„По вчерашната комуникација со @KremlinRussia и уште еден неидентификуван учесник во радиоврската, мојот оператор Александар Скворцов три пати ѕиркаше низ отворот на одделот за погон во мојот брод и ми ја покажа оваа комбинација на шаката на десната рака“, напиша роботот на „Твитер“, додавајќи фотографија од Скворцов кој покажува подигнат палец.
Во вторникот во павилјонот на „Роскосмос “ на аерокосмичкиот саем „МАКС-2019“, што го посети Путин заедно со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, лидерите на двете земји преку видео-линк разговараа со космонаутите на Меѓународната вселенска станица Александар Скворцов и Алексеј Овчинин, потсетува РИА „Новости”.
На 24 август, рускиот вселенски брод „Сојуз МС-14“ не успеа да се поврзе со малиот истражувачки модул „Поиск“ (МИМ-2) во составот на Меѓународната вселенска станица. Во понеделникот рускиот космонаут Александар Скворцов, со поддршка на астронаутите Лук Пармитано (Италија) и Ендрју Морган (САД), рачно го одвои бродот со екипаж „Сојуз МС-13“ од модулот на Меѓународната вселенска станица „Ѕвезда“ за да направи место „Сојуз“ со роботот Фјодор. Притоа Скворцов употреби минимална количина гориво и постави рекорд во извршувањето на оваа операција.