Новиот космички робот, конструиран во Русија, ќе им стане колега на руските космонаути. На крајот на октомври за него зборуваше вицепремиерот на Русија Дмитриј Рогозин, кој е одговорен за реализација на воените и на космичките проекти.
Според плановите на конструкторите, многуфункционалниот хуманоиден робот FEDOR (Final Experimental Demonstration Object Research — , абревијатурата е и популарно руско име: Фјодор) ќе ја започне својата работа на МКС во 2021 година. Тој може самостојно да носи одлуки и да работи не само во космосот, ами и на Земјата за време на вонредни ситуации.
„Во својата работа на вселенскиот брод, а исто така и во отворениот космос и на другите планети космонаутите ќе се потпираат на роботите. Главни ќе бидат оние кои можат да функционираат во исти услови како и човекот. Нивните можности соодветствуваат на човечките, а според некои карактеристики и ги надминуваат“, вели за „Руска реч на македонски“ раководителот на проектот првиот човек на Националниот центар за развој на технологии и на базични елементи за роботехника Сергеј Хурс.
Како што забележува Хурс, за антропоморфните роботи не се потребни специјални инструменти, уреди и транспорт. Нивната задача е да ги заменат луѓето во опасни услови, да ја преземат на себе тешката и рутинска работа, да ги зачуваат силите и интелектот на човекот за посериозни задачи.
Според Хурс, идејата за создавање робот била реализирана за 2.5 години. Проектот е поддржан од Фондот за перспективни истражувања, а го реализирала компанијата „Анфроидна техника“. Во процесот на создавање на Фјодор биле разработени 14 нови технологии, кои се наоѓаат во основата на комбинираното управување на основа на повратни сензорски врски.
Според научникот, Фјодор ќе може да го замени човекот во зони кои се опасни за неговиот живот и за неговото здравје. Притоа антропоморфниот робот може да дејствува во инфраструктура која е погодна за човекот.
На орбитата веќе работат аналози слични на Фјодор. Тоа се SAR-400 и SAR-401 од руско производство, американските Robonaut и Robonaut 2, германскиот AILA и кинескиот Хiaotian. Во САД е создаден роботот Волкер, кој НАСА го подготвува за долгорочна експедиција на Марс, каде андридите од ваков тип ќе се занимаваат со изградба на ќелии.
Фјодор може да извршува функции на спасувач, на пиротехничар, на нуркач. Ова е петти вид робот-андроид што го има создадено „Андроидна техника“ – првите четири беа конструирани по нарачка на Министерството за вонредни состојби. РКК „Енергија“ создава лабораторија каде ќе се формираат целите и задачите за првиот космички лет на Фјодор, вели Хурс.
Заедничката работа на космонаутите и на роботите за време на долгорочните летови во последниве години стана задолжителен дел од истражувањата на МВС. Главната задача на конструкторите од целиот свет е тие да бидат почувствителни во однос на проблемот за безбедност. Роботите треба да бидат „повнимателни од човекот“, велат конструкторите. Кога оваа задача ќе биде постигната, андроидите ќе ги научат да не ги оштетуваат околните предмети, самостојно да се движат во просторот и да работат во услови на ограничен простор на вселенскиот брод.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче