероиди кои периодично се приближуваат на нашата планета. Еден дел од овие небесни тела се опасни за Земјата. Врз основа на проучувањата на орбитата се откриени 39 такви астероиди.
Веројатноста дека големата грамада незабележливо ќе се приближи на нашата планета е практично еднаква на нула. Но, појавата на небеските тела чиј пречник е помал од 300 метри навистина може да биде неочекувана за човештвото. Доколку ваков астероид влезе во нашата атмосфера и падне, тој може да уништи огромен град или цела држава.
Огромен број научници од различни земји во светот работат на решавање на проблемите на промената на траекторијата на небеско тело кое претставува опасност за нашата планета. Изборот на начини за заштита зависи од големината на астероидот. Тој може да се измести од својата орбита или да се крене во воздух, па така да се распарчи.
Многу познати астероиди се враќаат кон Земјата со определена периодичност и секој пат нивната орбита е малку изменета. Научниците на Томскиот државен универзитет заедно со колегите од другите научни центри предложија ваквите потенцијално опасни космички објекти да се кренат во воздух кога ќе минат покрај Земјата.
„Со помош на суперкомпјутерот СКИФ Cyberia направивме модулација на нуклеарна експлозија која би го уништила астероидот, но така што неговите делови со голем степен на радијација да не стасаат на нашата планета“, вели за „Руска реч на македонски“ Татјана Галушина, соработник а Научноистражувачкиот институт за применета математика и механика на Томскиот државен универзитет. „Предлагаме астероидот да се ликвидира, но не кога се приближува кон Земјата, ами кога се оддалечува од неа. Тоа ќе биде многу поефикасно и многу побезбедно“.
Научниците за компјутерскиот експеримент за цел избраа замислено небеско тело со пречник од 200 метри, слично на астероидот Апофис, кој во 2029 година ќе се приближи до Земјата на 38 илјади километри. За да се уништи објект од вакви размери, потребна е детонација со еквивалент на експлозија од еден мегатон тротили, што е 50 пати посилно од атомската бомба фрлена на Хирошима во 1945 година.
Колку е овој метод безбеден и дали деловите од уништениот астероид ќе паднат на Земјата, доколку човештвото реши да ги уништува астероидите на ваков начин?
„Компјутерската модулација покажа дека во таков случај дел од астероидот ќе се претвори во гас и во капки, а друг дел ќе се распадне на парчиња, чиј пречник не е поголем од 10 метри. Оваа големина е максимално дозволена од гледна точка на безбедноста на Земјата. Доколку ракетата го удри астероидот одзади, тогаш практично сите делови од астероидот по уништувањето ќе одлетаат нанапред, односно во правец спротивен од Земјата“, објаснува Галушина.
Научниците истакнуваат дека според законите на физиката по определено време по експлозијата Земјата повторно може да се сретне со парчиња од уништениот астероид, зашто тие летаат по вообичаената орбита. Но, модулацијата покажува дека во тој случај метеоритското „бомбардирање“ ќе биде практично незабележливо. „Останатите парчиња се распрснуваат во орбитата и само незначителен дел од нив стигнува на Земјата. Во нашиот експеримент, на Земјата стаса еден од 100.000 парчиња“, истакнува Галушина.
Постојат и такви кои ја критикуваат новата технологија. Според зборовите на колегите од Томскиот политехнички универзитет, засега е тешко да се замисли реализација на резултатите добиени на суперкомпјутерот. Критичарите на новата технологија истакнуваат дека потребна сила има само експлозија на атомска боева глава, а во космичкиот простор е забрането користење нуклеарно оружје. Освен тоа, засега не е решен ниту проблемот со стасување на проектилот до астероидот и со прецизното погодување.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче